Денешна дата
24/11/2017

„Пуч“, игри и видеоленти

автори:

Арта Љатифи Тахири

Бојан Шашевски

Дневно- политичките игри, притисоците и кампањата околу аферата „Пуч“ ќе се загреваат во периодот што ни претстои, а ќе следува и продлабочување на кризата и односите во политичкиот врв, во време кога е суспендирано функционирањето и спроведувањето на законите. Како што оценуваат дел од политичките аналитичари  судскиот процес за „Пуч“ што следува против опозицискиот лидер Зоран Заев, сопружниците Зоран и Соња Верушевски и функционерот на општина Струмица, Бранко Палифров, кои се товарат за шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи, ќе се одвива на ново тло, незабележано во националната политичка и судска историја.

zaev gruevski sudenje (1)

Дел од аналитичарите ги прогнозираат и случувања со аферата „Пуч“, откако на каналот „Јутјуб“ протекоа видео снимки со разговор меѓу премиерот Никола Груевски и предводникот на СДСМ, Зоран Заев, каде опозиционерот наводно вели дека добил материјал од странски служби. Видео записите од средбата беа објавени низ домашните медиуми и  наидоа на лавина различни јавни реакции, па аналитичарите чекаат потег од Јавното обвинителство да провери легитимност за она што и  се сервираше на јавноста. Го чекаат и потегот на Заев дали и кога ќе ги детонира своите потенцијални „бомби“. Истовремено, поголем дел од аналитичарите не се оптимисти за отворена и транспарентна судска завршница на „Пуч“, каде моќта би го надвладеала правниот поредок.

kalajdziev

Гордан Калајџиев (фото:Академик)

 

За Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет во Скопје симптоматично е што нема обвинение кон оние што ги направиле снимките од средбата, туку се користат како аргумент дека обвинетиот Заев признал нешто за изворот на информации за најавените „бомби“ кон Груевски.

Ни се прикажуваат „јавни снимки“ кои се пуштаат во дневнополитички цели. Ако се доказен материјал против Заев, односно ако се снимени со употреба на посебни истражни ПИМ-мерки, со наредба на судот, дали треба да се пуштаат на телевизија за пропаганда? Дали ги направила полиција во кабинет на Груевски со судска наредба? Треба да се дознае како дошле на „Јутјуб“, кој е изворот и треба некој да одговара за тоа. Тоа е злоупотреба на власт парекселанс, доколку тие снимале во истражна постапка и ги пуштаат на телевизија за да освојат политички поени и некакво јавно мислење. Целиов процес наликува на сапунска серија. Ние ја плаќаме Владата да ни создаде услови да си работиме спокојно, а не да ни прави шпански серии од дневна политика“, вели Калајџиев за „Инбокс7“.

Новинарот и аналитичар Сашо Ордановски смета дека ваквите политички игри ќе продолжат и понатака, а, доколку Заев не објави потенцијални компромитирачки снимки што ги поседува против Груевски, тој ќе биде политички и правен губитник во, како што вели, валканата кампања што ја спроведува Владата.

saso-ordanovski

Ќе продолжат ваквите игри. Владата има животна потреба да ја продолжи ваквата игра. Заев ќе биде многу глупав ако мисли дека може нешто да договори со Груевски. Единствено што него му преостанува е да објави се што поседува. Во јавноста да излезе со сите расположливи аудио и видео материјали, а не да објави со кривични тужби доставени до обвинителство. Секако, доколку ги има“, потенцира Ордановски за „Инбокс7“.

 

 

Политичкиот аналитичар Ивица Боцевски, пак, не дава свое конкретно гледиште за актуелните случувања, се додека трае разврската и додека не дојде до судските одлуки за случајот „Пуч“. Тој смета дека, моментално се наоѓаме во политички непозната територија.

Debata Ime Ivica Bocevski (3)

Ивица Боцевски

 

Секој натамошен момент во македонската политика е нов, момент во кој не сме биле досега. Јас ќе го следам стандардот што го постави премиерот кој спомена дека на судењето ќе одговори најотворено и најтранспаретно на сите прашања, па ќе почекам епилог и оттаму ќе ги оформам своите судови. Се друго што би кажал би било формирано на мое претходно изградено мислење, на емоции на евентуални симпатии што ги имам кон едниот или кон другиот, а прашањето е премногу важно, превисоко и пречувствително“, вели Боцевски за „Инбокс 7“.

