Денешна дата
23/06/2017

Или одговорност или ќе има нови случаи како Тамара

Г-дине Змијанац добре дојдовте во интервјуто на Инбокс7. Каков е Вашиот став во врска со смртта на Тамара Димовска?

Змијанац: Малата Тамара Димовска која несреќно со негрижа на институциите на системот згасна нејзиниот живот, а можеше и требаше да се спаси, само ја прелеа чашата. Ние евидентиравме случаи на занемарување, негрижа и неефективно и несоодветно постапување од старана на институциите на системот каде што се заветиле дека во најдобар интерес на децата, потпишувајќи ја Конвенцијата за правата на детето и факултативните протоколи ќе постапуваат. За жал се претворивме во држава во која се евидентираат состојби, бројки, жални бројки, тажни и не прави никаква корекција во однос на подобрување на состојбата. Без преземање на одговорност и степенување на нивото на одговорност, верувајте овие случаи ќе се повторуваат. Има многу работа за Јавниот обвинител, за Народниот правобранител. Ресорните министри исто така треба да ги прочепкаат нештата во своите ресори, да побараат одговорност и на тој начин ќе докажат пред јавноста и пред себе ако имаат совест и свест и лична одговорност дека се одговорни и дека ќе направат сè овие случаи да не се повторат при тоа виновниците најсоодветно и најстрого да се казнат како опомена дека ќе се мобилизира системот кога станува збор за здравјето на детето, за правилниот раст и развој, за неговата иднина. Дека оваа држава е сериозна и одговорна и дека ќе постапува во најдобар интерес на децата.

zmijanac iskra

 

Во врска со случајот на девет годишната Тамара се изнаслушавме најразлични дури и контроверзни изјави на одговорните. И на фондот и на докторите и вчера на министерот. Што мислите, зошто е тоа така?

Змијанац: Кога јавноста бара отчет, кога еве ние конкретно бараме дека навистина можеше да се спаси овој детски живот и дека треба да се одговара за овој случај, се мобилизира обвинителството кое не треба да чека реакција од јавноста или од граѓанскиот сектор ниту од родителот да бара со претставка помош да се испита случајот. Исто така ниту Народниот правобранител. Тие треба по службена должност кога ќе се детектира нефункционалност, слабост, тромост на системот каде што на место да го забрза и да го реши проблемот, бидејќи станувало збор за денови за спас на овој живот а не за надмудрување дали таа операција ќе се изврши во Македонија или надвор, некој мора да ја преземе одговорноста. Министерот е коректно да си побара одговорност од тие кои што го попречиле навременото интервенирање со операција за малата Тамара.

 

Може ли, на страна од тие партиски препукнувања да ја лоцирате одговорноста во овој случај и секако во сите други случаи?

Змијанац: Кога говориме, говориме со мандат и легитимитет кои граѓаните ни го доверуваат. Кога бараме одговорност, оставки директно се насочуваме кон институциите кои што не постапиле соодветно. И многу често ги повикуваме на одговорност. Она што мене ме загрижува е тоа што нема механизам на санкции. Иако ние доставуваме извештај за состојбата до Комитетот за правата на детето и таму ги детектираат проблемите. Стигнуваат препораки за државата која несоодветно ги третира овие препораки и ние мора да вложиме дополнителни напори тие препораки државата да ги испочитува за да добие поголем кредибилитет и рејтинг во светски размери дека Македонија се заветила дека ќе ги почитува правата на децата. Овдека имаме елементарно прекршување на правото на детето, згаснат е еден детски живот. Јавноста бара одговорност, отчетност и државата е должна да одговори што се случи не само со Тамара туку и со сите детски животи згаснати во изминативе години.

Не само згаснати животи туку и во злоупотребата, еве во конкретниот случај на малолетник во Казнено-поправниот дом Тетово, во одделението во Велес.

Змијанац: Ги добиваме тие информации. Ги алармираме институциите. Ние на СОС телефонот имаме регистрирано над 20.000 случаи каде што децата и граѓаните се охрабриле да постапат. Она што нас нè загрижува е тоа што тие немаат доверба во институциите дека ќе постапат навремено, брзо, праведно, правилно и правно. Дека децата им се фокус и дека ќе ги заштитат од насилство и злоупотреби. Тоа со Велес долго траеше. Народниот правобранител имаше увид дека таму се случува нешто, но верувајте, најтешка работа во Македонија е да се покрене кривична одговорност против некого и таа да се истурка до крај и да се добие одговор со судска разрешница. Сè додека тоа се случува а луѓето кои што работат и се одговорни во државата, при тоа не сносат одговорност, верувајте дека овие појави ќе се повторуваат.

  1. Вие како детска амбасада што ги штити правата на децата потсетувате на серија на други дечиња на кои им е потребна помош слична на Тамара?

