Денешна дата
26/06/2017

Пораки до власта: нема да ги исплашите и да ги замолчите новинарите!

Ако двете години казна затвор за новинарот Томислав Кежаровски беа начин власта да ги заплаши новинарите, тогаш тоа не ѝ успеа, изјави претседателот на Здружението на новинари (ЗНМ) Насер Селмани на денешниот собир пред Апелацискиот суд Скопје каде здруженија на новинарите го искажаа револтот поради донесената одлука.

Организаторите во вторник (20 јануари) ќе одржат нов протест пред Апелацискиот суд и ги повикаат сите граѓани да дојдат и да дадат поддршка!

Kezarovski protest Sud (5)

„Такви калкулации ние не прифаќаме, затоа што само еден ден затвор е многу за невин новинар и е голема казна која предизвикува голема штета врз слободата на говорот и слободата на медиумите. Апелација сака да не убеди дека државата никогаш не греши и со тоа сака да не обесхрабри како новинари критички да ја опсервираме работата на државните институции. Ако власта сакала да не уплаши се излажа дека ќе не замолчи и како никогаш порано сме сплотени во одбрана на Кежаровски, затоа што сите сме Кежаровски“, изјави Селмани.

Тамара Чаусидис од Синдикатот на новинарите (ССНМ)  изјави дека со тоа што Кежаровски е осуден на затворска казна, е осудено цело новинарство.

Kezarovski protest Sud (9)

Кежаровски е невин и македонското новинарство е невино. Ние како новинари нема да замолчиме и да ја прифатиме одлуката на судот затоа што тоа е замолчување на новинарите. Во името на ССНМ ги повикувам сите новинари, роднини, пријатели, но и целата јавност да се солидаризираат во борбата за чесно и професионално новинарство кое ќе ја разобличува власта, а ќе му помага на малиот човек. “, изјави Чаусидис.

Експертите, пак, не сакаат да коментираат дали одлуката на Апелацискиот суд Скопје е исправна или не.

Адвокатот Владо Џивлиџиев вели дека судиите што работеле на случајот „Ликвидација“ треба да дадат образложение зошто донеле таква одлука каква што донеле. Тој објаснува дека нема ништо незаконски во тоа што Апелацискиот суд му досуди две години затвор на Кежаровски, иако законски предвидениот минимум е четири години затвор за откривање идентитет на заштитен сведок, кривичното дело за кое што беше осуден новинарот.

Kezarovski protest Sud (10)

„Иако сега на сила е новиот Кривичен законик според кој судот не може да изрече казна под дозволениот законски минимум, сепак во одлуката на Апелацискиот суд нема ништо спорно затоа што претпоставувам дека на новинарот Кежаровски му се судеше според стариот закон бидејќи делото за кое што се осуден е извршено во 2008 година. Во случајов судот одлучил да му ја намали на минимум првичната казна на Кежаровски и тоа под дозволениот законски минимум кој не може да биде помал од две години “, вели Џилвиџиев.

Kezarovski protest Sud (2)

Новинарот Томислав Кежаровски ќе треба да одлежи две наместо 4,5 години затвор, соопшти Апелацискиот суд Скопје.  Намалени се казните и на другите петмина осудени, а за двајца предметот е вратен на повторно судење. Од судот не соопштија дали Кежаровски ќе остане во домашен притвор до правосилност на пресудата или не.

На 21 октомври 2013 година, кривичниот суд Скопје 1 го осуди новинарот Томислав Кежаровски на 4.5 години казна затвор за, како што образложи судот, откривање на идентитет на заштитен сведок во истражувачки текстови објавени во 2008 година во весникот „Репортер 92“.

Kezarovski protest Sud (6)

Новинарот беше притворен во мај 2013 година и помина речиси шест месеци во затворот во Шутка. Од ноември месец 2013 година, тој е во домашен притвор.

Апелацискиот суд Скопје вчера, исто така им ги намали казните на уште петмина осудени, а за двајца случајот го врати на повторно судење.

Уредник: Стојанка Митреска

Оставете коментар

Коментар(и)

opetceska@inbox7.mk