Денешна дата
24/11/2017

Грешките на катастарот на грбот на граѓаните

„Мојот проблем со парцелата датира уште пред 30-40 години. Ангажираната геодетска фирма е комплетно нестручна во мерењата. Моите жалби се пренесуваат од сектор до сектор. Повторно ќе се влечкам по судови…“, смета Никола Богданов, жител на општина Карпош, кој единствено потенцира дека својата имотна состојба ќе ја решава во друга институција. Тој не сакаше да ја коментира ажурноста и работата на Катастарот, кој деновиве организира „Отворени денови со катастарот“ за да им излезе во пресрет на скопјани и да им помогне во нивните горливи прашања околу докажувањето на имотните проблеми..

Katastar Skopje (7)
Десетици граѓани од вчера повторно се собраа пред катастарските шалтери за да се консултираат за земјиштата и куќите. Дел укажуваат на проблеми со предмети кои се посложени и датираат од 60-те, 70-те и 80-те години од минатиот век. Други  се дојдени за услуги за кои, практично, се задолжени општините и Управата за имотно-правни работи, а трети потенцираат потреба за поефикасна организација со документацијата.
„Поажурни се службите. Гледам подобрување. Ме препратија на шалтер и завршив за еден час. Но, јас сум млада. Моите татко и мајка имаат над 60 години. Доаѓаат во информативното биро, земаат лист, уплатница, но не знаат што и каде да напишат, без разлика дали се работи за издавање имотен лист, копија од катастерски план или промена на податоци за недвижен имот. Мислам дека е потребно дополнително лице кое ќе кружи, ќе им помага на постарите лица. Вака, вработените некогаш не знаат „каде им е главата“ – дали попрво да пополнат нечија уплатница или побрзо да те откачат за редот да не се полни…“, вели Весна М. од населбата Тафталиџе, која, исто како и останатите граѓани, не сака да зборува пред камера.

Граѓаните велат дека генерално, намалено е времето на чекање по шалтерите, но, од друга страна, се уште се истакнуваат проблеми со недостиг од стручен кадар кој ќе може ефикасно да ги проследи сите барања, потврди за имотни состојби, па дури и прашањата на скопјани за приватизација или легализација на бесправно изградените објекти.
Перо Ѓорѓиев е правен и финансиски консултант, дел од Катастарот. Вели, моментално во ек се легализациите на дивоизградените објекти. Постојат предмети од различен карактер – надземен и подземен. Но, истовремено потврдува – дел од вработените во Катастарот се недоволно стручни во својата работа. Нецелосно го разбираат приложениот предмет. Се одбиваат предмети од неразбирање, од незнаење. Останатото, според него, си функционира, си „тера“.

Геометрите работат, правниците работат, епа од правната служба има луѓе на кои им треба малку повеќе… Начелно, си функционира. Не можеш да бидеш од сето задоволен“, смета Ѓорѓиев.



Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески потенцира дека веќе седма година се спроведува проектот „Отворени денови на Катастарот“. Секогаш започнуваат од месец октомври или ноември, а траат до март-април. Изминативе години наишле на различни проблеми. Најпрво, прашањата на граѓаните главно биле „зошто не ми е решен предметот“.

Katastar Skopje (4)

Заклучно со 2005 година, сите статистики ги води проектната единица на Светска банка, која ја контролира работата на Катастарот. Агенцијата во тоа време примала околу 300.000 предмети на државно ниво, а 30.000 останувале нерешени. Како што се надградувал Катастарот и напредувал проектот со Светска банка, се менувале и проблемите на граѓаните. Следел период кога многу од граѓаните не се пријавувале на постапка за систематско запишување, а последните неколку години прашањата главно се од областа на приватизацијата и за легализација на бесправно изградените објекти.

 

Slavce Trpeski direktorСо годинешните „Отворени денови на Катастарот“ сме некаде на половина. Повторно се провлекуваат тие прашања како да стигнам да си го легализирам објектот, да го приватизирам објектот… Можам да кажам дека, откако ги поминавме половина од градовите во Македонија, главно се прашања кои не се однесуваат дирекно на Катастарот, туку за општините, или за приватизација во Управата за имотно правни работи. Имајќи предвид дека нашите луѓе мора да ги знаат овие работи, ги спроведуваме и им излегуваме во пресрет на граѓаните и им ги објаснуваме процедурите како да стигнат до решенијата за легализација и кои се следните постапки на Катастарот“, вели Трпески.

Официјално, лани, на државно ниво, Катастарот примил 1.168.000 предмети, а на крајот од 2014 останале нерешени само 1.800 предмети. Од оваа институција се фалат со ефикасност од 99,4 отсто. Во 2013 имало 1.040.268 новодобиени предмети за разни основи, од кои  1.299 се решени, во 2011 година точно 1.160.691 предмети – наспроти 3.894 нерешени, а за 2010 регистриран е сооднос од 3.894 нерешени предмети од вкупно 538.434. За скопскиот Катастар лани примиле 352.283, а на крајот на годината останале нерешени 1.581 предмети, од кои над 400 се за социјалните категории граѓани.

Скопскиот Катастар е вклучен во процеси од државен, но и локален карактер –ажурирањето на геодетските подлоги за потребите на касарните „Илинден“, „Ѓорче Петров“, „Гоце Делчев“ во Аеродром… Трпески потенцира дека во Скопје се работи и на новиот Закон за брз стечај, односно за завршување и затворање на постапките кои, како што вели, се отворени уште од времето на Анте Марковиќ.

Во однос на проектот за дигитализација на катастарските планови, финансиран и надгледуван од Светска банка, Агенцијата има должност до јуни 2015 година да дигитализира 70 отсто од целокупната територија на Македонија. Трпчески тврди дека веќе е постигната оваа бројка, а целосната дигитализација ќе биде заокружена до декември.

И правниот консултант Ѓорѓиев констатира генерално подобрување на работата на Агенцијата за катастар на недвижности. Катастарот има над 200 вработени, поставена е солидна норма за реализирани предмети на дневна база. Но, од друга страна, Катастарот нема доволно луѓе колку што има барања.

Начелно се среди ситуацијата со Катастарот. Се поставија доста нешта каде се канализира работата, може да функционира. Е, сега, ситуацијата зависи од гужвата, тогаш не може да се заврши работа истиот ден. Шалтерите работат така како што е, вработените си ја вршат функцијата, ама внатре колегите не можат физички да постигнат. Зборувам за физички лица во соооднос на поднесени барања…“, смета Ѓорѓиев.

Оставете коментар

Коментар(и)