Денешна дата
22/09/2017

Владо Тануров, родител на оперирано дете: Ви требаат железни чизми за да добиете конзилијарно мислење

Инбокс 7: Почитувани, го следите неделното интервју на он лајн магазинот Инбокс 7. За смртта на Тамара Димовска, за вистинитоста на тврдењата на Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство, за моралот на македонските лекари, за мафијата во бели мантили, за голготата на семејствата чии членови се оперираат во странство, разговараме со Владо Тануров, татко на пет и пол годишниот Јани, кој се оперираше во болница во Турција, каде требаше да се оперира и Тамара Димовска.

Господине Тануров, добредојдовте. Од што боледува вашиот син, кога и како започнува вашата голгота?

 

Тануров: Нашата голгота започнува од неговото раѓање, каде при лекарска грешка, син ми добива крварење од 4-ти степен и како последица на тоа крварење кај детето се појавува хидроцефалус и на 8 месечна возраст аграхронидална циста во мозочето. Како последица на таа циста син ми има последици и денеска, има спазам во левата рака и нога и му е отежнато движењето со ногата и раката, која може многу малку да ја користи. Скоро и да не може да ги движи. Дури по оперативниот зафат му се подобрува и говорот и почнува понормално да расте и да се развива. Целата оваа голгота започнува од самото раѓање.

 

Инбокс 7: За каква лекарска грешка се работи и кои беа тврдењата на другите лекари околу тој лекар?

 

Тануров: Се распрашав кај лекари, ова не го тврдам без аргументи. Бременоста на сопругата беше во најдобар можен ред. Кога отидовме на породување, при пукањето на водењакот, тој беше потполно загаден, плодовата вода беше сосема зелена. Докторот кој ја породуваше ми рече дека доколку за еден час не започне да се пораѓа, тој веднаш ќе ја отвори со царски рез. Меѓутоа тој ја остави 11 часа на бокс, него го немаше, како последица на оваа, најверојатно моето бебе се има напиено од таа загадена плодова вода, миколиум, која е многу штетна за бронхиите на децата кои не се развиени. Два часа по породувањето доаѓа до престанок на дишењето и крварењето на мозокот. Во консултации со останатите лекари, што треба да се направи доколку се случи ова, при тоа не им кажав дека се работи за мене, сите ми потврдија дека веднаш треба да се отвори жената со царски рез, дека нема чекање во вакви случаи и дека ова е класична лекарска грешка. Ги запрашав дали би сакале оваа истото да го кажат пред институциите, доколку одам понатаму, сите одбија и не сакаа понатаму да се мешаат во тоа.

 

Инбокс 7: Како продолжува вашата голгота?

 

Тануров: Нашата голгота започна од самото раѓање. Се правеше магнетна резонанца каде се гледаше хидроцефалусот. Како родители сакавме да добиеме и друго мислење од странство, затоа пративме документи прво во Германија. Во Македонија веднаш ни препорачаа да му се стави шамп, односно пумпица, за да таа вода истекува од мозочето на син ми. Меѓутоа ние како родители баравме мислење и од други на шест месечна возраст отидовме во Германија каде детето беше прегледано од директорот на клиниката професор доктор Ундерберг во Детската универзитетска клиника во Хајделберг. Ги погледна сликите и го погледна и детето и рече дека нема потреба од ставање на шамп бидејќи водата во мозочето не се зголемува и дека на секој 6 месеци треба да се прави магнетна резонанца и доколку дојде до промени на цистата неопходно е веднаш да се направи интервенција за да не дојде до поголеми последици. На наредната контрола се востанови дека на местото каде е крварењето се оформила анахроидална циста со големина од 8 по 5 сантиметри. Веднаш потоа заминавме во Германија, докторот рече во ред, цистата е затворена, не треба да се плашите, меѓутоа ако настанат промени тогаш ќе треба да се оперира. Овде ни беше предочувано повторно да се стави шанп кој ние го одбивме и Јани до 3 и пол годшишна возраст немаше проблеми. Кога имаше 3 и пол години, детето доби напад, односно беше во статус, 3 и пол часа, тоа би можело да се рече дека е некој вид на кома. Целиот беше згрчен и бевме навистина исплашени дека сме на некоја граница. По тоа опоравување веднаш заминавме за Германија, тоа беше во 2013 година, крајот на април. Професорот ги погледна снимките и рече дека треба да се направат нови снимки, меѓутоа дека е неопходна итна интервенција затоа цистата започнала да се поместува централно и дошло до притисок на понсот кој ја држи функцијата на главните органи.

