Денешна дата
23/06/2017

Велосипедизмот бара стратешки пристап, а не крпење дупки

Скопјани учат да дишат на шкрги, а Скопје секоја година руши рекорди во загаденост, но, сепак, еколошкиот транспорт не се качува скала погоре кон врвот на приоритетите. Оттука, развојот на велосипедската структура и култура мора да се наметне како значаен сегмент за формирање одржлив транспортен модел, како што му доликува на град со европски аспирации. Велосипедизмот не го оптоварува градскиот буџет, а долгодочно заштедува на патишта, паркинзи и јавен транспорт. Нуди економски придобивки со развивање вело-туризам, продажба на велосипеди, нивни делови, сервис. Немоторизираниот транспорт не генерира бучава, гасови, а значаен е и безбедносниот аспект. Искуствата покажуваат пострашни повреди и последици од автомобилски несреќи отколку од велосипедски. Повеќе велосипедисти значат и помалку возила, помалку метеж и, генерално, помалку сообраќајни несреќи, кои на годишно ниво носат во просек по 160 загинати. Една третина се во Скопје.

Velosipedisti

Услови имаме, нема резултати

Скопје во 80 отсто е рамен град, има солидна клима и просечна температура од  13,5 Целзиусови степени. Распространет е на 1818 квадратни километри, долг е 20-ина километри, со шаховска поставеност на булевари и мали сообраќајни артерии. Но, сиве предуслови досега не даваат опипливи резултати, па да прерасне во функционален велосипедски град. Скопските велосипедисти бараат стратешки спроведливи решенија и еднаков третман со моторизираниот транспорт. Џабе се проширени улици ако велосипедистите се маргинализирани, без организирана патна мрежа што, сега, се санира по потреба, од кампања до кампања. Крпењето дупки е краткорочно и не е дел од целата градска слика. Буџетот на Град Скопје за 2015 „тежи“ околу 90 милиони евра, главно ќе биде насочен кон обликување фасади, плоштади и улици, додека за надградбата на велосипедската мрежа ќе бидат издвоени околу 163.000 евра.

Скопје пренатрупано со возила, велосипедистите не можат да „дишат“

„Во Скопје најголем проблем е окупацијата на севкупниот јавен простор. Градот примарно е проектиран за 250.000 луѓе, а сега има околу 700.000 жители со свои потреби за движење и транспорт. Јавниот простор е пренатрупан од автомобили, особено тротоарите и црвените вело-патеки. Во 2010 година беа донесени законски мерки за увоз на половни автомобили, по што пристигнаа 50.000, а претходно, во 2009, само 3.000 вакви возила. Неофицијално, во Македонија има 400-500.000 регистрирани возила, од кои една третина се во Скопје. Во просек, автомобилите се стари по 11,8 години, а секој скопјанец дневно патува во просек по 2,1 километар“, вели Никола Нешкоски, претседател на невладината „Еко логик“.

Од друга страна, Нешкоски потсетува дека близу 100.000 луѓе секојдневно патуваат од периферијата до централното подрачје, а изградената обиколница, како што вели, наместо да го намали сообраќајот на 30 отсто, е нефункционална. Сериозен актуелен проблем е и т.н. проширување на скопските улици. Според него, колку се пошироки улиците, толку повеќе возила, поголемо аерозагадување и метеж. Колку и да се шират улиците, никогаш нема да има доволно место за возила, а без претходно да се уреди велосипедската инфраструктура.Без соодветни вело-патеки, сигнализација и дистинкција со пешаците, се прави контрауслуга на сите учесници во сообраќајот. Скопје не е монопол на автомобилите.

 

Nikola Neskoski„Ако додадеме ленти на улица за да се справиме со сообраќаен метеж, тоа е исто како да го олабавиме ременот за да се справиме со дебелината. Преку пристапот „патна диета“ една лента од улиците да се отстапи на јавен и немоторизиран транспорт, за велосипеди, а потоа, преку пристапот „push and pull“, граѓаните да се дестимулираат да користат возила преку зголемени давачки, рестриктивни зони за паркирање…“, предлага Нешкоски.

