Денешна дата
16/08/2018

Протест за Кежаровски: новинарите нема да се пазарат за слободата на говорот

Новинарите не се наивни за да мислат дека нивниот колега Томислав Кежаровски ќе биде пуштен на слобода, но тие одамна го победија стравот и немаат намера да се пазарат за слободата на говорот, порача поранешниот главен и одговорен уредник во весникот „Нова Македонија“ Зоран Димитровски кој заедно со Томислав Кежаровски, првиот човек на Здружението на новинари (ЗНМ) Насер Селмани и лидерот на Синдикатот на новинарите (ССНМ) Тамара Чаусидис го предводеа денешниот протест против одлуката Кежаровски да биде осуден на две години затвор.

Slika 5

Критикувајќи го начинот на кој владее премиерот Никола Груевски, Димитровски рече дека новинарите поддржани од неколку илјади граѓани немаат намера да се откажат од борбата за слобода.

„Дојдовме да му порачаме дека Кежаровски ќе издржи, а нашата борба за слобода ќе продолжи. Немаме намера да се пазариме. Дојдовме да му порачаме дека тој и неговите се минливи, а слободата и правдата се вечни“, рече Димитровски.

На протестот имаше транспаретни со вакви пораки „Слобода за Кежо“ „Не можете сите да не затворите“ „Ако новинар е во затвор кој ќе каже за неправдата“ „Сите сме Кежо“. Учесниците на протестот носеа и маски со ликот на Кежаровски.

slika 1

Неколку часа пред протестот со одлука на Управата за извршување санкции, новинарот Кежаровски беше привремено пуштен на слобода, со обврска да се јави на издржување на казната затвор на 18 февруари.

Во меѓувреме, пак, Основниот суд Скопје 1 информира дека директорот на затворот во Шутка испратил допис со кој од судот бара Кежаровски да биде на условен отпуст што би значело дека тој нема да ги одлежи преостанатите три месеци од двегодишната казна затвор.

slika 3

Протестот почна малку задоцнето поради тоа што насобраните граѓани го чекаа токму Кежаровски да им се придружи на колегите новинари и на неговите поддржувачи. Насобраните тргнаа од пред зградата на Аплеацискиот суд Скопје, а заврши пред Владата каде што претседателот на ЗНМ Насер Селмани нагласи дека Кежаровски бил затворен затоа што верувал дека Македонија е демократска земја во која новинарите можеле слободно да ја вршат својата работа како коректив на власта.

Slika 4

„Ние дојдовме тука да ја разголиме нашата болна реалност во земја во која што е забранета цензурата , во која што се затвораат новинари за напишан збор. Сакаме да ги потсетиме дека можат да затовораат новинари, но не можат да ја затворат слободата, затоа што таа живее во нас. “, рече Селмани.

На крајот на протестот насобраните пуштија бели балони на кои напишаа пораки за Кежаровски, а во Владата новинарите однесоа карикатура, подарок за премиерот Никола Груевски.

 

slika 2

 

Здружение на судии: Ги осудуваме протестите

Здружението на судии на Македонија преку соопштение испратено до јавноста, реагираше на денешните протести против судската одлука во случајот со новинарот Томислав Кежаровски.

Здружението на судии ги осудува протестите против судските одлуки без разлика што е загарантирано правото на протест. Судските одлуки единствено можат да се преиспитуваат во судска инстанца и непримерно е да се попречува работата на судовите и притоа да се користи улична демократија за промена на одлуки затоа што и тие кои што протестираат се свесни дека не можат да ги издејствуваат надвор од институционалната и во судска инстанца.

 Здружението на судии апелира во случајот „Кежаровски“ да не се користат навреди и омаловажувања на судовите и судските одлуки особено што ова не е прв пат. Здружението веќе има реагирано на непримерните протести и говорот на омраза што се шири на протестите, пишува во соопштението на Здружението на судии, потпишано од претседателот Николчо Николовски.

Оставете коментар

Коментар(и)

opetceska@inbox7.mk