Денешна дата
21/08/2017

Македонски марш кон изолација

Таму каде се сите Нас не нема. Македонските личности, во повеќе наврати, не се на култните настани и места каде се светските, европските, регионалните лидери. На цивилизацискиот ден, по маскарот во Париз, кога гласот на тишината го замени громогласниот отпор против насилството и опасноста од судир на верскииот фанатизам, Премиерот Груевски одлета за Индија.

Претседателот пак на Македонија неможеше да најде авиопревоз за Орли или Шарл Де Гол, иако од аеродромите во Келн, Брисел, Амстердам, со воз се стига за 2-4 часа. Какви ступидни објаснувања – официјалниците во Скопје не знаеле дека во Париз се лета без протоклорани покани, официјални позиви. Секој со својата свити, со сопствените државнички или лидерски проценки. Ако не знаеле домашните политичари – што ли прави македонскиот амбасадор во Париз Агрон Буџаку? Доколку тој во Франција бил неинформиран зошто молчеле амбасадорите од светските престолнини? Тие, само да се придржувале кон вештината да ги следат или слушаат дипломатските вибрации и информации во нивните дипломатски кулоари, на толку неформални и формални приеми и контакти, барем еден од 40-тината (не)заслужени и аналфабетски македонски дипломати, ќе испратеше една дипломатска депеша дека во Франција се оди веднаш и без повик. Заспани биле амбасадорите во Лондон, иако Камерун отиде преку Ла Манш, па и тој во Турција иако Премиерот Давитоглу е верен пријател на Македонија, па на пример амбасадорите во Софија или Загреб од каде одлетале, со сите внатрешни невољи, премиерите Борисов и Миловановиќ. Да не го споменуваме највештиот регионален актер ( и во буквална смисла ) Рама, кој со четворица свештеници и трите моливи во боја на фарнцуското знаме се сликал на една од улиците околу Шанзелизе! Само да гледале вести, ќе знаеле.

На крајот, ако сите што ги испраќаме и ги плаќаме, со наши пари, преспале една своја амбасадорска обврска, што ли работат толкуте советници и дипломати во МНР? Зошто пак тие не го предупредиле министерот Поповски, наместо да оди во Парламент на соочување за образованието, дека требаше да се посвети на светските “дешавки”, па и самиот да замине во поворката и маршот за Европа.

Останавме со четивата што Претседателот на Македонија, во резиденцијата на Водно, веројатно (само)задоволно ги читал коментарите на мејнстрим загарите во македонското новинарство кои пишуваа во стилот – Нека ви е?! Арно ви беше кога молчевте за Смилковце, Сопот.., за бомбардирањето на режимот на Милошевиќ и бастионот на неговата пропаганда…?

И не е прв пат македонските лидери да не излегуваат од провинционализмот во меѓународните настапи. И предходниот претседател на Македонија, поради “студените јануарски денови”  2005 година, не замина за Полска. Поради тогашната веќе традиционалната нетрпеливост со тогашниот премиер, ниту Црвенковски, ниту Бучковски, беа меѓу 40-те светски државници на антифашистичката коалиција, од Жирак, Чејни, до Путин, Дрновшек, Месиќ… А во германските концлогори, завршија над 7000 евреи од државава.

Македонија и во двата случаи беше, пред седум децении дел од антифашистичката Антанта, а од пред една декада е дел од современите антитерористички сојузи во Ирак и Авганистан. Нашава држава се наоѓа на невралгичната зелена трансверзала на џихадизмот, а Балканот е ровка почва за негово дејствување.

