Денешна дата
17/12/2017

„Пленумците“ ќе протестираат, блокираат и бојкотираат настава

„Не е реформа ако не исселува од дома“, „Кому водите инает?“, „Слушнете ја иднината“, „Ако не завршам факултет можам да бидам министер“, „Кого претставувате?“, „Автономија“, беа дел од пораките на студентите кои заедно со своите професори и сограѓани денеска го окупираа просторот пред Собранието. Протестниот собир беше насловен „Пратениците го трчаат почесниот круг“, како симболичен реформски маратон на Студенсткиот пленум. Додека во Законодавниот дом се подготвуваше втората пленарна седница за „аминување“ на измените во високото образование, насобраните со громогласен аплауз, честитки, скандирање „УА“, но и со свирчиња, пароли и црвени маратонски ленти го искажуваа своето несогласување со предложените реформи. „Ајде да ги бодриме маратонците во нивната тешка трка – кој прв ќе стисне „ЗА“ законот и упропастување на образованието“, извикуваа студентите додека од голем звучник репризно се слушаше „Ропска Македонијо“.

Одѕвонуваше во главите на присутните. Меѓу нив имаше и средношколци, студенти, пензионери… Се вивнаа стотици пораки со испишано „Не!“.

Од Студентскиот пленум сметаат дека, доколку денеска се изгласаат измените, Владата ќе го држи во рака високото образование, и нема да има наставна програма без владин благослов. Потсетија дека секој што полага испит ќе биде емитуван на интернет. Деканите ќе одат во затвор ако не почитуваат законски одредби. Потоа дека секое паѓање на испит по вториот пат се плаќа, а секој нареден пат по двеста евра.

„ Денеска 10.000 да мрзнеме до вечер пред Собрание нема да им направи никаква разлика на господата и дамите внатре. Пратениците денеска гласаат реформи во високото образование. Ако тоа се случи, некој одбор од професори, избрани од нашиот драг министер Адеми, според новиот закон ќе примаат плата колку седум македонски плати? За законите околу доцнењето со студиите или запишувањето со магистерските не беше прашан ниту еден факултет. Сите писма и повици кои ги испративме до надлежните беа игнорирани. Никој досега не го оспори нашиот аргумент дека овие закони грубо го прекршуваат Уставот на Македонија. Ако законот се донесе, уште утре можеме да ги распуштиме универзитетите, а диплома да земаме лично од господинот Адеми, откако ќе ни постави пет квиз прашања“, рече пред насобраниот аудиториум Ана Лешовска од Студентски пленум.

Protest sobranie studneti (2)

Студентите упатија и прашања до министерот Абдулаќим Адеми и Владата – дали да си носат партиска книшка на испитот, или, пак, како што велат, само за интервју за работа? Сметаат дека е нелегитимно да се води т.н. јавна дебата, откако законот веќе е влезен во собраниска процедура. Потенцираат дека не е недостижен сонот што зборува за слободоумие и демократија, па доколку се усвојат измените на Законот за високо образование, пленумот ќе продолжи борба со сите можни вонинституционални мерки.

„Го земаме тоа право, чувствуваме граѓанска одговорност да ја заштитиме слободната мисла. Авторитетите не смеат да бидат апсолутни, па затоа ќе бојкотираме, блокираме и окупираме. Овој протест денеска е симболичен. Знаеме дека институциите пред кои стоиме се трули. Имам до нив само една порака – Универзитетот е наш и повторно ќе го преземеме. Дај да продише и граѓанскиот активизам, има и живот надвор од партија“, рече Лешовска од Студентски пленум.

И Професорскиот пленум го чека денешниот собраниски исход, но и дали претседателот Ѓорге Иванов ќе потпише или ќе им стави вето на измените, па, оттука, ќе заземе став и ќе се насочи кон т.н. граѓанска непослушност. Ова значи дека ќе се обидат да ги поттикнат сите официјални универзитетски тела, деканати и ректорати повторно да го потврдат претходниот негативен став кон законските измени. Потоа, во координација со академската заедница и студентите ќе започнат инвентивен бојкот на наставата.

