Денешна дата
13/11/2019

Секое семејство посиромашно за 5000 денари

Трошоците пораснале за 4.000, платите пониски за 600 денари

Од 2010 година досега трошоците за живот за едно четиричлено семејство пораснале за 4.100, додека просечната плата во истиот период се намалила за 600 денари. Ова значи дека секое семејство за 4 години е осиромашено за скоро 5.000 денари

Со други зборови, граѓаните, од година во година се се посиромашни. Од платата им остануваат се помалку пари. Горан Димитров од Штип, вработен во конфекција месечно зема 12.000 денари и се жали дека со две текстилни плати и една пензија никако не може да ги задоволи ниту основните потреби на своето петчлено семејство.

Едвај врзувам крај со крај. Секој месец се запишувам во продавница за да можам да го прехранам семејството“, се жали Димитров.

Судбината на Горан ја делат околу 400.000 семејства во земјава.

Зголемување на трошоците за живот забележале и од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), кои се единствената институција која пресметува минимална потрошувачка кошничка во земјава. Според Анѓелко Анѓелковски, секретар на советот на ССМ таа кошничка во март годинава изнесувала 32.040 денари.

Нашата кошничка ги опфаќа минималните трошоци што ги има едно четири члено семејство. Вредноста на таа кошничка секоја година се зголемува“, додава Анѓелковски.

До 2010 година потрошувачка кошничка изготвуваше и Државниот завод за статистика, но последниве неколку години, тие такви пресметки немаат.

Трошоците пораснале за 4.000 денари од 2010 година досега

Трошоците за живот секојдневно растат и за Стојан Дамјановски, пензионер од Скопје.

Од ден, на ден се по нешто се качува. Ќе идеш во продавница, ова се качило за денар, друг ден друго се покачило“, се жали Дамјановски.

Секој ден по малку, но на крајот ќе се соберат, вели чичко Стојан. Дека е така покажува и анализита на Инбокс 7. Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците за живот во изминативе 4 години постојано се во пораст.

potrosuvacka kosnica

 

Година

Трошоци за живот (во %)

2010

2.6

2011

4

2012

3.3

2013

2.8

Ако процентот на раст на трошоците на живот го помножиме со вредноста на минималната потрошувачка кошничка (32.133 денари), тогаш секоја година имаме зголемување на вредноста што треба да ја платиме за да ги задоволиме истите потреби како и минатата година.

Година

Раст на трошоците во пари на годишно ниво

2010

837

2011

1288

2012

1063

2013

902

Вкупно за 4 години

4090

 

Од ова произлегува дека за 4 години трошоците за живот се покачиле за 4.100 денари.

За економскиот аналитичар Стојче Самарџиски, растот на трошоците ќе продолжи понатаму.

Спиралата на покачувањата се повеќе ќе ги крева цените нагоре, а се повеќе и повеќе луѓе ќе влегуваат во маѓепсаниот круг на сиромаштијата“, додава Самарџиски.

Просечната плата за 4 години се намалила за 600 денари

За разлика од трошоците за живот кои постојано растат платите на вработените во стопанството или остануваат исти или се намалуваат. Вики Т, медицинска сестра од Источна Македонија веќе 20 години работи како медицинска сестра во приватна ординација и покачувања на платата за тие 20 година имала 2 пати по 1.000 денари.

Кога започнав со работа на крајот на 1993 година земав 11.000 денари плата, а сега земам 13.000 денари. Со овие пари ги покривам трошоците само за 10 дена“, вели Вики и додава дека кога започнала да работи, во 1993 година, работела само од понеделник до петок, а сега работи и саботи.

Вистината на Вики, ја потврдуваат и податоците на Државниот завод за статистика каде последните 3 години, просечната плата дури и се намалила за 600 денари. Така во август 2011 година, просечната исплатена плата во земјава била 21.912 денари, додека во јануари 2014 година просечната плата била 21.327 денари.

Ваквите состојби се поразителни за најголем дел од економските експерти.

„Многу е лошо што кај нас во стопанството нема усогласување на платите со растот на трошоците, и за да ги покријат овие покачувања од 100 денари месечно (1000 денари годишно), работниците треба да се откажат од некои од производите во минималната потрошувачка кошница или пак да работат уште дополнително за да ги покријат тие трошоци“, вели Самарџиски.

Според податоците на Државниот завод за статистика во земјава се вработени 685.000 лица, а според некои проценки околу половина милион вработени имаат пониски плати од 300 евра.

Уредник: Тамара Чаусидис

lefkov@yahoo.com