Денешна дата
24/11/2017

Старделова: Ги издвоивме давачките за хонорарците, нема каде да ги уплатиме

Давачките што хонорарците ќе треба да ги плаќаат се веќе издвоени, но никој од надлежните институции не знае да ни каже каде треба да ги уплатиме. Има и други отворени прашања кои ќе треба да се расчистат за да може непречено да се спроведува новиот Закон за хонорарците, вели Нина Даскалова Старделова, директорка на Македонската авторска агенција. Во интервју за Инбокс7 таа уште зборува за висината и начинот на кој ќе бидат исплатувани хонорарите, но и за тоа како работниците што живеат само од хонорар да бидат соодветно заштитени.

 

Г-ѓо Старделова, каков е почетокот на примената на Законот за хонорарци?

Старделова: Ние во Македонската авторска агенција се подготвуваме уште од самото донесување на законот. Се обидувавме да стапиме во контакт со некои државни органи затоа што искуството со пресметките е на наша страна и сметавме дека ние најдобро ќе можеме да ги препознаеме оние места во законот кои претставуваат проблем, кај што има отворени прашања, со цел непречено да се одвива исплатата на хонорарите. Но, нашите обиди беа безуспешни. Сметам дека е направена една голема грешка во чекори. Ние од 1 јануари го применуваме законот. Нашата компјутерска програма е доработена. Но, се уште не е изработена програмата во Управата за јавни приходи (УЈП) или во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) на која што ние ќе треба да се приклучиме за да можеме да ги испраќаме извештаите за исплатеното.

Stardelova i Iskra

 

Каде ја гледате грешката во законот?

Старделова: Грешката е што не се почна од септември. Има многу прашања. На пример обврската да се доставуваат договорите. Би било пожелно тоа да се врши електронски. Ние како исплаќач на парите на авторот сметаме дека тоа е наша обврска. Техниката околу тоа доставување мора да се расчисти. Се отвора и едно друго големо прашање. Согласно со Законот за персонален данок има приходи кои се ослободени од плаќање на персоналниот данок па по некоја логика тие приходи треба да се ослободени и од плаќање придонеси. Такви се на пример стипендиите на студентите, наградите за животни достигнувања и сите други надоместоци кои што од оправдани причини државата ги ослободила од плаќање данок.

 

Во јавноста, веројатно оправдано се крена уште поголема врева и загриженост меѓу хонорарците дека овој месец нема да примат хонорар?

Старделова: Нема зошто да не примат хонорар. Хонорар може да примат и денеска и утре. Тој што им го исплаќа ќе плати персонален данок. Така ние работиме. Ние веќе исплаќаме хонорари. Доаѓаат парите, вие задржувате персонален данок, придонесите исто така се пресметуваат. Ја тргате таа сума за да видите каде ќе ја уплатите и нетото, она што треба да го добие авторот си го добива на трансакциска сметка. Нема причина да има застој.

 

Но имало укажување од надлежните институции да не се исплаќаат хонорарите барем не до крајот на месецот токму поради технички неусогласености на институциите кои се упатени една на друга?

Старделова: За жал ние се обидуваме да стапиме во контакт со некои надлежни институции за отворените прашања, но веројатно и тие уште немаат решенија за тие прашања и немаат никаков одговор за нив. Нема такво упатство. Нема резон, нема основ за такво упатство. Законот кажува дека од 1 јануари се плаќаат придонеси. Ние пресметуваме и кога ќе кажат каде, ние ќе ги уплатиме. Постапката во најголем дел е расчистена. Се знае на што се плаќа данок, на што придонеси.

 

Постои загриженост во јавноста, кај хонорарците. Сега ќе биде поповолно тие лица да бидат вработени отколку да бидат платени како хонорарци. Имавме впечаток дека давачките што сега ќе се плаќаат ќе треба хонораците сами да ги уплатуваат и да ги пресметуваат?

Старделова: Ако лицето примило хонорар под 9.500 денари, но во текот на месецот примило и друг хонорар кој што е да речеме 3.000 или 5.000 денари, а на сите тие поединечни хонорари не е платен придонес, а тие збирно го надминуваат износот од 9.500 денари, во тој случај доколку имаат такви договори тие треба таквите договори да ги однесат во ПИОМ. Доколку не се осигурани треба да потпишат прием во осигурувањето и ќе плаќаат здравствено осигурување за тој месец. Е сега прашањето е – вие до 15 февруари ќе ја однесете за јануари исплатата и не ви вреди да сте здравствено осигурани за јануари. Веројатно ќе биде тоа решено и ќе влезе во основицата која е пресметана за ПИОМ. Ќе влезе во пензиската основица.

 

Но, има категорија на хонорарци професори, уметници, новинари што работат и за хонорари. Зошто да плаќаат двојно?

Старделова: Здравственото е нелогично да се плаќа. Пензиското има некој резон затоа што вие ќе имате повисока пензија. Ако имате плата од 15.000 денари, па имате хонорари од 200.000 или милион денари годишно тоа навистина ќе ви значи еден ден да имате повисока пензија. Тоа усно ни го потврдија надлежните.

 

Која е придобивката за работниците од овој закон?

Старделова: Тоа што плаќањето на придонеси ќе влијае на зголемувањето на пензиската основица. Со плаќање на двојно здравствено не добивате ништо. Индиректна придобивка е да го натерате работодавачот да ве вработи затоа што тоа ќе му биде поевтино, а вие ќе треба да инсистирате да ве вработат на нето договор.

 

Велите дека луѓето не треба да бидат загрижени бидејќи има различни проценти на пресметка на давачките. Што значи тоа?

Старделова: Тоа е основата. Дали некој ве плаќа по основ на авторски договор или по основ на договор на дело. Авторските договори се повластени согласно Законот за персонален данок. Персоналниот данок се намалува зависно од видот на авторското дело затоа што вие имате трошоци за да го создадете тоа дело. Така што персоналниот данок таму не е 10 отсто туку седум, седум и пол или пет отсто. Зависи од признаените трошоци. Придонесите исто ќе се пресметуваат на намалена основица како што се пресметува персоналниот данок. Придонесот не оди на целиот хонорар туку на дел од хонорарот.

 

Преку пример наједноставно да објасниме како луѓето ќе ги примаат хонорарите?

Старделова: Зависи каков им бил договорот. Ако вие имате договор нето да примате 20.000 денари, вие и понатаму ќе примате нето 20.000 денари. На таа сума сите давачки ги надградува исплатителот на парите и тој си ги плаќа давачките. Ако вие сте имале договор на бруто тоа значи дека од тие 20.000 денари сè ќе ви се одбие. Тоа не е мала разлика. Дали од 20.000 денари ќе бидат 10 отсто или 35 отсто. Дали ќе бидат 2.000 или 7.000 денари. Тоа не е исто. Затоа треба да се погледнат договорите или ако се направени на бруто да се ревидираат. На крај сè се сведува на договор. Ќе мора да се расчисти со оној кој што плаќа.

Оставете коментар

Коментар(и)

opetceska@inbox7.mk