Денешна дата
23/06/2017

Оставка, што беше тоа?

Трагичниот крај на деветгодишното девојче од Велес, чие барање за операција се заглави во бирократски лавиринти, наиде на лавина реакции од граѓаните – протести, остри критики од експертската јавност и разни здруженија, па логично произлегоа барања за оставки во Министерството за здравство и во Фондот за здравствено осигурување.

Сепак, досегашните искуства покажуваат дека Македонија има „срамежлив“ тренд за повлекување од функција како морален чин. На прстите од едната рака можат да се избројат министрите кои презеле одговорност, лична иницијатива за да го напуштат ресорот поради несреќи, смртни случаи, катастрофи или скандали. Она што е незамисливо во развиените демократски земји, кај нас бегањето од одговорност како да преминува во практика.

saso-ordanovski

Македонското општество нема изградено морално политички критериуми за објективиризање на нечија морално и политичка одговорност, а која не е правна, кривична итн. Овде имате министри кои се 10 години на власт, кои ресорот го чувствуваат како сопствен имот. Го прават она што сакаат бидејќи јавноста ја третираат само на пропаганден начин. Во последните  години ние немаме третман на јавноста како партнер за градење на политики. Јавноста е само цел за манупулација. Оттука, од каде на јавноста политичка или морална тежина поради која еден министер треба да си поднесе оставка од јавен притисок? Такво нешто не постои. Во автократски и недемократски режим нема тој тип на оставки како што ги замислувате. Тоа овде функционира поинаку. Тој не одговара пред јавноста, туку пред шефот во партијата. Не поднесува оставка, бидејќи за него јавноста е само тоа што го мисли судот на партијата, односно нејзиниот шеф“, вели новинарот и аналитичар Сашо Ордановски за „Инбокс 7“.

За Ордановски тоа е изместување, бидејќи, како што смета, во демократијата партиите се дел од јавноста, а не се единствената јавност. За конкретниот случај со деветгодишната Тамара министерот за здравство Никола Тодоров, како што вели, може да чувствува одговорност само доколку  премиерот Груевски тоа го побара, зошто тој не работи за јавноста, туку за успех на својот шеф.

Професорката Билјана Ванковска вели дека министерите се одговорни за состојбите во ресорот кој го раководат, и тука нема дилема. Дилемата се појавува кога ќе дојдеме до прашањето како се реализира таа одговорност. За жал, како што вели, случајот на малата Тамара е само врвот на Хималаите на проблемите во здравството.

Biljana Vankovska

„Сегашната бурна реакција на јавноста се должи на фактот што ова детенце ни стана познато на сите и нејзината смрт ја доживеавме како нешто лично. Да постоеше одговорна влада, тогаш премиерот сам ќе го сменеше Тодоров уште одамна (всушност, уште од времето кога тој беше министер за образование). Да имавме функционален парламент, за неговата одговорност ќе се одлучуваше во постапка на интерпелација. Да имаше трошка совест, Тодоров досега сам ќе си поднесеше оставка од морални причини. Во овој случај, видовме, потфрлиле и многу други актери во здравствениот систем, но некој не верува дека некој ќе одговара“, вели Ванковска за „Инбокс 7“.

Според неа, во Македонија постои култура на неказнивост дури и кога станува збор за дела, односно лица одговорни за кривични дела, па и воени злосторства. Во таква атмосфера, вели, министрите и другите носители на јавни функции дури се чувствуваат и како недопирливи, над законот – и се разбира, над моралот.

Тодоров е добар пример за ова. Иако е правник, кога беше министер за образование велеше дека е одговорен, ама не чувствува вина! Тој не прави разлика помеѓу правна (и субјективна) одговорност за сторено недело и за политичка и морална (субјективна) одговорност за состојбите во ресорот за кои тој лично е одговорен! Оттогаш до денес, за жал, тој дури и прогресирал, бидејќи сега рече дека дури и не се чувствува одговорен! За жал, во сегашната политичка констелација, нам ни останува само да вршиме јавен притисок, да протестираме, да правиме петиции, да зборуваме гласно за да го натераме премиерот Груевски или самиот Тодоров да постапат онака како што би постапил секој премиер во ваква ситуација или секој пристоен човек кога ќе побараат да ја жртвува својата функција – тоа е најмалку што може да стори и за јавноста, и за партијата, и за владата, и за себе“, смета Ванковска.

Професорот и аналитичар Јове Кекеновски потенцира дека Уставот на Македонија не прави разлика помеѓу понудена и поднесена оставка.  Уставот не предвидува понудена оставка, туку говори за поднесување оставка. Во ситуација кога министер или друг висок функционер поднесува оставка таа е дефинитивен чин, што, според него, значи дека за нејзе никој нема право да одлучува.