 

 

 

Можна завршница – предвремени избори

За снимките од средбата Груевски-Заев коментира и Петрит Сарачини, аналитичар и граѓански активист. Според него, ова е потврда дека во Македонија нема систем, нема закони и процедури, а сигурно е дека власта ќе најде уште едно оправдување и, со помош на, како што вели, пропаганда тоа оправдување ќе го претвори во „вистина“.

petrit saracini

Петрит Сарачини

 

Натаму очекувам да има приведувања на раководителите на опозицијата, затегнување на латентниот конфликт помеѓу граѓаните и очекувам радикализација на ситуацијата. Сигурно дека кога ова ќе  достигне точка на влијание и повреда врз стабилноста, ќе имаме есенцијална вклученост на меѓународниот фактор. Не очекувам праведен судски процес, но оваа ѓурултија, уверен сум дека ќе заврши со надворешно посредување, можеби и со широка влада и предвремени избори во јуни или септември“, прогнозира Сарачини.

 

Со сличен став е и Фејзи Хајдари, издавач на весникот „Лајм“. Тој потенцира дека во Македонија одамна е суспендирано функционирањето на законот и Уставот, додека единствен закон кој е во сила е тој на „џунглата“. И тој смета дека видеата поставени на „Јутјуб“ се снимени и се објавени на противзаконски начин.

fejzi-hajdari-ibox

Фејзи Хајдари

Но, ако ме прашувате, дали за ова законско прекршување некој ќе одговара, мислам дека нема да одговара. Судството одамна не ја врши својата работа, затоа што е политизирана во голема мерка, а истото може да се каже и за обвинителството и полицијата. Затоа мислам дека работите ќе се развиваат според законот на џунглата, затоа што на крај ќе излезе победник тој што е помоќен, а не тој што има право“, вели Хајдари.

 

Од албанскиот блок околу „Пуч“ проговорија и новинарот и политичар во весникот „Коха“, Фатос Рушити и политичкиот аналитичар Исмаил Синани.

fatos rushiti

Фатос Рушити

 

За Рушити „невидливите бомби“ на Зоран Заев може да имаат ефект, но само ако опозицијата е покристализирана во организациски аспект  и ако е реален опонент кон владејачката машинерија со јасна политичка кауза – да го претставува гласот на граѓанското незадоволство. Тој отвора место за сомнение дека ова се случува за да се урне Заев од раководењето со партијата, процес предизвикуван од внатрешни и надворешни непријатели, отколку еден голем чекор за условување на техничка влада.

Синани прогнозира фаза на политички маѓепсан круг, потенцијално скап за стабилноста на владејачката структура. Истовремено, како што вели, по подолго време меѓународниот фактор е „воскреснат“ за да го следи од близу овој процес, кој, колку е политички, толку е и правен.

ismail sinani

Исмаил Синани

 

„Во нормални услови и околности, прашањето сега требаше да се остави во рацете на судството, но бидејќи интервенцијата на политиката во овој сегмент е многу голема, тогаш многу е природно, решението да се бара од меѓународниот фактор и секако во совеста на јавноста и граѓаните. Уште повеќе што од 2001 па наваму, Македонија за прв пат се наоѓа во голем и специфичен крстопат“,анализира Синани.

 

 

 

Обвинителството забрани објава на видеа 

 

 

Снимениот разговорот меѓу  Груевски и Заев отвори сомнежи дека протекуваат докази од случајот „Пуч“, но Јавното обвинителство вчера не се осврна на природата на снимката. Во официјалното соопштение не споменува дали видео материјалот бил обезбеден со употреба на посебни истражни мерки, или, пак, се работи за нелегитимно снимање.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, согласно своите овластувања ќе изврши проверки во врска со фактите и околностите под кои материјалите од средбата помеѓу Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев, дошле до медиумите. Јавното обвинителство на Република Македонија цени дека е неопходно да нагласи дека објавувањето на материјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон. Затоа, предупредуваме веднаш да запре објавувањето и емитувањето на ваквите материјали“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

Откако проструија видео записите со средбата на политичките опоненти, од СДСМ обвинија дека ова е доказ за тоа кој во Македонија снима и следи комуникации и граѓани. За СДСМ прикажаното видео потврдува дека Груевски ги снима сите што доаѓаат на политички средби во неговиот кабинет, пример без преседан во Европа. Најавија кривична постапка поради неовластено снимање и прислушкување, казниво според кривичниот законик.