Замислете една македонска делегација во Париз во која би биле и верските поглавари на МПЦ и ИВЗ – Стефан и Реџепи. После толку семинари и верски дијалози во Швајцарија постоеше елементарна надеж дека барем Божиќ и Курбан Бајрам ќе бидат повод за взаемни честитања. Тие и натаму се закопани во своите националистичко-религиозни повици, а во овие три години владее молк во комункиацијата на поглаварите на двете најмасовни верски заедници. Па нели Господ е еден Христос и Мухамед?! Да се потсетиме на историските патеписи од времињата на Отоманијата и традиционалниот животот на карши – капиџик, на кохабитација во џамиите и црквите.  Не, и тоа не го слушаме повеќе…

Само Обама и македонските челници одсутвуваа од најмасовниот граѓански, интернационален ден за антимилитаризација, верска и расна сегрегација. Но американскиот печат не му ја простува оваа дупла игра на Претседателот на САД . Од една страна да ја форматира и предводи антитерористичката битка со радикалниот и воинствен исламски фундаментализам, чии водачи се обучувани и од нејзините тајни служби, а од друга страна, поради засебноста на американскиот концепт на позитивна граѓанска асимилација на различни религии и раси, да се дистанцира од европската експлозија на ИСИЛ. Но, остри критики од американскиот печат се адресирани до Белата куќа.

„Го изневеривте цел свет“, пишува на насловната страна на „New York daily news“, по апстинецијата на Обама.

Единствената светла медиумска точка дојде од ТВ Сител иако таков уреднички потез требаше да се очекува од Јавниот сервис. Дописникот од Брисел беше испратен во Париз покажа репортерска способност и вештина. Успеа да ја долови тамошната атмосферата, да направи приказ на реакции и на парискиот отпор да му даде значење на цивилизациски марш во знак на поддршка за жртвите од исламистичките напади кои загинаа за време на трите крвави денови во Франција. Ако со неговите непосредни извештаи се отвореа вестите, а не со престојот на Груевски во Индија, тогаш оваа телевизија ќе покажеше врвен уреднички сенс за настанот што ќе го обликува светот. Но и со оваа фалинка, барем една македонска телевизија излезе од медиумскиот провинционализам и самодоволност во следењето на овдешните локални политичари, со свои  репортер и камерман од Париз. Тие ни ги пренесоа реакциите за подршка на слобода на мислата, говорот, новинарските жанрови и текстови.

Разочарување е и одзивот на новинари и јавни личности во Скопје на маршот за подршка на новинарите, слободата на изразот, со француските колеги и интелектуалци, со Французите и Европјаните. Новинарскиот синдикат на македонија ноншалантно го организира собирот во Скопје. Бевме под елементарната храброст да се биде и да се манифестира јасна солидарност.

И на новинарстовто му треба Пленум, а студентите, таа наша нова генерација на Четврта Македонија, би требало да ги организираат идните курсеви за новинарска слобода и креативност, храброст и одважност.

Заслужува репринт еден прочитан коментар. “Слободоумниот новинар стана најголемиот плен и трофеј на идеологијата. Поради тоа и нè убиваат, со цел да испратат јасна порака до сите оние кои размислуваат, што ги чека ако ги изговорат своите мисли. Тажен парадокс”, вели Мунир Подумљак.

Над два милиони слободарски граѓани  во Франција маршираа преку “Булеварот Волтер”. Авторот на слободоумниот сарказам, овековечен во Кандида, бонвиванот кој има напушано над 20 илјади писма, 2000 книги и памфлети, Тој, Франсоа Мари Аруе – Волтер, пред пет века, го напиша светото писмо за слободна мисла:

„Јас не се согласувам со ниеден ваш збор, но готов сум да умрам за вашето право да ги кажете“.

Затоа Париз, по Француската револуција, го враќа повеќеслојното и првокласно значње на Братството – fraternité.

Слобода, еднаквост, братство(Liberté, égalité, fraternité) – колку да се потсетиме на светото тројство од Париската комуна и Универзалната декларација за граѓанските слободи.

Париз, како да ми ја потврдува ТВ – новогодишна мисла на претседателот на МАНУ, академик Камбовски – На Македонија и треба враќање кон изворното значење на универзалниот принцип – Братство

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

Оставете коментар

Коментар(и)

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)