 

Инбокс 7: Што се случи понатаму?

 

Тануров: Добивме фактура, колку би не чинела операцијата во Германија, сумата беше прилично голема. Ние, како родители баравме и друго место каде би можело тоа да се направи. Добивме информација дека во Аџибадем во Турција, професор доктор Мемед Озек, кој е врв на детската неурохирургија заминавме на преглед и кај него. Отидовме со истите снимки од кај нас, но на тие снимки не можеше да се види тоа, што тој сакаше да го види, и ни беше посочено таму да се направат додатни испитувања, ЦСИ магнетна ресонанца и 24 часовно видео ЕЕГ. По овие снимања тој рече дека е неопходно да се направи интервенцијата што поскоро. Негова препорака беше да се направи интервенцијата во декември 2013, а ние таму бевме во септември. Поради немање на материјални средства ја одложивме работата за понатаму. Кога се вративме тука како родители започнавме да бараме помош од народот преку телефонски линии, преку донации и фирми, во меѓувреме не посоветуваа дека од Фондот за здравство ни следуваат пари за овој тип на операции за да ни се покријат трошоците. Некаде во ноември 2013 година поднесовме барање за лекување во странство за нашиот син. Ја собравме целокупната потребна документација од конзилијарно мислење, фактури, снимки кои беа направени кај нас и во странство, мислење на докторите од странство, мислење на докторите од Македонија, како и мислења од Систина, каде беше напоменато дека оваа интервенција не се прави во Република Македонија. Ги поднесовме документите до Фондот, каде ни побараа уште една фактура, јас ја имав и фактурата од Германија и целокупната документација ние ја доставивме до Фондот. Од документи, како прво, ви е потребно конзилијарно мислење кое треба да облечете железни чизми за да го добиете од одредени установи.

 

Инбокс 7: Колку време ви требаше да го добиете конзилијарното мислење?

 

Тануров: Скоро месец дена ако не и повеќе.  Секој ден одев во Клиниката, секој ден разговарав со директорот на Клиниката, со некои доктори таму. Тоа одеше ужасно тешко, но на крај успеавме да го добиеме за да може да го доставиме понатаму. За три потписи чекавме месец и пол дена. Тоа беше една страшна голгота која ве чини и нерви и пари. Секој ден да висете во Клиника за она што ви следува е стварно жалосно.

 

Инбокс 7: Од кои доктори требаше потписи?

 

Тануров: Од доктори од Клиниката за неврохирургија. Требаше потписи од 4 лекари плус од директорот на Клиниката како веродостојно за да може да се достави понатаму. Процедурата со целокупната документација од почетокот на настанувањето на таа циста, од сите прегледи кои беа правени до нападот, фактури, снимки, дијагнози, со барање се доставува до Фондот за здравствено осигурување. Таму треба да решава првостепената комисија која или ќе одлучи позитивно или негативно.

 

Инбокс 7: Кои лекари се членови на таа комисија? Се специјалисти за вашата област или не?

 

Тануров: Многу пати прашував кои се членови, бидејќи чекав одговори, но тоа се држи во строга тајност. Кога ги прашував во Фондот ми велеа дека не можат да ми кажат кои се членови на комисијата бидејќи можам да вршам притисоци врз нив. Ова за мене е апсурдно. Зар може еден обичен граѓанин да врши притисок врз еден еминентен лекар за да му одобри лекување во странство. Во таа комисија колку што јас разбрав, членуваат лекари од повеќе области, дали членува и неврохирург, не можам да во потврдам. На повеќе пати напоменував во Фондот за здравство дека не се работи само за тоа дека ние немаме соодветна опрема да се изврши таква интервенција во Македонија, нема искуство, никој не ја вршел таа интервенција. Прво и основно во Македонија не постои, детски, педијатриски неврохирург. Никој не може да ме убеди дека главата на возрасен човек и на дете е иста. Тоа не може да ме убеди. Затоа во светот постојат, педијатриски неврохирурзи, педијатриски кардиохирурзи, педијатриски ортопеди и постојат ортопеди, неврохирурзи и тн. Тоа е првата основа поради која во Република Македонија не би можела да се направи таа интервенција, покрај тоа што ја нема опремата и искуството кое истотака го нема. Докторите кај нас не се педијатриски неврохирурзи.