Змијанац: Да. Не е доволно да се поттикнат само граѓаните на солидарност и тие тоа го прават вклучувајќи го данокот на додадена вредност (ДДВ) кој го даваат. Тука се и мобилните оператори кои што го сервисираат сето тоа. Бараме отчетност во однос на ажурирање на овие проблеми, нивно навремено решавање исклучувајќи ги сите партиски злоупотреби и пресметки за судбината на децата. Би ги замолил сите тоа да го тргнат на страна. Нека се фокусираат на тоа дека на децата им се потребни, дека тие се ранливи и дека не секој родител има можност, капацитет и моќ соодветно да постапи. И од воспитен и од економски и од образовен карактер. Државата, кога родителите не се во позиција да му помогнат на своето дете, се вторите како старатели кои треба да земат грижата на свои плеќи.

 

Освен здравствената заштита, вие постојано предупредувате на правата на децата во образованието, постојано предупредувате на правата на децата особено на оние со потешкотии во развојот. До каде сме во обезбедувањето на заштита на децата?

Змијанац: Ние кога ќе кажеме дека во Македонија има најмалку 1500 деца „фантоми“ и со нив може најлесно да се злоупотребува преку граници, со трговија на детски органи, детска проституција, питачење, државните институции се пресметуваат со нас околу детектирање на точната бројка. Дали се 300, 1500 или 4500 секако тоа не е исто но имаме веќе проблем кога велиме дека имаме невидливи деца. Значи ДСЗ со Министерството за труд и социјална политика со помош на граѓански организации и центрите за социјална политика им можност да направи увид и овие деца да ги стави во изводот од матична книга на родени. Затоа што тие деца трпат најголема дискриминација. Тие не можат да остварат ниту едно елементарно право. Право на здравствена заштита, право на образование, право на нега, грижа и така натаму. Второ, има деца кои што не се вклучени во претшколското образование и воспитание. Вие замислите, ако децата не ги пуштите на време во воспитание и згрижување, таму не само што децата пијат и јадат туку таму се образуваат. Тоа е првиот чекор кон задолжителното основно образование. Потоа ако основното училиште е задолжително има многу дискриминација посебно за ромската популација. Нечисти, извалкани, немаат соодветни услуги, услови за одење на училиште. Па се депримираат децата и родителите. Ако ги описмениме децата, едно дете на училиште едно дете помалку на улица. Веќе следниот чекор е задолжително средно образование. И кога тој проблем вие нема да го решите имате еден круг каде што имате неписменост, злоупотреба, сиромаштија. Така се продуцира злоупотреба на децата.

 

Се грижи ли Македонија за своите деца?

Змијанац: Осцилира. Има исчекор повеќе благодарение на свеста на граѓанството и медиумите. Меѓутоа, повторно ќе кажам, кога луѓе ќе бидат поставени на функции а при тоа се избрани од структури кои не гарантираат квалитет во остварување на нивното раководење и управување имаме ние проблеми. При тоа ако настане најтежок проблем каде што треба да се санкционира, не се преземаат никакви чекори за преземање одговорност кон тие кои ги делегирале или назначиле на раководни функции.

 

Какви мерки треба да се преземат за да добиеме здраво поколение?

Змијанац: Искрено да ви кажам неговото височество воспитувачот е многу важна улога на еден воспитувач каде што родителите  кои се се’ повеќе зафатени и немаат доволно време за комуникација и разговор со детето. Треба да бидат коректор не само на медиумското насилство кое го доживуваат и на некоректното известување и индоктринација на нивните мали главчиња, каде што и родителите кои што недоволно знаат да ги образуваат и воспитуваат децата, треба да биде клучен фактор. Ама тој треба да биде награден и мотивира.  Опфатноста на децата треба да биде наместо 14 или 20 отсто најмалку 50 отсто претежно во руралните средини затоа што во урбаните средини родителите имаат капацитет да платат и приватни градинки. Еве заговараме задолжително градинка од третата година па натака. Тоа да биде првиот чекор на спасување на децата од можна злоупотреба. Втор момент е еве ние сега ќе заговараме да се прифати Третиот факултативен протокол и доколку некое дете е жртва на негрижа на системот и при тоа нема праведна разрешница во негов интерес да може адвокатот кој го застапува директно да се жали до Комитетот за правата на детето. Таму даја бара правдата и правната разрешница.

 

Најавувате собир на сите невладини организации. За што станува збор?

Змијанац: Здруженија на граѓани кои што имаат ранливи категории на деца, кои се болни од ретки болести, аутизам, кои чекаат помош и поддршка од државата, кои што имаат потешкотии во остварување на правата. Да се здружиме да видиме што понатака. Дали ќе одиме со петиција, со протести, со марш, со разговори со институциите за подобрување на состојбата. Да знаат дека ги следиме, сето тоа го евидентираме и дека ќе бараме од нив поголема ефикасност и мобилност. Сето ова ќе оди малку подлабоко. Со остварување на правото на здравствена заштита, грижа, нега, персонален асистент, инклузија на децата во основното училиште, степенување на нивното ниво на хендикеп. Како се врши инклузијата, како се едуцирани училишните професори за работа со овие деца. Дали секое училиште има дефектолог, логопед, социјален работник. Дали социјалните работници имаат увид во семејствата од ризик и дисфункционалните семејства за да не настануваат тешки последици по животот на детето, силување, насилство, инцест, за тој систем да функционира на дневна основа.

Оставете коментар

Коментар(и)

opetceska@inbox7.mk