Денешна дата
20/07/2018

Македонија губи милиони евра помош од ЕУ

Само за два нереализирани повици за користење на пари од европските фондови, Македонија неповратно загуби 1.755.000 евра наменети за изградба на одржливост граѓанско општество, реагираат граѓанските организации за пропаднатите грантови во рамките на ИПА програмата.

“Изразуваме длабока загриженост и разочараност од поништувањето на два повици од ИПА програмата од претпристапната помош на ЕУ. Со ова неповратно се загубени 630.000 евра наменети за граѓанските организации за заштита на потрошувачите и 1.125.000 евра наменети за изградба на одржливост граѓанско општество. Загриженоста е уште поголема затоа што причина за поништувањето, според објавените информации од министерството за финансии е ненавременото завршување на постапката за евалуација на апликациите. Ова е опасно затоа што државата или нема пари или има само за оние што ги смета за свои”, истакна Љупчо Петковски од Македонскиот центар за европско образование.

tribina (1)

За Фани Каранфилова од Фондацијата “Отворено општество Македонија” некористењето на ваквата европска помош покажува до каде е државата со реформите.

“Губењето на овие пари значи дека назадуваме со реформите. За тоа сметам дека се виновни и државата која нема политичка волја, но и ЕУ, која не ни ги кажала вистинските зборови кога требало но и не го зела стапот тогаш кога можела”, децидна е Каранфилова.

Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика пак, смета дека поголема штета од изгубените пари е пораката што власта ја праќа со нејзиното (не)дејствување.

 

“Со ова, власта сака да ни каже дека не и е гајле како ќе се финансираат граѓанските организации. Сака да ни каже да се снаоѓаме како знаеме и умееме. Ако се бара законска одговорност за надлежните таа треба да бара пак преку институциите. Одговорност за Владата треба да се бара преку Собранието кое во моментов функционира онакво какво што е. Нам ни останува повеќе да се организираме и да вршиме постојан притисок и лобирање кај ЕУ во Брисел”, вели Ристевска Јорданова.

Во името на граѓанските организации, Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование, упати реакција до министерството за финансии и до секретаријатот за европски прашања.

“Ако оставиме вака тогаш нема да бидат само овие 1,7 милиони изгубени пари. Бројката може да достигне и до десет милиони евра. За ублажување и надминување на ваквите состојби, бараме транспарентно и темелно да се истражат причините за овие две неуспешни постапки и да се образложи кои мерки ќе се преземат за да се спречи административната неажурност. По истражувањето да биде да биде објавен извештај во Кон што ќе бидат предвидени мерки вакво нешто да не се повтори како и препораки за спроведување засилен мониторинг за идните повици. Исто така бараме да се одложи крајниот рок за поднесување предлози за повикот што е во тек”, побара Маричиќ.

Според податоците на здружените организации ова оди и на штета на државата која само во декември 2014 година изгубила 5,5 милиони евра европска помош наменета за договори за услуги или снабдување на државните органи.

Оставете коментар

Коментар(и)

opetceska@inbox7.mk