Денешна дата
24/11/2017

Гилман: Загрижува стравот на граѓаните да се жалат во институциите

Граѓаните се исплашени да се жалат во институциите, дури и за најмали работи, вели во ексклузивното интервју за Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија, меѓународниот експерт за корупција, Стјуарт Гилман, кој работи за повеќе влади во светот на теми како добро владеење и заштита од корупцијата. Во изминативе денови тој се сретна со претставници на државни институции, бизнисмени, невладини организации, претставници на мултинационални компании, медиуми…

„Беше изненадувачки колку многу граѓани рекоа дека се чувствуваат исплашени, не исплашени за нивните животи, туки исплашени за да се жалат. Тие чувствуваат дека ќе бидат казнети за тоа. Едно од чувствата кои ги имам не за сите, но за премногу, е чувството ако кажам нешто, тогаш нешто лошо ќе ми се случи. Дури и ако е жалба за мала работа. Тоа никогаш не е здраво.  Без да генерализирам, тоа е нешто што треба да се испитува, како од медиумска гледна точка, така и од страна на Владата бидејќи ако тоа им го наметнувате на луѓето за да размислуваат така, ненамерно, тогаш создавате средина каде ниедна промена не може да се случи. Сметам дека Владата ќе направи добар чекор ако им олесни на луѓето дека критикувањето на Владата не е само нивно право, туку и обврска во живеењето на едно општество кое себе си се нарекува демократско“, изјави Гилман во интервјуто за СКУП-Македонија кое ќе го емитуваме утре.

Гилман смета дека постои загриженост за Македонија. „Мислам дека е потребна политичка волја од врвот за да се ангажираат независни агенции, луѓе кои не се поврзани со Владата, луѓе кои не можат да бидат тргнати оттаму бидејќи на Владата не и се допаѓаат нивните одлуки, на пример, во Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија или Управата за јавни приходи. Мислам дека на Владата е да каже: „Ние веруваме во она што го работиме дотаму што ќе дозволиме независни луѓе да евалуираат колку добро работиме“.

Тој порачува дека вистински патриотизам е кога граѓаните се борат против корупција:

„Ако навистина ја сакаш својата земја, тогаш ќе треба да заштитиш од корупција колку што можеш повеќе. Бидејќи, се надевам, дека сите влади сакаат да им служат на граѓаните. Има ли подобар начин да се направи тоа отколку да се оттргне тоа ниво на несигурност, нивото на страв можеби, кое може да дојде заедно со корупцијата, кога чувствуваш дека немаш контрола врз својот живот“, потенцира Гилман.

Оставете коментар

Коментар(и)