 

Инбокс 7: Што се случи на првостепената комисија во Фондот за здравство?

 

Тануров: Бевме одбиени со образложение дека не се исцрпени сите сретства за лекување на нашето дете во Република Македонија и покрај мислењето од друга приватна клиника во која пишува дека не може да се врши таа интервенција кај нас. Мене не ми е јасно кои други сретства стојат на располагање да се изврши таа интервенција кај нас.

 

Инбокс 7: Колку време и требаше на првостепената комисија да донесе одлука?

 

Тануров: Околу 15 дена. На 19 декември ми јавија по телефон дека сме одбиени и одма заминав во Фондот го подигнав решението и веќе попладне поднесов жалба до второстепената комисија. По 5-6 дена добив одговор и од второстепената комисија, односно јас секојдневно притискав и прашував и добив одговор дека е разгледан предметот меѓутоа се поднело барање до Клиниката за неврохирургија да им се даде мислење на конзилијарното мислење. Чекавме скоро еден месец, фатија новогодишни и божиќни празници и некаде на 15 јануари. Се јавив во Фондот за здравство и ми рекоа дека чекаат мислење, отидов до Клиниката за неврохирургија да прашам зошто веќе еден месец не е испратено мислењето. Тогаш секретарката на Клиниката ми покажа испратница со пвратница во која стои дека мислењето е испратено и дека во Фондот за здравство го имаат примено. Тогаш избувнав и веднаш сејавив и отидов во Фондот да прашам каде е проблемот и зошто сеуште не е разгледано и тогаш добив одговор дека и на второто мислење кое го добиле од Клиниката, повторно бараат мислење. Отидов во Фондот, разговарав што разговарав, можеби бев малку и дрзок и веднаш излегов надвор и решив да излезам во медиуми. Почувствував дека сам низ оваа процедура, низ овој лавиринт не можам да поминам. Се обратив до медиумите, само еден печатен медиум ја објави мојата приказна, се обратив и до останатите медиуми, но од сите бев љубезно одбиен дека уредникот не дозволува тоа да се објавува. Побарав и во електронските медиуми каде истотака бев одбиен од повеќето од нив, значи и телевизиите за да на крајот ми се јавија од Телма и мојата приказна одеше на Телма телевизија неколку дена по ред.

 

Инбокс 7: Кој печатен медиум ја објави?

 

Тануров: Само Вест. По тридневното објавување на Телевизија Телма, четвртиот ден уште рано сабајле во 7 и 30 часот ми се јавија од Фондот за здравство и ми рекоа дека барањето ви е прифатено. Им реков како така е прифатено, јас знам дека вие третото мислење не сте го добиле, нели мислење на мислење, на мислење. Како успеавте да го решите? Ми одговорија дека докторите се слушнае телефонски и одлучиле дека може да ви се одобрат сретства. Им велев значи можело и телефонски. Јас бев веќе ироничен затоашто се ми беше преку глава. Значи морало телефонски и со притисок инаку на друг начин немаше да ја завршиме работата.

 

Инбокс 7: Колку време помина од поднесувањето на првото барање до добивањето на позитивно мислење?

 

Тануров: Првото барање беше поднесено во Ноември 2013 а конечниот исход го добивме кон крајот на јануари 2014. Околу дваесет и некој јануари, не ме фаќајте за збор. Имавме закажано термин во болницата во Турција и тој термин беше на 26 февруари 2014. Од болницата во Турција велат дека 10 дена пред почетокот на операцијата, парите треба да бидат уплатени, ако не уплатите може да го изгубите терминот, односно да се помести. Процедурата е таа, добивате фактура и закажувате термин.

 

Инбокс 7: Кога добивте одобрение од Фондот, после колку време добивте пари за да се резервира терминот?

 

Тануров: Терминот ми беше закажан уште во крајот декември 2013 или почетокот на јануари 2014 година. Меѓутоа од денот кога разбрав дека позитивно е решен мојот предмет до денот до кога се префрлени парите поминаа од 7 до 10 дена.

 

Инбокс 7: Откога се случи операцијата, имавте дополнителни проблеми?