„Мислам дека како фела и профил на луѓе, на некој начин не ни доликува таа да биде манифестирана само како бојкот од „нулта категорија“, односно бојкот со пасивност, неактивност и празнотија. Тоа ќе биде бојкот со разни инвентивни, но не помалку драматични и впечатливи активности. Суштината не е да замрзне факултетот, туку токму обратното – да процути. И тоа во онаа форма која никој не ја очекува. Еден од начините е раздвижувањето на професорите и на студентите низ факултетите и универзитетите, односно нивно напуштање на матичниот и гостување на некој друг. Канење на студенти што се занимаваат со уметност, алтернативни форми на култура па и наука, да присуствуваат надвор од своите факултети и со свои активности да го блокираат и елиминираат класичното стереотипно неинвентивно и конзервативно функционирање на факултетите како „засебни лонци“ кои не комуницираат еден со друг“, појаснува професорот д-р Никос Чаусидис, дел од Професорскиот пленум.

Покрај другото, Чаусидис потенцира дека постојат иницијативи професорите и нивните помлади соработници да одржуваат отворени предавања. Не само за оние за кои ваквите предавања се предвидени според наставните програми, туку и на студенти од други катедри, факултети, универзитети, па и пред други професори од различни научни дисиплини. Исто така, има и идеи за одржување на т.н. „професорски дуели“, „професорски мегдани“ – двајца професори еден по друг да држат предавање на иста тема, еден наспроти друг, дури и контрадикторни по својот концепт, со можност и студентите, преку нивната академска конфронтираност и полемика, да формираат и личен став.

„Со овие и многу други акции имаме намера да ја поттикнеме интердисциплинарноста, отвореноста на факултетите и особено отвореноста на умот и на студентите. Нивното критичко мислење, градењето личен став за содржините од предавањата – способности кои на ниеден начин не можат да се проценат ниту оценат преку идиотските заокружувања во тестовите од фамозниот Државен испит. Уште една наша цел е зближување на професорите и студентите односно градење на взаемна почит и доверба меѓу нив. Процес кој деновиве влезе на голема врата во нашите универзитети“, вели Чаусидис, потенцирајќи дека тоа е единствениот предлуслов за целосно елиминирење на новопредложениот Закон за високо образование и воведување нов, на кој, како што најавува, Пленумот веќе започнал да работи.

Законските измени изминатава сабота во 3 часот по полноќ, по цели 17 часа расправа и претрес на 150 амандмани, ја минаа и втората фаза на матичната Комисија за образование, наука и спорт. Не е во прашање само државниот испит. Пратениците на пленарната седница денес ќе гласаат пакет мерки за реформи и за основното, средното и високото образование. Тука е вклучен и Законот за Педагошки факултет, Законот за наставниците во основно и средно образование, Законот за формирање Академија на наставници и предлог-Законот за обука на директори на средни и основни училишта и предшколски установи.

Професорот Абдулменаф Беџети веќе потенцираше дека покрај сите досегашни законски измени, особено 15 такви фрагментирани промени во последните шест години, високото образование е, како што смета, доведено во кошмар. Истовремено, профосорката Гордана Силјановска  се осврна на проблемот со Одборот за акредитација и евалуација, чии членови ќе бидат избрани од Собранието.

„Нашите аргументи се на долго и на широко елаборирани на 130 страници. Ние укажавме на основната одредба врзана за автономијата на универзитетот и законските одредби. Во тие решенија има многу спорни одредби, од типот на Одборот за акредитација и евалуација, во кои навистина ќе седат избрани луѓе на конкурс, професори, меѓутоа по аминот или по изборот од Собранието. Тоа, сепак, се заканува со опасност од политизација, Собранието е политички орган, не е Академија, значи тоа е надвор од досегашното функционирање и профил на овој Одбор. Ја потенциравме и опасноста со предложеното снимање на студентите за време на испитите да се наруши приватноста на студентите“, рече Силјановска по средбата со претседателот Ѓорѓе Иванов, од кого Професорскиот и Студентскиот пленум во понеделникот побараа да не го потпише указот за прогласување на законските измени. Без да навести дали ќе го стави вето или не, Иванов на студентите и на професорите им соопшти дека ќе постапи „во својство на државник, на претседател, а не на професор“.

