Денешна дата
26/06/2017

Грдиот, чудниот и смешниот!

На еден прием се сретнуваат Мерлин Монро и Ајнштајн. Импресионирана од неговиот ум, светската актерка му се обратила на познатиот научник: – “Колку би сакала да имам дете кое ќе ја има мојата убавина а Вашиот ум“! На тоа низ смеење генијалниот научник возвратил – “Тоа ќе беше фантастично, но што ако детето ја добие мојата убавина, а Вашиот ум“?!

Нам токму таква несреќна комбинација ни се случи. Наместо убавина со ум, имаме грдотија без ум. Грдотија оти заеднички именител на секое дејство на оваа власт се нарекува – уништување. Уништена е иднината на два милиона луѓе, на половина милион млади (50 проценти невработени, а другите 50 проценти се несреќни), а над двеста илјади избегани од овај пекол каде што само за криминалци е рај. Грдотија оти од три реномирани меѓународни извори е потврдено дека за десет години од државата исчезнале пет милијарди долари (види Global Finacial Integrity)! Грдотија оти министерот – видео хирург, до небо се фали со реформите во здравството, а клучна Европска организација “Europe’s Health Care Services“, на ранг-листата од 1 до 40 не рангирала на последното 40 место по квалитетот на здравствени услуги. А соседни држави кои пред десетина години беа многу зад нас, сега се високо рангирани – Албанија на 17 место, Бугарија на 24 место, Србија на 30 место, БиХ на 33 место (иако последните две, беа долги години во војна). Грдотија, оти секој трет жител живее во беда и немаштија, а власта се фали дека сме биле трета растечка економија во Европа, ама дека ние сме имале слаб мозок за да го почувствуваме тоа. Грдотија, оти поради стрес и беда смртноста енормно е зголемена. Во 2013 година умреле над две илјади лица повеќе споредено со 2004 година. Нивните лопати служат за да ја погребат вистината и нашата иднина. Грдотија оти не лажат за развојот, а светските анализи покажуваат дека спаѓаме меѓу 10 држави со најслаба економија во светот. Тоа е така кога е создадено општество каде што тие што знаат не се прашуваат, а тие кои се прашуваат не знаат ништо. И сега имаме катастрофа на сто чекори. Грдотија оти се фалиме за човекови права, а Фридом Хаус не рангираше во дното на светската листа заедно со Мозамбик, Колумбија, Нигер и Папуа Нова Гвинеја.

А чудни сме кога власта ни вели дека имаме полна слобода во информирање, а светската елитна куќа “Репортери без граници“ не рангираше на 123 место заедно со Ангола, Гватемала и Афганистан. А во 2009 година бевме високо рангирани на 34 место заедно со Велика Британија, Словенија и Шпанија. А како поинаку кога провладини медиуми добро пишуваат за смешни работи, а смешно пишуваат за добри работи?! Кога мерна единица за лагата би била зрнце песок, цела Сахара ќе беше мала за да ги покрие нивните лаги. Чудни сме оти драматично расте бројот на граѓани и на фирми со блокирани сметки. Заклучно со декември, бројот на блокирани сметки изнесува повеќе од 217 илјади субјекти (41 илјада повеќе од лани)! Чудни сме оти со невидена ароганција се донесуваат закони. Власта 15 пати го менува Законот за високо образование поради ниски цели. А истовремено смешни сме оти ќе студирале 97 отсто од матурантите! Е тука има потреба за колективно лекување на целата влада. Чудни сме оти го уривавме целиот образовен систем, а виновници биле наставниците! Чудни сме што сме единствена држава на светот што носи штрајкбрехери во наставата! И ова бара сериозен медицински третман. Од Европската конфедерација на синдикати од образованието ни кажаа дека ова е несреќна иновација.

Од друга страна, смешни сме оти власта испрала повеќе од половина милјарда евра во “Скопје 20014“, а не го платила долгот кон ОН за смешни 12.000 долари, со што ја доведоа државата во друштво со Сомалија, Руанда, Јемен и Сао Томе и Принципе! Веројатно сега ќе имаме туристички бум, не за “Скопје 2014“, туку за да не видат нас какви сме тоа суштества штом трпиме со години вакво чудно владеење. Владеење што цело време вели дека работи двојно повеќе за да ни падне стандардот двојно повеќе! Велат – ние градиме, а не кажуваат дека за десет години го дуплирале надворешниот долг. А изградиле смешна импровизација во центарот на градот, која познавачите велат дека не чини ни 150 милиони евра, а евиденцијата е три пати повеќе.

Зад оваа власт стојат илјадници кривични дела – за изборната катастрофа, за фалсификати, за криминали, за суспендирање на институциите, за поткупување на медиуми, за уништување на бизниси и животи, за уништување на образованието, здравството итн. Таа има извршено тивок државен удар, па затоа секое средство за нејзино уривање е легитимно. Треба да разбереме дека ако не разликуваме добро од лошо, вечно ќе ни биде лошо. Власт која е во коалиција со ѓаволот не нуди љубов, туку робовска покорност. Додека го завршував овај текст, се случи една експлозија активирана од Груевски. Сега веќе не станува збор само за грди, чудни и смешни, туку и за лудаци. Сосема сум сигурен дека на режимот и се гледа крајот. Секој знае дека не врши “пуч“ тој што го открива криминалот (тоа е и законска обврска), туку тој што го прави и спречува истиот да се открие.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

Оставете коментар

Коментар(и)

bilali@inbox7.mk