 

Тануров: Сеуште не бевме излезени од Болницата, малиот започна да повраќа, константно да повраќа. Го побаравме докторот, тој не прими назад не прегледа и рече дека треба да останеме уште да се извршат уште некои испитувања, случајно да не настанат некои компликации бидејќи првиот знак за невролошките проблеми во мозокот се повраќања. Останавме таму уште дополнителни 6 или 7 дена. Во решението од Фондот вели дека торшоците се тие. Тоа е истотака апсурд што на дете од 4 и пол години не му следува придружба. Значи трошоците за кои мајката лежи во болница, пред оперативните, патните трошоци тоа ништо не се признава, затоашто ние одиме со кола. Заради итрахијален притисок малиот не може да лета со авион. Значи не ви ги признаваат останатите трошоци, што истотака е апсурд. Не можете дете од 4 и пол години да го оставите само во болница. Законот вели придружба следува за дете до 3 години. Па 3 години и 4 години дете, пак е дете.  Тоа се додатни трошоци кои беа на наш товар. Веќе не е важно тоа, важно е што малиот е добар. Сега следуваат уште две интервенции кои можеби ќе се сведат и на една. Интервенција на ногата и на рачето да може одењето да му биде во најдобар ред и да може раката да ја опушти и тие контактури да се оправат, бидејќи сега му е згрчена. Тие интервенции сега следуваат. Поучени од првото искуство со Фондот, добивме конзилијарно мислење, но не го поднесовме барањето, иако знаеме дека дел од таа интервенција не се врши овде. Меѓутоа истата голгота решивме да не ја поминуваме, најискрено.

 

Инбокс 7: Втор пат ќе одите на приватно?

 

Тануров: Втор пат ќе одиме што приватно, што со помош на добрите граѓани кои ни излегоа во пресрет со донации.

 

Инбокс 7: Директорот на Клиниката за Неврохирургија се потпишува на конзилијарното мислење, а е и член на второстепената комисија.

 

Тануров: Тоа се информации кои јас отпосле ги дознав, се надевам дека се и точни. Луѓе кои ме информираа дека член на Комисијата бил и директорот кој се противел дека сепак ќе ја направел таа интервенција тука, а бил потпишан на конзилијарното мислење што и мене ми беше страшно многу чудно. Ако Фондот или Министертсвото за здравство, ако не сакаат да се држат до тоа што го имаат донесено како закон нека не ги притискаат барем ни лекарите да влегуваат во тие злодела и да уништуваат човечки животи само за да се заштедат пари. Јас верувам дека тоа го направил под некој голем, голем притисок.

 

Инбокс 7: Може да ни ја објасните приказната со ЕЕГ апаратот?

 

Тануров: Поучени дека во Македонија се донел видео ЕЕГ, кое е најмеродавно да се измери и да се види електрицитетот во мозокот, дали од некаде се појавуваат тие епи напади. Побаравме да одиме на снимање, меѓутоа на Клиника сеуште не беше монтиран апаратот, иако јавно на телевизија се излезе и се кажа јавно дека апаратот е дониран од Окта, ниту пак имаат обучено некој тоа да го работи. Еден таков апарат кој е прекупотребен на Република Македонија да не функционира е жалосно, а ние како родители да одиме во странство и плаќаме по 1.000 евра за еден преглед и подоцна не можеме да си ги добиеме назад сретствата.

 

Инбокс 7: Како го оценувате здравствениот систем во Македонија?

 

Тануров: Ужасен, ужасен. Со тоа што сум работел некогаш и со тоа што сега гледам како се работи и што се носи и гледам што се случува надвор, не знам, не знам. Се носи опрема за која се фрлаат милиони која седи и нема кој да ја користи или се носи опрема која во странство се користи за помали испитувања за разлика од оваа. На пример за невролошко испитување немате 3 тесла магнетна резонанца. Сепак одите во приватни клиники да се испитувате и да плаќате, а се донесоја 12 магнетни резонанци во Македонија. Зошто да не се донесе поквалитетна магнетна резонанца. Значи здравствениот систем ни е во колапс, дефинитивно. На малиот му е лошо, а на матиочниот лекар му е страв на сопруата да и даде боледување. Системот е така направен. Може ли да го сфатите тоа? Треба да однесеме 300 документи за да може да и даде боледување на сопругата. И на крај ќе земеш слободни денови и ќе изгубиш од се. Зошто плаќаме на овој систем, огромни суми на пари?

