Денешна дата
13/11/2019

Изборна берза (2): ИВАНО(В)ИЗИЈА

Професорот што стана Претседател, во вториот круг влегува како партиски фаворит. Др. Иванов пет години трагаше по своето јас, по политичкиот самоидентитет со кој требаше да биде репрезент на сите жители. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, вториот мандат го бара откако го проби изборниот плафон на владеeчката коалиција од 400 илјади гласови. Во првиот круг од претседателските избори, Иванов доби над 436 илјади гласови, само 20 илјади помалку од победничките 453 илјади во решавачката битка со Фрчкоски пред пет години, но тогаш и со гласовите на дел од албанскиот електорат.

63.

63. Оваа политичка нумерологија има свои извори во Библијата и во Куранот. Запишано е..

63 А Псалм на Давид. Бидејќи вашата љубов е подобра од животот, моите усни ќе ве слават. Јас се држам за вас, а вашата десна рака ме држи мене.

На вечерта на еуфоријата, се читаа бројките од општините. „Голема благодарност до Битола, Штип, Аеродром, Гостивар…“, а никако да се изговори Шуто Оризари, најголемата ромска колонија во Европа. Нема „благодарам“ за човекот што џентлменски се фати за гуша со женските противници, бизнисменот кој ги превезуваше гласачите, како што тоа неговите туроператори го правеа со големиот емигрантски бран од Шутка кон Белгија, Шведска и од Германија. Онемеа партнерите од власта пред најверните поддржувачи Роми…, тие што му донесоа огромна предност на фаворитот. Остана да лебди средниот прст на Амди, исправен кон побунениците на Бранко, кога на сдсмовската пучистичка толпа се спротивстави романската фаланга од Шуто Оризари.

Нема ни едно благодарам за „инаквиот“, од никого, а најмалку од Иванов. Тој остана заробен во новиот налет на македонскиот етноцентризам. Како поданик на владеачката коалиција и тимот Македонија, заедно со Премиерот бара апсолутно парламентарно мнозинство за да „не може ДУИ да не уценува…“ Во едно свое телевизиско шоу, Иванов упати и директна закана до Албанците собрани во мнозинската ДУИ: – Ќе видат кога ќе стигнат амбасадорските предлози… Тој што не одговара на навредите, станува брутален во барањата. Албанците не му требаат, Ромите ги забораваат… Каква кохабитација, етничка! Непотребна е функционална демократија, баланс на извршната власт.

Сега сите се едно, бројка 63 минус 25.

Пред петнаесет години, Тито Петковски имаше 50 илјади гласови предност пред Борис Трајковски. Со една негова изборна и непромислена изјава дека не му требаат гласовите на Албанците, кандидатот на СДСМ ја загуби предноста со надоместување 100 илјади гласови, што приврзаниците на ДПА ги обезбедија за противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ. Овојпат, политичката историја се повторува како фарса. Таканаречената Сушико коалиција, не може да испорача ниту триесетина илјади од гласовите во албанската етничка заедница.

ДУИ за интеграција одговори со барања за 25 пратенички мандати, вклучувајќи ја дијаспората. Не го признава неконсензуалниот Претседател, ни како личност ни како институција. Овој тип на политички тероризам го доведува Ахмети во сомнителна позиција како фактор во МЗ, кому му се важни ЕУ и НАТО.

Во реториката на кандидатот, чиј изборен слоган е „Државата, пред сè“, вгнездена е една социјална патетика за економските успеси на Владата, за изградба на патиштата, за субвенции на земјоделците… Нема абер од државничките предизвици: добрососедство, агенда на НАТО, стандардот во АРМ, демократски слободи. Покорена е Судската власт, иако Претседателот номинира по двајца членови во најрепрезентативните чувари на правораздавањето, уставноста и законитоста, во Судскиот совет и Уставниот суд. Растечки и опасен е трендот на задолжувањата што идните генерации ќе ги отплаќаат. Иако Претседателот на државата го предлага (или иницира разрешување) Гувернерот на НБРМ, чуварот на макроекономската и на финансиската стабилност, нема став од Иванов дали сме многу или малку задолжени, каде одат парите, што бара во Македонија светскиот багабонд Субрата Рој, со кога така срдечно се поздрави? Грчката компанија извлекува од Неготино над три милиони евра и молк од Агенцијата за разузнавање, што е под непосредна надлежност на „шефот на државата“? Како Македонија станува пералница на пари, кој тоа изнел над 4 милијарди евра надвор од државата?

Во налетот на патриотизмот, Иванов ќе изјави: – Која домашна компанија во Македонија може да ги инвестира тие пари, како странските и спонзорираните во слободните економски зони?! Можеби некој требаше да му ги напише барем десетината фирми кои во неговиот изминат мандат инвестираа по најмалку 10 милиони евра во домашното производство за извоз (Пекабеско, Ренова…)?

Староновиот Претседател се делегитимира и пред воопшто легално да биде избран. Ахмети не го сака, јавноста го потценува, дел од приврзаниците и интелектуалните ментори се откажуваат од него. Дали и нему му следува судбинското НЕ, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, од собраниската говорница јавно се откажа од Борис Трајковски?

Претседателската кампања е во сенка на разгневениот вокабулар на Груевски и на Ахмети. Се врти и се врати најбруталната партиско-националистичка манипулација во изборната реторика.

Етнопатриотизмот заседна во Македонија. Засега е само бројка 63, вели Премиeрот, 25 одговара лидерот на коалицискиот партнер.

„Македонија е сè што имаме“, беше истoриската парола на првиот Претседател Киро Глигоров. По четврт век самостојност, далеку сме од патриотскиот ентузијазам да се направи или да се сочува држава. Сè е претворено во лукративна политика.

Лектор: Елена Цуцулоска

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот.

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)