Со шефот на државата вчера се сретна и таборот на контра-пленумците, односно  Граѓанската иницијатива за поддршка на реформите во високото образование. Како свој аргумент државниот испит го поостоветуваа како еден од механизмите за поквалитетно образование, кој не ја нарушува автономијата на универзитетот. Истовремено, Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ побара од Собранието да има темелни проекти и пилот-проект за државниот испит во високото образование.

Protest sobranie studneti (1)

Ако се направи мала ретроспектива, се чини, целиот жар низ академските кругови се разгоре на почетокот на октомври, кога Министерството за образование интензивно почна да турка измени во Законот за високо образование за, практично, концептот на екстерно тестирање да се воведе и на факултетите. Одекнаа новите владини мерки – сите државни и приватни универзитети на крајот од втора и од четврта година од студиите ќе полагаат државен испит. Доколку не ги положат испитите, и покрај сето претходно вложено време, едукација, следење настава, пари за книги, семестри и за престој по домовите, студентите нема да можат да го продолжат школувањето и да земат диплома. По ова се отвори дебата низ академските кругови. Со „Студентски пленум“, симболично на 17 ноември маршираа две-три илјади незадоволни студенти и и’ порачаа на Владата дека „екстерното тестирање е Титаник на високото образование“ , а истовремено побараа оставка од министерот Абдилаќим Адеми. Протестнот марш го означи Меѓународниот ден на студентите – знак на сеќавање на деветте студенти и професори кои во 1939 биле јавно, без претходно судење, егзекутирани во Прага, а илјадници нивни другари испратени во германските концентрациони логори поради масовни антинацистички студентски демонстрации.

Пароли на македонски, албански и англиски јазик, свирчиња и извици ечеа и на 10 декември, Меѓународниот Ден на човековите права. На маршот од УКИМ до Влада се собраа близу 10.000 млади луѓе, кои отворено ги повикаа сите колеги, професори, родители, ученици, членови на политички партии и подмладоци, новинари, граѓански организации, синдикати… Остварија масовен наднационален, надетнички, надрелигигски и надпартиски протестен марш. Се здружија студенти од цела Македонија. Од сите универзитети. Наместо аналитички пристап кон развојот и кон унапредувањето на образовниот систем, студентите побараа неизнасилени измени во законската рамка. Поддршка се појави од студентскиот фронт од Србија, интернет-револуцијата пренесе транспаренти од цел Балкан, Албанија, Холандија, Канада, САД… Концептот за државен испит еден по еден го отфрлија многубројни факултети. Против вака срочениот испит се потпишаа обединети професори, асистенти, предавачи и научни работници од државните и од приватните образовни институции. Со отворено писмо до Владата застанаа на страната на студентите. Упатија остри критики до државниот интервенционизам во автономијата на Универзитетот, како знак на непочитување, непризнавање и потценување на национална академска заедница. Се роди „Професорски пленум“. Се роди и Граѓанска иницијатива за поддршка на реформите во високото образование. И едните и другите испратија свои аргументи до јавноста, одржаа собири, соопштенија стигнаа и до Европската делегација.

Неколку илјади студенти и професори беа дел и од протестот што се одржа на 26 декември пред Владата. Тогаш за прв пат Собраниската комисија ги разгледуваше законските измени во целата област на образованието. Законите минаа и на 29 декември, на првото читање на пленарна седница во Законодавниот дом. Следеа нови писма, нови апели до институциите, премиерот, до целата јавност… Студентите заедно со колегите не планираат да запрат, односно, ќе пробаат да ги искористат сите правни механизми, а новиот Закон да се оспори пред Уставниот суд. Се надеваат дека судот, чија улога е да го штити уставниот поредок, ќе се произнесе негативно кон ваквите образовни реформи. Потоа следуваат вонинституционални протести.

Уредник: Стојанка Митреска

 

Оставете коментар

Коментар(и)