Денешна дата
21/08/2017

Битката за чист воздух уште долго ќе биде изгубена (видео од целата дебата)

Граѓаните немаат време да чекаат надлежните да се занимаваат со документација во врска со загадувањето. Само за последните три години, бројот на заболени од рак во Тетово е зголемен за 80 отсто. Загадена е и почвата во Велес, каде иако Топилницата е затворена, оловото е присутно во зеленчукот и овошјето. Ова се само некои од поентите кои ги изнесоа учесниците на дебатата „Загадувањето во Македонија-битка за чист воздух“, која ја организираше онлајн магазинот „Инбокс 7“.

Додека претставниците од Министерството за животна средина и просторно планирање и од Град Скопје ги бранеа политиките во однос на мерките за загадувањето, претставниците на невладините органзиации побараа конкретни одговори зошто се уште Македонија е една од најзагадените земји во Европа.

„Не се согласувам во 21 век да чекаме дождот да не спаси од загадувањето, тоа е целосно несериозно. Имаме несериозен третман на еден сериозен проблем“ рече Александра Бујароска, претставник од невладината организација „Фронт 21/42“. Таа констатираше дека се уште не е јавно достапен регистарот на загадувачи, како и тоа дека јавноста нема увид дали загадувачите се казнуваат.

Беса Татеши, советник во Министерството за животна средина за индустриско загадување рече дека целиот процес на т.н „прва генерација“ А интегрирани дозволи за индустриските капацитети би требало да заврши до 2019 година. Во моментов, како што рече, го следат пробниот период на имплементација на стандардите кај „Југохром“ и „Макстил“. Според неа, се подготвува и нов закон за индустриско загадување.

На ова реагираа дел од претставниците на невладини организации, како и граѓаните кои цитираа делови од законот, како и најавите на надлежните во јавноста, според кои, сите рокови за издавање на дозволи се веќе претходно пролонгирани.

Оставете коментар

Коментар(и)