Денешна дата
24/10/2017

Пука ли браната во владата?

Некои луѓе го прашале славниот грчки филозоф Аристотел нешто за планетите. Тој кратко им одговорил дека не знае. А зошто те плаќа толку многу кралот кога ти не знаеш?! – додале тие. Па тој ме плаќа за тоа што го знам. Да ме плаќаше за тоа што не го знам, целата државна каса немаше да биде доволна за да ми плати – одговорил тој. Тој веројатно сакал да каже дека добрите работи имаат граница, а лошите не. Типичен пример за тоа сме ние, кои скапо плаќаме луѓе кои не знаат ништо, а и не сакаат да научат. Дури знаењето го сметаат за нешто што му припаѓа на ѓаволот. Ние сме уникатни во светот по тоа што водачите не само што не знаат ништо од тоа што треба да го знаат, туку уште полошто – тие не знаат ниту за етика, ни за совест, уште помалку за морал и одговорност.

Пред две години, тогашниот германски претседател Кристијан Вулф поднесе оставка, затоа што медиумите обелоденија дека за време кога бил премиер на една покраина добил кредит за покуќнина од една банка со помала камата од вообичаенато! Јавниот обвинител побарал одземање на имунитетот за да може непристрасно да преземе дејствија. Минатата година, две министерки во јапонската влада, таа за правда Мидори Мацушима и таа за индустрија Јоко Обучи, поднесоа оставки само поради тоа што медиумите пишувале за некаква мала финансиска малверзација. Пред два месеци, португалскиот министер за внатрешни работи Мигел Маседо поднесе оставка само поради критиките од медиуми дека не дејствувал соодветно во аферата „Златни визи„ поврзана со еден странски инвеститор.

Дури и во тие држави кои до вчера ги нарекувавме “банана држави“ вредат некакви елементарни правила за одговорност. Така, пред некое време премиерот на Хаити – Лорент Ламоне поднесе оставка поради социјалните незадоволства во државата кои резултираа во големи протести. Ја прифати одговорноста поради тоа што не успеел да направи нешто повеќе во полза на подобрувањето на состојбата. Дури и во едни номадски држави властодржците се соочуваат со сопствен морал. Така, премиерот на државата Мали – Муса Мара поднесе оставка оти не успеел да направи доволно во насока на смирувањето на меѓуверските односи во државата. Дури и во нашето непосредно соседство имаме добри примери. Пред некој месец, црногорскиот министер за здравство си поднесе оставка поради некоја масовна инфекција во болницата во Бијело Поље, каде што почина едно бебе.

Има уште безброј случаи каде што влади, премиери, министри и други носители на јавни функции поднесувале оставки дури и за, по нас, банални причини. Меѓутоа, совеста е таа што ги има натерано на таков чин. Нашите водачи не ги гризе совеста бидејќи воопшто ја немаат. За нашите водачи не се ништо мага-аферите од типот “Македонска Банка“ “Загорац“ “Актор“ “станови“ “милионче“ и многу други. За нив нема тежина социјалната и економската хаварија во државата! Голема работа што исчезнале околу пет милијарди евра од државата! Проблемот што долгот е дуплиран иако немаме ништо изградено освен пералницата “Скопје 2014“ и не е некаков голем проблем! Направивме чисти пари ама валкан образ! Не значи ништо тоа што луѓето се соочуваат со колективни трауми, со убиства и секоjдневни самоубиства! Па што ако пропадна пописот?! Се крадеа гласови, се фалсификуваа исправи, па и тоа нема некое значење! Егзодусот на половина милион млади надвор го прогласија за успешен туризам! Дури не е некаков проблем ни тоа што во куќата на министерот за транспорт и врски се регистрирани фирми што добиваат повеќемилионски тендери! Ги прашувам овие луѓе – што уште треба да се случи за да понесете некаква, барем морална, одговорност?! Треба да падне некој астероид од вселената по ваша вина за да превземете некаква одговорност?! Ама и тогаш ќе го обвините Севишниот!

Зарем не е за оставка и одгoвoрност тоа што 15 пати го менуваат законот за високо образование и пак за катастрофата се виновни професорите и студентите! Вакво понижување на професорите не направил ниту Хитлер, кој сепак имал почит кон универзитетите. Секој нормален се прашува што уште треба да се случи за да сноси одговорност некој од власта!? Ваква неодговорност не е видена ниту во Колумбија каде што владеат нарко-картели и банди! И во светот на животните си има некаков инстикт за рационалност, а кај нашето водство не! Овде љубовта кон туѓите пари создава голема омраза кон сите други. Какво суштества треба да се овие чиј морал е толку низок, а амбицијата толку висока?! Да сакаат вистински квалитет во образованието ќе беше доволно само еден член од законот да сменат за да наведат дека – на работа и во унапредување клучен ќе биде успехот (највисокиот просек). И образованието ќе цветаше. Напротив, овие го убија квалитетот. Го уништија знаењето. Џабе велат дека млади се примаат на работа транспарентно кога ги примаат само тие што носеле партиски транспаренти, кога партиските плакати станаа поважни од квалитетните дипломи!

Измамите и манипулациите веќе се претворени во стил на живеење и општа култура. Сега стана срамота да сте чесен! Ветија многу добри работи, а остварија само лоши. Сега вмровската лекција успешно ја научија и интегративците кои успешно се интегрираа во организираниот криминал. Лажеа за консензуален претседател за да добие сегашниот, кој функцијата шеф на државата ја претвори во објект за потсмев. Ветија едната од трите функции во државата, а не добија ништо. Ветија уставни промени за јазикот и изборот на претседател на државата, а добија уставни промени за перење пари. Ги ветувааа ЕУ и НАТО, а го остварија вмровскиот лав!

Но, се си има свој крај. Браната веќе пукна и прашање на време е кога ќе ни се случи поплавата. Пукна и вмровското лажно единство, оти луѓе околу лидерот веќе му подметнуваат нему се подлабоко да тоне, за да можат самите да се спасат. А во ДУИ скоро половината од пратениците не поддржуваат повеќе криминал. Тука веќе е видлива борбата меѓу криминалното крило и чесните пратеници кои ги гризе совеста и кои бараат радикални промени во партијата, збогувајќи се со тие кои се до гуша во корупција и криминал. Луѓето полека, но сигурно се ослободуваат од стравот. Веќе дојде времето стравот да се пресели кај власта. Луѓето сфатија дека за да ја добијат слободата мора да се изборат за неа. Тоа да го докажеме во вторник.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

 

Оставете коментар

Коментар(и)

bilali@inbox7.mk