 

 


Град Љубљана Будимпешта Загреб Скопје Белград
Популација 267.920 1.712.210 801.554 506.926 1.756.534
Учество
велосипедизам
во сообраќај (%)
13 5 4 1,4 1
Вкупно
велосипедски
патеки (км)
146 212 220 60 60

 

 

Узурпирани и непрегледни вело-патеки

Скопје официјално располага со 60 километри велосипедски патеки. Но, велосипедистите се препуштени сами на себе да се снаоѓаат како акробати на инфраструктура каде од црвени патеки „никнуваат“ билборди, контејнери, знаци, жардиниери, автобуски и такси станици… Обележани патеки главно постојат долж улици во Аеродром, Карпош и Центар, но често сето тоа се сведува на чиста импровизација. Ова важи и за делови на коловози како „Гологанов“, „Илинден“, „Св. Кирил и Методиј“, „Партизански одреди“, „К.Ј.Питу“

На многу места воопшто нема вакви патеки, некаде се споени со пешачките зони, избледени се линиите, комплетно се испукани, или наместо нацртани хоризонтални линии се користат црвени бехатон-плочки. На реконструираната „Борис Трајковски“, пак, има црвена патека широка само еден метар, иако, законски, за велосипед е потребно најмалку 1,25 метри за една насока. Плус, ретко на кој тротоар изоставува паркирано возило чиј сопственик го оставил со аргумент „се враќам за 5 минути“. Истовремено, град како Скопје располага само со 10 пајак-возила на ЈП „Градску паркинг“ и „ПОЦ“.

Неколку велосипедисти-активисти снимија материјал – совршен приказ како изгледа возење велосипед  долж скопските улици.

Велосипедистите сметаат дека најдолгата патека покрај Вардар од Влае до Аеродром е солидна, но таа е неповрзана со сообраќајната структура. Потребни и се барем уште 8-10 влеза. Моментално не е дел од транспортните текови, служи единствено за рекреација. За попријателска велосипедска средина потребни се атрактивни и удобни патеки кои генерираат помалку стрес, а се осветлени за ноќни тури.

 

„Не е доволно само да се асфалтира одредена површина за да се нарече велосипедска патека. Потребно е подлогата да биде добро набиена, а асфалтот нивелиран, не брановиден. Да има стандардна широчина и боја, и не само на хартија стандардна раздалеченост во однос на коловоз и јасна одделеност од пешачка патека. Видлива хоризонтална и вертикална сигнализација, да има слеани рабници на улиците, да нема препреки по патеките. Да се воведат „Зони 30“ секаде каде нема услови за издвоени вело-патеки. Да се постават паркинзи за велосипеди пред сите јавни институции“, стои меѓу другото во послениот допис на неформалната заедница „На Точак“ до градоначалникот Коце Трајановски.

Оваа граѓанска иницијатива постои нецели три години. Секоја последна среда во месецот поттикнува т.н. „критична маса“, каде групи велосипедисти возат по улиците со цел да упатат на базичните услови и проблеми за развој на велосипедизмот. Овој масовен велосипедски настан се одвива низ 300 градови во светот, а претставува собир каде не постојат лидери и нема формална организација.Собирите многупати резултирале со инвентивен притисок, менување на политиките и погледите на властите кон велосипедизмот.

Симболичен приказ – што би се случило ако велосипедистите би им го попречувале движењето на колите, паркирани на коловозна лента.

velosipedi ulica

Велосипедскиот туризам во прва брзина

Одличната топографија на теренот и климата во Скопје овозможува активен велосипедски туризам речиси преку целата година. Група креативни ентузијасти овозможуваат активна форма на посети и доживувања на градот и околината. Од Старата скопска чаршија, преку Кале, посета на музеи, локалитети и историски записи, возење велосипед и дневни екскурзии до живописот и пештерските галерии околу Матка, Римскиот аквадукт. Потоа велосипедски тури околу Водно или качување на Скопска Црна Гора и „плакнење“ очи на зајдисонцето од Љубанци… Во последниот период е формиран и велосипедски кружок „Милтон Манаки“, преку кој се организираат велосипедски дружења со образовно-културен карактер.