Jove KekenovskiСе работи за еднонасочен односно дефинитивен чин на оној кој ја поднесува оставката. И затоа тука на преден план е моралната наместо политичката одговорност. Кога имаме поднесена оставка, претседателот на владата не смее и не може да ја игнорира или пак да не ја прифаќа без разлика дали има или нема политички интерес… Ова е од причина што совеста, односно моралот има посилно дејство од политичкиот интерес. И, оттаму, поднесените оставки во минатото, а кои не беа прифатени од страна на претседателот на Владата не беа политички коректни од причина што за оставката одлучува исклучиво оној кој ја поднесува. А не претседателот на Владата или пратениците во Собранието. Се работи за дефинитивен чин кој треба само да се констатира. Се друго е само игра“,вели Кекеновски за „Инбокс7“.

 

Малку оставки, многу црни дамки

paller foker

Од падот на авионот „Фокер“ на Палер Македонија во 1993 година

 

 

Антони Пешев, своевремено министер за сообраќај во 1993 година се одважи да поднесе неотповиклива оставка од морални причини, по авионските несреќи на „Палер“ и „Авиоимпекс“. Оставка во 1995 година даде и Љубомир Фрчковски, кој беше министер за внатрешни работи кога на 3 октомври 1995 беше извршен атентат врз претседателот Киро Глигоров. За оставката на Фрчковски медиумите пишуваа неколку денови по атентатот, сепак, тогашниот премиер Бранко Црвенковски, по еден месец размислување, не ја прифати. Оставката што ја понуди министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, пак, дојде по бродска несреќа на Охридско Езеро. Во најголемото национално езеро ги загубија животите 15 бугарски туристи, но одлуката на Јанакиески не ја прифати актуелниот премиер Никола Груевски.

atenat Gligorov

Од атентатот на Глигоров (3 октомври 1995 година)

Ордановски се присетува и на оставката на Ѓунер Исмаил, кој, смета, медиумите често го забораваат. Ордановски во 1996 година беше сменет од директорската позиција во МРТВ, а Исмаил, како тогашен министер, потпарол на Владата, не се согласи за директно вмешување во самостојната уредувачка политика на телевизијата.

Ѓунер Исмаил си поднесе оставка како  политички, морален протест против мојата смена во МРТВ. Јас бев сменет од Владата на Бранко Црвенковски, по налог на Глигоров и Црвенковски. Бидејќи беше министер портпарол во Владата, го држеше ресорот за односи со јавноста, па почувствува дека е недозволиво загрозување на јавниот интерес и функцијата на националната телевизија“, се присетува Ордановски.

Во мандатот на Лазе Еленовски падна армиски хеликоптер, загинаа 12-мина војници. Се појави голем притисок во јавноста, но тогашниот министер за одбрана одби да поднесе оставка. Слично беше и откако падна владиниот авион во кој загинаа претседателот Борис Трајковски и осуммина соработници. Ресорен министер тогаш беше Агрон Буџаку, а одговорен за одржување на владината флота директорот на Службата за општи и заеднички работи,Горан Минчев.

Иако на улиците реки од луѓе со денови протестираа поради убиството на Мартин, а МВР изнесе контрадикторни изјави, оставка не даде ниту министерката Гордана Јанкуловска.

За последниот случај со Тамара во јавноста проговори професорот Темелко Ристески од Универзитетот ФОН. Во своето писмо потенцира дека постапката за малата велешанка се водела повеќе месеци. Три месеци се поминати од месец ноември 2014 година кога министерот за здравство ветил дека за операцијата на Тамара ќе бидат одвоени средства. Тоа значи дека постапката била отпочната пред месец ноември. Според него очигледно е дека „бирократите од Фондот за здравствено осигурување и од Министерството за здравство, во конкретниов случај, а и во многу други случаи, се ставаат над меѓународни правни акти, над Уставот и законите на Македонија.“

Temelko RistevskiДо нивните бирократски души не допирале молбите и лелеците на родителтие на Тамара. Од нив не можело да се очекува поинакво однесување ако се има во вид психолошкиот профил на еден бирократ. Желбата за власт, за моќ, за доминација над другите е основна карактеристика на бирократот. Во својот однос кон граѓантие и странките тој е бесчувствителен, ладен, лош  и надмен. Кон претпоставените државни службеници тој е снисходлив, плашлив, полтрон и подлизурко.Во извршувањето на личните работни обврски тој е ноншалантен, мрзлив, неодговорен и опуштен. Тој се однесува како службата, државата и граѓаните да се створени и постојат за него, а не обратно. Од такви службеници – бирократи не може да е очекува хуманизам и солидарност. Уште многу може да се кажува за социопатолошките особини на бирократот.Но, за среќа, постои и Кривичен законик кој го санкционира несовесното работење на бирократизираните службеници во службата“, вели во јавното обраќање Ристески.
Светските министри даваат оставки и за коментари по „Фејсбук“

