Денешна дата
18/02/2020
Првомајски протест (2013), извор: Ленка – Фејсбук

Синдикатите ги повикаа работниците во првомајска борба за работнички права

Синдикатите и здруженијата за работнички права денеска преку проглас ги повикаа граѓаните да им се придружат на протест со кој ќе се одбележи 1 мај – Меѓународниот ден на трудот

Поголеми права, подобри услови за работа и достоинствени плати – ова се само дел од барањата на потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права.

Во прогласот, од следната Влада, независно од исходот на парламентарните избори, бараат реализација на нивните барања за изедначување на минималната плата во сите сектори во 2014 година, ослободување на правото на штрајк од законските стеги, како и спроведување на правото на синдикално организирање.

Сашко Тодоровски од Синдикатот на македонската дипломатска служба, за Инбокс7 вели дека минатата година синдикатите потпишале повелба за солидарност, но оваа година се приклучуваат и на првомајскиот протест, како и други мобилизирачки активности и серија настани со кои ќе се сензибилизира јавноста за работничките права.

Подолго време синдикатите не функционираат во една традиционална смисла. Синдикалните конгломерати имаат тесна врска со Владата и очигледно имаат повеќе слух за Владата, отколку за работниците.Сепак најпрепознатлива карактеристика на синдикатите е упорноста. Доколку институциите не одговараат на нашите барања, тогаш ќе побараме политичка поддршка во партиите. Доколку таква партија која е заинтересирана за решавање на нашите барање е во власта, тогаш многу бргу може да бидат реализирани. Доколку пак оваа партија не е во власта, тогаш резултатите би дошле по некое време“, вели Тодоровски.

Дејан Лутовски од Движењето за социјална правда „Ленка“ вели дека целта на годинашниот проглас е мобилизација на работништвото и целата работничка класа.

Првомајски протест (2013), извор: Ленка – Фејсбук

Првомајски протест (2013), извор: Ленка – Фејсбук

Во борбата за работнички права ги повикуваме и другите синдикати да ја потпишат повелбата за протестот. На првомајскиот протест очекуваме да имаме поголема бројка на луѓе од лани, иако имајќи ги во предвид работните околности во Македонија, треба да биде далеку поголема излезноста“, додава Лутовски.

Синдикатите и здруженијата во прогласот од Владата бараат да го обезбеди почитувањето и да го гарантира правото на синдикално организирање.

Да им порачаме на надлежните институции дека заслужуваме достоинствени плати. Наводната регулатива за минималните плати е штотуку донесена а веќе не се почитува, додека Трудовиот инспекторат е селективен во својата работа. Да го ослободиме штрајкот. Целосна ревизија и либерализација на македонската законска норматива за штрајкот кој станува се’ повеќе невозможен облик на дејствување“, се вели во прогласот.

Организации кои го потпишаа прогласот се Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ ), потоа Левичарското движење СОЛИДАРНОСТ, ДСП ЛЕНКА и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ).

Уредник: Тамара Чаушидис