Денешна дата
23/06/2017

Собрание на РМ:Патните трошоци на пратениците не се ништо ново

Правото на пратениците за регулирање на патните трошоци не е нешто што е направено во последните години, туку станува збор за регулатива која е постара од дваесеттина години и која е применувана во сите досегашни состави на пратеници во Собранието, соопшти вчеравечер Собранието на Република Македонија, како одговор на натписите во медиумите кои се однесуваат на патните трошоци на пратениците.

 

Оваа регулатива, не се однесува само на пратениците во Собранието, туку на сите вработени во државната и јавната администрација кои при својата работа користат приватно возило за службени цели.

 

– Динамиката на работата на Собранието на Република Македонија е таква што побарува многу често, скоро секојдневно присуство на пратениците во зградата на Собранието на Република Македонија, при што нормално и се создаваат поголеми трошоци, се вели во соопштението.

 

Од таму потенцираат дека Собранието на Република Македонија не покрива никакви дополнителни трошоци што пратениците ги имаат во врска со нивното патување од местото на живеење до зградата на Собранието, кои евентуално би се однесувале на одржување на приватно возило, сервиси, регистрации, замена на гуми и резервни делови, штети настанати при сообраќајни несреќи и сè друго поврзано со нивното патување. Тоа е обврска на пратениците, стои во соопштението.

 

– Секој пратеник кој патува од своето место на живеење до Скопје заради службени обврски (седници на Собранието, седници на работните тела) во зградата на Собранието на Република Македонија е должен да достави доказ во вид на фискална сметка од платена патарина, а доколку не го стори тоа патните трошоци не му се исплатуваат, се појаснува и се додава дека Собранието во последните години презема низа активности за подобрување на ефикасноста и целисходноста во неговата работа.

 

Со неколку измени на собранискиот Деловник и со донесување на Законот за Собрание се воведе прецизна рамка и правила кои се однесуваат на растоварување на динамиката на работата на Собранието со префрлување на амандманската расправа во работните тела и со ограничување на времетраењето на говорите на пратениците, се вели во соопштението.

 

Во неколку наврати во минатите петнаесеттина години, се посочува, се правени пресметки и анализи околу овој трошок на Собранието и се разгледувани други алтернативни решенија по примерот на соседните држави, но резултатите од тие проценки секогаш говореа дека просторот за намалување на расходите е речиси непостоечки.

 

Во Собранието на Република Македонија, информираат, во тек е правење на компаративна анализа на трошоците за работа на пратениците во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Романија, Бугарија, Црна Гора, Албанија, Косово и Грција, при што, се потенцира, дека ќе бидат земени предвид сите позитивни искуства.

 

– Собранието на Република Македонија е највисок орган во државата и неговата работа е целосно на увид на јавноста. Транспарентноста е на највисоко ниво. Оттука цениме дека е потребно да бидеме свесни за неговото значење во процесите на изградба на вистинско демократско општество, стои во соопштението од Собранието на Република Македонија.

Оставете коментар

Коментар(и)