Денешна дата
24/11/2017

Иван Бабановски, професор во пензија: „Пуч“ е циркус за да се спречи социјален бунт

Професоре, Ве молам на почетокот да објасните што е тоа пуч а што уривање на уставниот поредок?

Бабановски: Она што е наречено кај нас, во случајот пуч, ми личи на циркузијада затоа што за да се изведе пуч треба да бидат употребени некои инструменти кои можат да покажат сила и да покажат елементи што се насочени кон уривање на државниот поредок, на уставниот поредок а не уривање на една позиција или опозиција во државата. За изведување пуч во услови кога една партија во коалиција со партијата од ентитетот ја држи апсолутната власт, од законодавната, извршната, полициско-безбедносната до судската, нема елементи. Тоа е злоупотреба на изразот пуч. Најголемата злоупотреба и најголемиот пуч во државата е од луѓе кои си преземаат активности кои не им припаѓаат. Ниту премиерот ниту шефот на опозицијата имаат право да снимаат некого тајно. Па ги прашувам сега, пред кој суд ова можат да го употребат?

Дали ова значи дека сите овие докази во евентуално судење ќе бидат отфрлени?

Бабановски: Прво, овие докази кои се обезбедени на ваков начин не можат и не смеат да бидат пред судот никако. Не смеат ниту да се третираат пред судот затоа што се прибавени на криминален начин. Не може во судска постапка криминални акти да бидат докази. Тие можат да бидат само докази за осудителна пресуда за оној кој што ги правел а не тој да ги користи за некој друг да одговара. Мислам и на едната и на другата страна. Сега за службите е најбитно да докажат на кој начин и кој се’ учествувал во обезбедување на овие, некакви си нивни докази што се употребени во политички цели. Дали некој од службите неовластено ги предавал. Тоа е сосема друго кривично дело, оддавање службена или државна тајна, за разлика од она што е шпионажа и она што е контра револуционерен удар врз уставниот поредок на власта во една држава.

babanovski iskra

Кој и како може да изведе пуч или уривање на уставниот поредок во една држава?

Бабановски: Пуч можат да изведат структури кои, или се од внатре поддржани или имаат моќни поддржувачи или организатори од меѓународниот елемент, односно тоа може да бидат и претставници на странските тајни служби пенетрирани во нивните дипломатско-конзуларни претставништва. Затоа сметам дека ќе се најдат во многу незгодна состојба оние кои, барем така се добива впечаток, дека зад ова се’ што се изнесе како валканици пред јавноста е да се заблуди таа јавност. Ова не е отворање на проблем за да се види каде е проблемот туку овдека е тоа што повеќе валкани работи ќе излезат за да се заблудат граѓаните и да немаат претстава што се случува во државата. А се случува еден голем срам. Кај нас тие служби, полициско-безбедносни, разузнавачки и контра-разузнавачки се тотално разнебитени.

Што мислите кога велите разнебитени?

Бабановски: Мислам на тоа дека се узурпирани сите ингеренции на службите за безбедност. Службата за разузнавање која е под команда на претседателот на државата кој во овој момент не се изјаснува. Прв кој требаше да реагира ако некој подготвувал пуч во државата, требаше да се свика Советот за национална безбедност. За акцијата „Пуч“ не се појавува да говори директорот на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (ДБК) туку говори министерката за внатрешни работи. Тоа е нон-сенс. Место обвинителот да биде доминус-литис во постапката (оној кој што ја презема целата контрола и одговорност н.з.), тој да кажува што ќе се прави, како ќе се прави, ова некој зад кулиси му суфлира и тој тоа го извршува.

Ако е така сè ова што го зборувате, дали ова значи дека двајцата актери во оваа акција сакаат да скријат нешто многу поголемо?

Бабановски: Мислам дека ова е обид да се тргне македонскиот граѓанин од она што како лавина ни се приближува и од тоа не може да избега ниту еден политичар. Ни се приближува социјален бунт затоа што сме дојдени на последното стапало од трпеливоста на масите да го преживеат денот, да ја преживеат неделата. Не гледам ниту еден елемент кој ми дава надеж дека ние тоа ќе го одбегнеме. И уште повеќе, на Македонија и се заканува скора сецесија.

 

Како ги толкувате реакциите на неколку странски држави?

Бабановски: Прво тие се оградија. Одма им ги пресекоа сите можности да се врзуваат со вклученост на нивните тајни служби. Нема држава што тоа ќе го признае. Која е таа држава која што ќе дозволи да каже дека и имплициранаво анти-уставни активности во држава во која има свои претставници кои се тука за да ги уредуваат добрите политички, економски, воени, културни и сите други односи помеѓу двете држави, без разлика колку е мала Македонија.

 

Како ја оценувате безбедносната состојба во Македонија? Има ли причина за загриженост?

Бабановски: Мислам дека никогаш не сме имале полоша безбедносна состојба од сега. Не затоа што тоа е резултат на нашите вкупни состојби и односи кои се никакви, туку затоа што Балканот е разнебитен. Во таа разнебитеност ние сме дното. Како да не бидеме загрижени кога двајца најповикани лидери го тормозат македонскиот граѓанин а третиот молчи затоа што не е сигурен во својата позиција.

 

Вие сте жесток критичар на општествените случувања во земјава. Дали можеби тој Ваш, условно речено револт, е поради тоа што Вие бевте лустриран?

Бабановски: Јас не сум од оние кои преку ден беа во фукција на тајните служби, добар дел од нив беа и останаа и денес и работат за службите кои што се од надвор а ноќе одеа тајно да работат за интересите на Македонија и ја бранеа од некаква опасност која беше предимензионирана за да можат истите добро да се етаблираат во власта која што беше подоцна конституирана. Затоа што да бев јас на местото на опозиционерите јас ќе останев во Парламентот. Тие само и олеснија на власта да си ги протера сите нејзини желби. Еве оние три жени што се таму знаат да кажат што не чини, имаат увид што се случува таму а ова другото друштво што не е во Парламентот мора околу да прави врски и оперативно да доаѓа до сознанија што се случува во комисии, работни тела, што се случува во кулоарите. Биди таму па „тепај“ се. Биди маж. Јавно говорам дека сум гласал за оваа разнебитена позиција која ми направи да живеам како скот во мојата држава и сега јас не смеам да го кажам тоа.

Има ли излез?

Бабановски: Би сакал прв пат во живот да не сум во право но ги редам коцките а тие покажуваат нешто зло за Македонија. Но таа е библиска држава и нема шанси некој да ни ја земе, да ни ја прекрсти и да ја преправи. Сите овие работи за кои зборувавме се минливи, треба да ги издржиме и треба да се сплотиме. Најголемо зло ни е тоа што сме разнебитени самите.

Оставете коментар

Коментар(и)

opetceska@inbox7.mk