 

Инбокс 7: Директорката Фондот за здравство Маја Змејкова Парнаџиева излезе со тврдење дека смртта на Тамара Димовска е поради одложување на состанок на лекари од Турција.

 

Тануров: Напоменав и претходно, кога барав фактура во Турција, кога барав фактура во Германија. Не го напоменав тоа дека кога ја добив фактурата од Германија ми рекоа, платете до тогаш, терминот ви е 28 август. Тие уште тогаш сакаа да го оперираат, но бидејќи немавме сретства и одолживме. Истото беше и во Турција. Повелете фактурата, терминот е тогаш и тогаш. Тие им кажале кога ќе биде терминот. Јас не можам да сфатам како тоа, чекале бидејќи немало термин. Процедурата во странските болници е таа. Ви се доставува фактурата и ве прашуваат кога сакате термин, или ќе ви кажат терминот може да биде од тогаш до тогаш. Во зависност од итноста во даваат 2-3 месеци простор, да можете да уплатите или да го откажете терминот. Во овој случај, ако немало термин, го откажале самите турски институции бидејќи немало сретства. Турците добиле мислење дека нема да биде уплатено од Фондот. Јас друго размислување немам. Јас кога ја работев процедурата се јавив во Истамбул и реков дека чекам одобрение од Фондот за да може да се уплатат сретствата. Тие ми рекоа, во ред, имаме ние наш човек кој е во контакт со Фондот во Македонија. Тоа навистина е така. Тие имаат свој претставник во Македонија кој е во контакт со Фондот или со здравството и тој знае дали е  одобрено или не е одобрено, дали ќе биде уплатено или не е уплатено. Болницата во Турција знаела и претходно дека тоа е одбиено, па затоа и терминот е „стварно поместен“ или не бил закажан.

 

Инбокс 7: Верно ви е тврдењето на директорката на Фондот?

 

Тануров: Не.

 

Инбокс 7: Не верувате дека е така?

 

Тануров: Не. Сум ги поминал работите и не верувам дека е така. Со повеќе болници и институции сум разговарам и принципот е овој што ви го кажав.

 

Инбокс 7: Каде затаи и кој е виновен за смртта на Тамара? Каде затаи Македонскиот здравствен систем?

 

Тануров: Во правилниците, не во законите. Македонскиот здравствен систем, ако го читате законот, вели дека на секој човек во Македонија му се одобрува лекување или испитување во странство доколку кај нас ги нема условите за тоа. Тоа стои во законот, а во правилниците стои нешто друго, таму и јас не знам што стои. Тоа го знаат само во Фондот и ви велат ние работиме по правилникот, а таму вели дека не може. Јас не го знам правилникот како ниту вие. Можеби вие ќе дојдете до него и ќе го видите. Смртта на Тамара, е жалосна. Ангел. Затаи во институциите на системот. Затаи во Фондот за здравство. Денес успеав да прочитам во медиуми дека родителите го добиле решението за лекување на Тамара два дена после нејзината смрт. Жалосно е тоа. И сега како сакаат тие да се исперат дека се направиле? Верувам дека во таа седум члена или девет члена комисија има и луѓе кои се бореле да малата Тамара замине веднаш. Меѓутоа таму одлуките мора да се едногласни. Таму нема надгласување.

 

Инбокс 7: Сите членови во тие комисии се доктори?

 

Тануров: Сите се доктори и мислам дека еден член е економист од Фондот за здравтство. Така имам информација. Се држат во строга тајност. Имиња на одредени доктори во таа второстепена комисија излегоја во јавност и да точно е. Тие се.

 

Инбокс 7: може ли економскиот член на комисијата да крене рака против и детето да не замине на операција во странство?

 

Тануров: Еден од нив да каже дека не може и готово е. Без разлика кој е.

 

Инбокс 7: Која е вашата порака кон родителите кои имаат деца за лекување во странство?

 

Тануров: Борете се, излегувајте во јавност, само така ќе добиеме она што ни следува законски.

 

Инбокс 7: Гопсодине Тануров би сакал да ви се заблагодарам за ова интервју.

 

Тануров: Ви благодарам и вам.

 

Инбокс 7: Почитувани, го следевте неделното интервју на он лајн магазинот Инбокс 7. Ви благодарам за вниманието.

Оставете коментар

Коментар(и)

lefkov@inbox7.mk