Денешна дата
26/10/2020

Факултетите под студентска контрола

Студентскиот пленум прогласи слободна „Автономна зона“ и ги окупираа факултетите. Студентите во наредниот период паралелно ќе функционираат со рамките на Универизитетот, ќе преспиваат во факултетите и ќе се одржуваат алтернативни предавања

Студентскиот пленум внесе нова димензија во својата автентична борба, која отвора ново поглавје во историјата на македонскиот студентски активизам.  Студентите решија да го земат назад она што изворно им припаѓа – да прогласат „Автономна студентска зона“, односно Универзитет под студентска контрола. Од денеска од пладне ќе се дружат, дискуираат, ќе делат идеи, насоки, ќе одржуваат алтернативни  предавања, буквално ќе преспиваат во факултетите. Ваквата окупација ќе функционира паралелно со Универзитетот „Кирил и Методиј“, а истовремено ќе вршат притисок врз надлежните служби додека комплетно не се исполнат нивните барања за реформите во високото образование.

This slideshow requires JavaScript.

Додека во Законодавниот дом се подготвуваа измените за високо образование, денес пред платото на УКИМ стотици студенти и граѓани вивнаа транспаренти, се слушаа извици, свирчиња, ечеше музика од „Хахаха“ и „Бернајс пропаганда“. Им се приклучија и од Професорски пленум. Низ толпата „патуваше“ кутија за донации.  Пораките од транспарентите беа јасни – „Слободен универзитет“, „Не сакам да сркам тоа што ми надробиле“, „Кој купил испит, ќе купи и државен“, „Универзитетот е наш“, „Окупирам за да ослободам“, „Сакате ли да понудите нешто освен брза храна?“

Со ваквата окупација на факултетите, студентите не сакаат да бидат во улога на натрапници, туку да го бараат она што им припаѓа – Уставна автономија.  Скептични се за нанедејната попустливост на премиерот Никола Груевски за оддолжување на Законот за високо образование, но сметаат ништо не им е загарантирано. Наместо краткоточно оддолжување на законските измени, каде е вклучен и државниот испит, бараат усвојување на целосно нов закон за високо образование.

„Новиот закон, не треба да биде цел само по себе. Туку да ги отсликува реалните потреби за честото прекршување на правото на автономија. Нејасната имплементација на болоњскиот систем. Неодржливиот систем на финансирање на јавното образование. Несоодветните услови за стекнување на звање и унапредување во звање. Постоење на дискриминација и корупција. Недоволната државна поддршка за научно истражувачки цели.  Давачките за студентите кои се непотребни, нереални или недоследно трошени. Корумпираните студентски претставници и недостатокот на студентски бенефиции“,побараа студентите пред да прогласат „Автономна зона“.

Исто така, Студенткиот пленум бара да се потпише спогодба помеѓу Интеруниверзитетската конференција и Министерство за образование и наука. Спогодбата би го  загарантирала учество на Студентски пленум во целиот закон, со цел тој целосно да ги рефлектира студентските ставови и перспективи.

Спогодбата да содржи и формирање на работни групи, во кои студентите и професорите од „Пленумите“, членови на универзитетската администрација, претставници од ресорните министерства ќе бидат рамноправно застапени. Временска рамка со која се дефинира динамиката на законот, односно рокови за изработка на прв и втор нацрт на законот. Универзитетот треба да претставува бастион на критичката мисла, која води кон напредок. Тоа е онаму каде не препишуваш, каде не заокружуваш од понуденото, онаму каде не ти се сервираат одговори, онаму каде не те учат што да размислуваш, туку како!“, сметаат од Студентски пленум.

Ваквото ставање на универитетот под студентска контрола, сметаат е само адекватен одговор на паранормалното функционирање на нашето високо образование, кое со последните усвоени измени на законот, како што велат, го достигна врвот на сопствениот апсурд.