Низ светот досега се забележани стотици оставки поради некоректни изјави, плагијати на докторски десертации, коментари по социјални мрежи, одмори на туѓа сметка, прислушувања, смртни случаи… Не секогаш министрите имале допирна точка со конкретните случаи и скандалите, но презеле одговорност поради пропуст во својот ресор.

tomaz-gantar

Томаж Гантер

 

Во Словенија министерот за здравство Томаж Гантер си даде оставка поради неможноста да се спроведат здравствени реформи, а црногорскиот министер Миодраг Радуновиќ ја напушти функцијата по појавата на инфекција во одделот за гинекологија на општата болница во Бијело Поље, од која почина едно новороденче.

Министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Борис Тучиќ поднесе оставка затоа што властите во Сараево подготвувале продажба на оружје на Украина.

Newmarks-brooks

Брукс Њумарк

 

Естонскиот министер за финансии, Јирген Лиги замина откако еден навредлив коментар на социјалната мрежа „Фејсбук“, упатен кон свој колега во естонската Влада, го навлече бесот на јавноста во земјата. Британецот Брукс Њумарк се повлече од министерската фотелја откако „Сандеј Тајмс“ најави текст со  негови експлицитни фотографии. Њумарк беше министер за граѓанско општество, а преку интернет разменувал фотографии, меѓу кои и од себе во пижами со новинарка што се претставила како млада активистка.

Во Јапонија министерот за еконимија Јосио Хахиро во 2011 реши да го напушти ресорот поради негодувањата кои ги предизвика неговата изјава дека регионот околу оштетената централа „Фукушима“ е како „мртов град“. Најавата за оставката на данскиот министер за правда, Мортен Боедсков, пак, дојде по одложената посета на парламентарците на населбата на хипици во Копенхаген.

 

Романски министер за труд поднесе оставка од „морални причини“ по откривањето дека под неприфатливи околности ја вработил својата сопруга, а полскиот министер за одбрана Богдан Клич по авионската несреќа во која загина тогашниот полски претседател Лех Качински и уште 95 луѓе кај Смоленск.
Тројца министри во Владата на индиската држава Карнатака поднеле оставки бидејќи гледале порно клип за време на владина седница. Унгарскиот претседател Пал Шмит замина од функцијата поради скандалот со плагијатот на неговата докторска дисертација, а германецот Кристијан Вулф откако беше облелоденето дека прифатил услуга и бил со сопругата на одмор на туѓа сметка.
Најпознатата афера во политичката, медиумската, па и филмската историја – „Вотергејт“ во 1974 беше причина за оставката на Ричард Никсон. Републиканецот беше 37-иот претседател на САД, а замина од Белата куќа откако беа откриени уреди за прислушување во изборниот штаб на соперничката Демократска партија во комплексот Вотергејт, Вашингтон. Прислушувањето го организираа приврзаниците и најодговорните луѓе на Републиканската партија.

Протести за Тамара

Protest - crven karton za Todorov

 Под мотото „Црвен картон за Тодоров“ ќе се одржи протест на 24 февруари во Скопје. Освен за министерот за здравство, Никола Тодоров, оставки ќе се бараат за директорите на Управниот одбор на ФЗОМ – Маја Парнарџиева-Змејкова и Џемали Мехази, но и на членовите на Управниот одбор на ФЗОМ – Ангел Митевски, Елена Трпковска, Елизабета Србиновска Костовска, Љубиша Каранфиловски, Јосиф Трајковски, Илија Глигоров и Горан Коевски. Исто така, граѓанската иницијатива што го организира протестот бара оставки од членовите на првостепената и второстепената лекарска комисија – Владимир Поповски, Аспазија Софијанова и Анастасика Попоска.
Кривична одговорност за директорите, членовите на Управниот одбор и од првостепената и второстепената лекарска комисија на Фондот за здравствено осигурување, поради несовесно работење во рамки на својата служба.Избор на независни и стручни одговорни лица во Фондот, кои ќе одлучуваат единствено во интерес на граѓаните, без да калкулираат со човечки животи. Избор на компетентен министер за здравство, кој ќе ги слуша и решава проблемите на пациентите. Квалитетен, ефикасен и достапен здравствен систем за сите граѓани на Р. Македонија.Еднаков пристап на сите граѓани до потребните здравствени услуги.Бараме правда за Тамара, но и за сите граѓани, поради тоа што имаме право на живот!“, стои во протестните барања на иницијативата.
Уредник: Стојанка Митреска

Оставете коментар

Коментар(и)