Денешна дата
23/04/2018

Македонија влече пари од ЕУ, а нема резултати против корупцијата

Македонија зема најмногу пари од Европската Унија за борба против корупцијата а е најнеефикасна во справувањето со неа, покажуваат резултатите од истражувањето во рамките на проектот „Регионална платформа за борба против корупцијата“ што денеска го презентираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

mcms usaid antikorupcija (1)

„Ако корупцијата во октомври 2014 година, кога го презентиравме прв пат извештајот беше рангирана на петто место како проблем од страна на граѓаните, денес на почетокот на 2015 година тоа не е така. Имено, 60 отсто од граѓаните на Македонија се свесни за различните видови на корупција а земјава заедно со Косово е во првите три земји во регионот што според извештајот се најкорумпирани. Со Албанија пак, земјава е една од двете земји кои се најнеефикасни во борбата со корупцијата. Македонија и Црна Гора пак се двете од деветте земји од регионот кои земаат најмногу пари од Европската Унија за борба против корупцијата“, вели Емина Нурединоска од МЦМС.

mcms usaid antikorupcija (2)

Даниела Минева истражувач од Центарот за изучување на демократијата од Бугарија вели дека во периодот од 2001 година до 2014 година сите земји во регионот постигнале напредок во борбата со корупцијата, но сепак загрижува податокот што во Македонија половина од граѓаните прифаќаат дека корупцијата е нормална а тоа, според неа е загрижувачки податок.

„За разлика сите други девет земји опфатени со истражувањето во Македонија два отсто од луѓето поткупуваат без при тоа да бидат натерани на тоа. 74 отсто од Македонците пак дале корупција откако биле натерани да поткупат некого. Само 5,4 отсто од Македонците се отпорни на давање на корупција кога тоа од нив било побарано“ вели Минева.

Таа нагласи дека судството е соочено со многу проблеми во гонењето на корупциските случаи бидејќи тие тешко се откриваат но и затоа што судовите немаат доволен капацитет во смисла на знаење и оптовареност со работа. Затоа таа препорачува обезбедување на делотворно судско гонење на сторителите на кривични дела од областа на корупцијата, усвојување независен механизам за следење и борба против корупцијата, како и детектирање на кризните области како што се енергетиката, јавните набавки инвестициските проекти.

Со ова не се согласува Слаѓана Тасева од „Транспарентност Македонија“ која вели дека и покрај многуте реформи во Македонија граѓаните се уште не знаат многу за корупцијата особено за нејзините нови форми.

mcms usaid antikorupcija (3)

„Во 12 години видовме не многу но неколку извештаи за корупцијата. Резултатите не се разликуваат многу. Разликата е голема во не знаењето за корупцијата. Тогаш корупцијата им беше поблиска на граѓаните. Тогаш се зборуваше за корупцијата. Денес тоа го нема. Ја нема во медиумите. Нема дебати, нема јавни мислења. Многу малку се знае за новите форми. Се направи многу да нема слободно медиумско информирање. Хипокризија е да седиме овде да зборуваме за корупција а надвор сме соочени со споменици од половина милијарда евра. За корупцијата мора да говориме со нејзиното вистинско име“, вели Тасева.

Според истражувањето, Македонија е на дното од деветте земји во регионот во борбата  против корупцијата најмногу поради фактот дека државата не е транспарентна по ова прашање.

„За разлика од другите земји каде што најчесто се подмитува со пари, во Македонија многу често се даваат и друг вид подароци. Она што мене ми остави најголем впечаток од истражувањето е корупцијата во образованието со која се среќаваат децата уште во училишните клупи. Исто така корупција има и во полицијата. Впечатокот на народот е пак дека најкорумпирани се судиите, министрите и пратениците“, вели Тодор  Јаламов од Центарот за изучување на демократијата од Бугарија.

Македонски партнери, учесници во ова истражување се МЦМС и Лидерство за развој и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ).

Оставете коментар

Коментар(и)

opetceska@inbox7.mk