Денешна дата
26/11/2020

Хонорарци: Стоп за државниот арач!

Револтираните хонорарци денеска маршираа по скопските улици со цел јасно и гласно да кажат „НЕ“ за плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување. Меѓу нив имаше новинари, актери, уметници, медицински лица, луѓе од разни професии, активисти, им се приклучија и дел од студентите… Насобраниот народ се движеше од паркот „Жена-борец“, Собранието, преку Министерството за труд и социјална политика, се држеа говори пред Владата, за на крај толпата да застане и аплаудира на студентите во „Автономната зона“ на УКИМ. Со аплауз возвратија и од „Студентски пленум“.

This slideshow requires JavaScript.

Протестот симболично се одржа на петок 13-ти, бидејќи хонорарците сметаат црно им се пишува со ваквите законски решенија. Оттука, се вивнаа транспаренти со „Стоп за државниот арач“, „Социјална правда“, „Лебот ни го земавте“, „Сакаме почитување, не сожалување“, „Даночен рај за странци, пекол за хонорарци“…

Потписниците на Повелбата за солидарност за заштита на работничките права, граѓански здруженија, активисти и поединци ги отфрлаат најновите измени на законите за придонеси за хонорарна работа и остануваат на барањата доставени на 12 декември. Одбиваат да бидат предмет на манипулации со цел да се амортизира незадоволството на илјадници граѓани, кои веќе се соочија со откази, намалувања или доцнење на месечните плати.

Ова се трите основни барања:

1) Да се повлечат законските измени со кои се воведува плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите

2) Преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос, односно на наметнатото вршење работа без договор или врз основа на договор за дело, при што на работниците не им се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување

3) Да се зголеми или укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите од плата кои сега изнесува 6 просечни плати.