Денешна дата
02/12/2020

Вело-активисти во акција!

Активисти – велосипедисти спроведоа акција за да означат дел од непрегледните и узурпирани велосипедски патеки низ градот. Урбаните вело-релации на многу места се сведени на ниво на импровизација, знаат да бидат опасен и екстремен предизвик. Иницијативата има за цел да понуди насоки и идеи за подобрување на велосипедската инфраструктура, но и културата на учесниците во сообраќајот. Ова е дел од заложбите да се тргне она социјално клише дека велосипедистите се алтернативна категорија возачи. Истовремено, да ги „подбуцнат“ надлежните структури поефикасно и поинтензивно да се фатат за работа за подолгорочни решенија за транспортните текови.

This slideshow requires JavaScript.

Акцијате се одвиваше долж булеварот „Партизански одреди“, но и делови од „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и „Димитрија Чуповски“, каде многу често патеките се необележани, избледени, нерамни, испукани, споени се со пешачките зони. Со ваквата сигнализација активистите ги потенцираат и локациите каде „никнуваат“ билборди, знаци, контејнери или постојат несоодветни сообраќајни решенија со автобуските станици. Па, велосипедистите се принудени на акробации, скокови во воздух, нагли движења цик-цак или да го туркаат велосипедот низ река од луѓе.

На некои локации се означени и т.н. „Зони 30“, со цел да се регулира
брзината на сообраќајот околу станбените зони, училиштата и градинките. Со намалување на брзината и имплементација на оваа мерка не само што се зголемува безбедноста, туку и квалитетот на живот воопшто. Активистите во овие зони бараат предност на побавните учесници во сообраќајот – децата, пешаците и велосипедистите.