Денешна дата
24/10/2017

Борче Мирчески, претседател на Здружението на судската администрација: И ние размислуваме за штрајк

Г-дине Мирчески имате сериозни забелешки за новиот Закон за судска служба. За што точно станува збор?

Мирчески: Јас прво би сакал да појаснам дека Законот за судска служба е донесен во 2008 година и истиот е изменет и дополнет во 2010 година. Овој закон за прв пат ја одвои судската служба од другите и имаше квалитетни законски одредби. Но, новиот закон кој што беше донесен на почетокот на 2014 година го менува концептот на судската служба. Ние не сме задоволни од начинот на неговото донесување и од дел од одредбите. Затоа, ние веќе една година се обидуваме да ја убедиме власта, односно законодавецот да направи измени на тој закон пред да почне да се применува.

iskra i mirceski

 

Вие го спорите начинот на донесување на законот. Зошто?

Мирчески: Еве зошто. Најавено беше дека ќе се носат само измени на постоечкиот закон, а всушност беше донесен нов Закон за судска служба. При носењето на овој закон воопшто не беа вклучени судските служби на кој што всушност и се однесува законот, ниту пак беше вклучен синдикатот. Исто така сметаме дека ваков закон не може да се носи во скратена постапка. Ние се обидовме за кратко време да напишеме некаков текст на законот, но сепак немавме можност за толку краток период да придонесеме во некаква поквалитетна содржина на Законот за судска служба.

 

Се обративте до министерот за правда?

Мирчески: До министерот за правда односно до министерството за правда сме се обратиле. Сега не можам да кажам точно колку пати, но сме се обратиле. Сме барале средба, конструктивни разговори, сме понудиле свој капацитет меѓутоа од страна на министерството немаме повратен одговор на ниту едно наше обраќање. Се обративме за помош и до Форумот на судии и од нив имаме согласност дека законот содржи демотивирачки одредби за судската администрација и дека тој треба да претрпи измени пред да почне да се применува.

 

Велите дека многу од законските одредби не се уставни. Зошто?

Мирчески: Ние утврдивме повеќе законски одредби во кои, според нас се крши Уставот и затоа поднесовме иницијатива до Уставниот суд. Ете на пример има одредби што за едни важат, а за други не. Така во законот пишува дека судските службеници во рок од две години од почетокот на неговата примена, треба да достават сертификати за познавање странски јазици и компјутерски вештини. И оваа одредба важи за сите други, но не и за оние што имаат десет години до пензија. Неуставноста уште ја гледаме и во тоа што законот предвидува одредби за веќе стекнати права. И сега законодавецот предвидува нови услови кои доколку не ги исполните го губите она право што веќе сте го стекнале.

 

Дали чувствувате притисок дека со ова, можеби некој сака да ве дисциплинира?

Мирчески: Јас ќе бидам искрен и мислам дека не сум пристрасен. Мислам дека судските службеници се прилично дисциплинирани. Имаме Кодекс на однесување и закон кои предвидуваат санкции. Имаме случаи во кои што биле казнувани судски службеници за непочитување на таквите одредби и мислам дека нема потреба, ниту пак можност, дополнително, на овој начин да се дисциплинираат.

Ќе признаете дека и Вие во вашата служба имате проблеми. Што точно може да се подобри во работата на Вашите колеги?

Мирчески: Секоја институција има свои проблеми. Има такви што работат совесно, но и такви што работат помалку совесно. Мислам дека постојано се работи на подобрување на судската служба. Сметам дека во судовите прво треба да ја има почит кон хиерархиската поставеност. На службениците покрај обврските да им се дадат и права. Не можете вие да барате од некого само да работи, а при тоа да не го наградувате, а кога греши да го казнувате и така да го држите под страв.

 

На кои права мислите кога велите дека ако имаат одговорност треба да имаат и права?

Мирчески: Еве конкретно, мислам на интерниот оглас кој предвидува унапредување на судските службеници во рамките на судството. Но, тој нема практична примена и со тоа ви се крати правото. Сите празни, испразнети и новоотворени работни места се пополнуваат преку јавен оглас. И сега доаѓате во ситуација оној службеник кој требало да биде унапреден да го обучи оној кој што е примен, а е на повисоко ниво од него, за да може да тече работниот процес. Мислам дека од ова поголемо омаловажување не можам да замислам.

 

Дали постојат и други забелешки во врска со законот?

Мирчески: Ќе го споменам делот на оценувањето. Не велам дека не треба да го има, туку дека треба да биде направено на друг начин. Сегашниот закон предвидува дека може да наградите некого меѓутоа мора и да казните. Овие две разлики треба да се прават, мора да наградите со пет отсто, но мора и да казните со пет отсто. Доколку бидете оценети со единица и тоа само еднаш вас ви престанува работниот однос. Ако сте оценети со двојка ќе бидете парично казнети. Но казни има и ако сте оценети со тројка или четворка и спаѓате во оние пет отсто последни на ранг листа. И кога се’ би било во ред вие пак мора да ги оцените службениците некако. И замислете го сега оној страв меѓу вработените кој ќе биде во тие пет отсто на ранг листата најдолу. Еве уште една забелешка во делот на демотивацијата….еден судски службеник да напредува во кариерата. Тоа повторно не профункционира со новиот закон иако сега под притисок на здружението претседателите почнаа да ги издаваат тие решенија каде што судските службеници се стекнуваат со право за систем на кариера.

Меѓу другото рековте дека некој сака да се плаши со ова. Дали се чувствувате уплашено и од кого?

Мирчески: Ни се закануваат да речам преку јавноста. Имало некои анкети кои кажуваат дека не се задоволни од работата на судството. Но страшно е да се поистоветува судството со тоа дека е затворено, корумпирано. Мислам дека сето тоа треба прво да се провери и ако има такви да се посочат, а не да се заплашуваат било судските службеници, било судиите дека ќе се применуваат некакви мерки врз нас.

 

Дали сте подготвени незадоволството да го изразите преку протест?

Мирчески: Кога не наидовме на разбирање ние одиме чекор понатаму. Сега одиме да ја информираме јавноста што не ја исклучува можноста за порадикални мерки. Јас се надевам дека тоа ќе го средиме, но ниту протестите не се исклучени, апсолутно.

Оставете коментар

Коментар(и)

opetceska@inbox7.mk