Има локални патишта, пејсзажна вредност долж тие патишта, има срдечни жители кои кога ќе го пресретнат странецот ќе му се израдуваат, ќе му свртат муабет… Многу е корисно тоа што има пивка вода покрај нашите улици. Ова се убавите работи. Но, туристите на велосипед не знаат каде одат. Целата земја ја поминуваат најмногу за два дена, со едно ноќевање. А, истовремено, Скопје често го заобиколуваат. Не знаат каде да возат и што да видат“, вели Бојан Ранташа водич на велосипеди, дел од платформите „bicycle.mk“и „to4ak.com.

Bojan Rantasa

Бојан Ранташа

 

За да се гледа во насока на економска придобивка и да се создаде подлога за велосипедски туристички продукт, најпрво треба да се обележи, да се постави сигнализација и да се поврзе меѓусебно постојната велосипедска инфраструктура со атрактивни места. Според Ранташа, туристите бараат и целокупна европска унифицираност на патната сигнализација. Низ Скопје, како што вели, главно доаѓаат самостојни велосипедисти и тури што минуваат низ Косово. За да стигнат до Качаник, мораат да минат и низ Скопје. Околу 80 проценти од индивидуалните туристи се „држат“ до јужниот дел од земјава, од проста причина што во градот нема мапи!

„Дошол во Скопје, набавил велосипед од сервисот на ЈП „Градски паркинг“ или преку својот хотел или хостел и потоа ќе побара мапа во Инфо-пунктот на Градот за да стигне до интересни места. Меѓутоа, нема мапа како да дојде до Матка, Марков манастир, до Катланово… Не постои ниту туристичка мапа за Водно! Кој пат да го фати до таму, каде да сврти…?!“, вели Ранташа.

Според него, освен што недостигаат уредно обележани црвени патеки, велосипедските коридори се фокусирани главно на централното подрачје. Ги нема во Драчево, Радишани, Чаир, Ѓорче Петров, Сарај… Постојат мали улички, па може по заобиколен пат да се стигне до одредена локација. Истовремено, ако се бара алтернатива за да се отиде до Матка преку селата Крушопек, Грчец, да мине низ рурален предел, велосипедистот ќе наиде на натрупана дива депонија, поголема и од некогашна „Вардариште“. Камион ќе си земе слобода, ќе дојде и ќе се „испразни“ на самиот пат над Нерези.

velosipedska tura

 

Многу моторни возила, малку воздух

Од Министерството за животна средина, според извештаите од изминативе две години, потврдија дека на ниво на држава патниот сообраќај учествува со 28 отсто во емисијата на азотни оксиди, 34 отсто во вкупните емисии на јаглероден моноксид, 16 отсто во органските супстанции, а во однос на цврстите честички има удел само со 2 отсто. Велат дека за опасната прашина ПМ 10 многу поголем удел имаат домаќинствата. Најмногу азотни оксиди генерира сообраќајот, па потенцијалните мерки кон моторните возила би ги намалиле токму овие загадливи супстанции.

Velosipedisti 4

„Секој слободен простор треба да се користи за засадување израснати дрвја што ќе апсорбираат големо количество издувни гасови. Треба да одиме и пеш, велосипед – да, а автомобил само кога треба. На крстосниците сме броеле – секое 11-то и 12-то возило има по двајца луѓе, а другите се само со возач! Од ова се заклучува дека сме богата нација“, рече Светлана Ѓоргева, раководителка на Македонскиот информативен центар за животна средина, на неодамнешната трибина за аерозагадувањето.

Уредник: Стојанка Митреска

 

 

Оставете коментар

Коментар(и)