Веднаш потоа со реакција се огласи и ВМРО-ДПМНЕ. Ги повикаа надлежните институции да откријат од каде се актуелните снимки, дали смее да се објават вакви записи, дали е законски и за што станува збор. Истовремено, сметаат дека СДСМ се во паника зошто се фатени живи.  Ние како партија, велат од таму, остануваме на ставот дека и партиите и медиумите во врска со овој случај треба да се однесуваат одговорно и професионално.

 

„ССНМ како новинарски синдикат кој го брани правото на слободно и професионално практицирање на професијата, наспроти тенденциите таа да се претвори во прислужничко, пропагандно новинарство ги отфрла заканувачките предупредувања на Основното Јавно обвинителство дека „објавувањето на матерјали кои што може да станат предмет на натамошната кривична постапка е забрането и казниво со Закон“.

Новинарите кои ќе дојдат до матерјали поврзани со информации за потенцијален судир на интереси, за погрешно информирање на јавноста преку изјави или постапки на службени лица, организации или власти, за неетично или незаконско однесување на функционери, за злосторства или сериозни прекршувања на закон имаат професионална обврска тоа да го објават. Тоа е суштината на фундаменталниот принцип на новинарството – информирање во јавен интерес и почитување на уставното право на јавноста да знае! Тоа е кредото на професијата безоглед што за тоа другите, вклучително и власта, мислат! Никакви предупредувања на Јавни обвинителства не смеат да бидат оправдување за повлекување од основната задача на новинарството – да го брани јавниот интерес така што ќе и помогне на јавноста преку информациите што ги пренесува, самата да донесе сопствена одлука и сопствено мислење за прашањата и случувањата во општеството. Затоа новинарите имаат не само право, туку и обврска да откриваат информации за кривични дела и да попречат заведување и манипулирање на јавноста од позиција на моќ“

 

Ретроспектива

 

Повеќе од осум месеци Груевски и Заев не успеаја да најдат заеднички политички јазик, па да произлезе решение за опозицискиот бојкот на законодавниот дом. Заев пред повеќе од три месеци најави „бомби“, го собра вниманието на јавноста, а во саботата и официјално пукна „Пуч“, како продолжение на апсењето на екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски. Опозиционерот Заев се соочи со кривична пријава поднесена од МВР, под сомнение дека подготвувал пуч и загрозување на уставниот поредок, според член 311, а во врска со член 19 од Кривичниот законик. Заев се товари дека изминатава есен три пати лично и преку телефон му се заканувал на премиерот Груевски дека поседува компромитирачки докази за носители на јавни функции, а, за да не ги објави, барал од политичкиот противник да ги прифати неговите барања за формирање на техничка влада, за потоа, како што се наведува, да се распишат предвремени парламентарни избори. Премиерот во својот јавен настап ова го окарактеририза како државен удар, а за опозициската СДСМ беше обид да се спречи објавување докази. На ова реагираа сите политички партии, разни организации, движења, стигнаа и соопштенија со загриженост од Германија, Русија, САД, Обединетото кралство... Сите побараа „праведна, независна и транспарентна истрага“. Реагираше официјален Брисел, на само две недели пред најавеното пристигнување во Македонија на еврокомесарот за преговори и проширување, Јоханес Хан.

helisnki komitet logo

 

Хелсиншкиот комитет за човекови права веќе потенцираше дека во случајот „Пуч“ е очигледно дека осомничените не се гонат за противзаконско прислушување, снимање и сл. А, и да постои таков материјал, тој според практиката на Судот за човекови права во Стразбур  е автоматски неупотреблив за докажување на криминал, како што тоа би било случај кога ќе се утврди незаконито прислушување или снимање од полицијата или други органи со слични овластувања.

Во меѓународното право постои тренд да не се гонат и да се заштитуваат лицата (т.н. whistleblowers–соработници на правдата) кои ќе обелоденат злоупотреби и друг криминал“, соопштија од Хелсиншкиот комитет.

Уредник: Стојанка Митреска

Оставете коментар

Коментар(и)