Денешна дата
24/11/2017

Нема излез од кризата без политичка одговорност

Последната „бомба“ од опозицијата создаде нов татнеж низ јавноста, па насекаде се слушаат, дискутираат и демистифицираат новообјавените снимки со елементи за монополизирање, манипулирање и командување со системите за информирање. Никола Младенов, Биљана Секуловска, Горан Михајловски, Катерина Блажевска, Јадранка Костова, Борјан Јовановски, Мери Јордановска, Младен Чадиковски, Оливера Трајковска, Анета Додевска, Горан Петрески, Александар Чомовски, Мухамед Зекири, Снежана Лупевска, Бранко Героски, Жарко Јордановски, Ирена Мулачка и Влатко Стојановски се само дел од 100-ината новинари кои, според Зоран Заев, илегално се прислушувани од тајната полиција во изминативе години. 

Nikola Gruevski

Никола Груевски

Истовремено се појави и премиерот Никола Груевски, кој, иако потенцираше дека Македонија била цел на прислушување на странска служба и побара правна и институционална разврска без предвремени избори, сепак, аналитичарите сметаат дека решенијата за политичката криза се предалеку од дофатот на институционалните механизми, кои се повеќе ја губат функцијата и довербата. Дел се осврнуваат на опцијата за техничка или експертска влада, бидејќи се повеќе се генерира незадоволство меѓу народот. За многумина рано е да се бара излез низ призма на техничка или експертска влада, без претходно да се лоцира политичката одговорност. Некои од аналитичарите што ги контактиравме, поделени се околу ставот дека надворешното медијаторство е гаранција за надминување на кризата.

Професорката Мирјана Малевска од Универзитетот на ЈИЕ упатува на индикации кои зборуваат дека власта го губи легитимитетот. Како пример го дава коалицискиот партнер ДУИ кој се обрати до меѓународната заедница за посредништво, што, според неа, зборува за внатрешнополитичката коалициска (не)доверба. Друг индикатор е остриот став на Павле Трајанов кон владините политики, но и одбивањето на европреставникот Јункер да го прими Груевски поради состојбите во земјава.

mirjana maleska

Мирјана Малевска

Тоа е уште еден показател дека нашите партнери од ЕУ немаат доверба во ваква власт. Има повеќе индикатори, но за мене се доволни за да заклучам дека ситуацијата оди во насока за губење на легитимитетот. Не знам што точно понатаму ќе се случи, но ако се најдат некои луѓе да се дистанцираат, ако чувствуваат дека ова што е објавено е недостојно за една власт, судии кои ќе се дистанцираат, на други нивоа исто така, па власта да се најде во ситуација да мора да понесе барем политичка одговорност. Не зборувам за кривична одговорност, таа ќе се утврдува преку судските институции. Во некоја друга политичка култура каде луѓето се почувствителни на кршење на нивните права и слободи, за упади во приватноста со прислушување на телефонски разговори, до сега ќе имаше силен притисок за власта да поднесе оставка. Овде почнувам да забележувам дека тој притисок се насобира, меѓутоа не е доволно силен да предизвика политичка одговорност или оставки низ цела влада. Причина за тоа е и долгогодишното авторитарно владеење, кога под контрола се највлијателните медиуми, а граѓанскиот сектор мирува, го нема, па што да очекуваме – само опозицијата ли да се бори за нашите права и слободи? Тоа не е доволно. Ако граѓаните чувствуваат дека не е дозволено вакво однесување, подбивање со правниот поредок, мислам дека ќе постојат некои начини да го искажат своето незадоволство. Меѓутоа, велам, чувствителноста е прашање на созревање на јавното мислење. На граѓанската култура“, вели Малевска за „Инбокс 7“.

Таа смета дека странците не се во можност да генерираат доволно притисок. Одбивањето на Европската комисија за средба со Груевски или списокот на луѓе на кои нема да им биде дозволено патување во САД, се вбројуваат како дипломатски начини за да се потенцира недемократскиот однос на влада што претендира членство во НАТО и ЕУ. Таквите дипломатски чекори ќе продолжат, меѓутоа, како што вели Малевска, граѓаните,, политичките групи, невладиниот сектор, печатот се оние кои можат да побараат политичка одговорност против уривањето на правниот поредок, а со тоа да се бара излез од кризата.

За Алберт Муслиу, политички аналитичар, претседател на Асоцијација на демократски иницијативи, крајната разрешница се избори. Вели, не е ова некоја централноафриканска држава, па да имаме воени удари и сл. Не може така да се заврши целиот процес. За него целата приказна, трикот е што точно ќе се случува во меѓувреме. Упатува на некој вид на влада, со облик и име како транзициона, експертска, техничка, широка…

Aлберт Муслиу: Пораките од последниот извештај на ОБСЕ се основани и се одраз на реалноста во Македонија

Aлберт Муслиу

Таа влада, согласно некој претходен политички договор ќе се потруди да ги надмине спорните прашања кои ги има сега опозицијата со институциите. Така да, не мислам дека ќе трае 60 дена, туку подолг временски период, можеби една година… Mандатар во таа влада би требало да биде некој од владејачката партија, бидејќи, колку и да се спорни изборите од опозицијата, таква е сегашната состојба. А, и за да биде функционална, би требало да биде од владејачкат. Но, верувам спорните ресорни министерства и некои структури би биле водени од експерти, кои би биле прифатливи за сите. Сето на крај би завршило со избори. Расте и незадоволството меѓу граѓаните, особено после секоја „бомба“. Потенцијално расте и незадоволството и недовербата кон инсттуиите. Па, за да се надминат и повратат недовербите, да се добие легитимноста на тој завршен чин пред избори, треба да се следи токму ваквиот распоред, а тоа подразбира сите чинители во еден момент да седнат и да се договорат. Знаејќи го нивниот капацитет, важна улога ќе одигра и меѓународниот фактор. Но, ова се чекори во тој правец, а финалното е сето да заврши на избори“, вели Муслиу за „Инбокс 7“.

Искусниот политичар и бивш гувернер на Народна банка, Петар Гошев, потврдува дека кризата се продлабочува. Според него, повеќе од јасно е дека владата, односно Груевски, според чекорите што го презема не мисли да замине, и покрај, како што вели, „целиот срам и брука што ни се случува“. За Гошев досегашните искуста покажуваат дека Македонија не разрешила ниту една криза или политичка блокада без меѓународни медијатори.

Petar Gosev intervju slika

Петар Гошев

Тоа е повеќе од јасно. Но, централното прашање е дали режимот и понатаму ќе продолжи со брутализација, со бегање од одговорност од злото со правење ново зло. Иако мене не ми е јасно зошто си ја отежнуваат својата положба. Сите услови се исполнети за Груевски да си замине. Ниту еден одговорен и трошка чесен човек не би останал во позиција после вакви скандали. Истовремено, чесен и одговорен човек воопшто не го прави ова. Но, за жал тоа е состојбата во Македонија. Не верувам дека има друг начин за излез од кризата освен зголемување на притисокот на вкупната демократска јавност“, вели Гошев за „Инбокс 7“.

И Здравко Савески од левичарското движење „Солидарност“ за „Инбокс 7“ вели дека владата во последните месеци го губи легитимитетот на владеење, а антивладиното чувство не е ограничено само на приврзаниците на опозицијата, туку кај широк дел од населението. Според него, во ваква ситуација во демократски услови би значело оставка на владата, формирање техничка влада и спроведување нови избори. Но, она што е под голем знак прашање е дали владата, која, како што вели, континуирано го игнорира кршењето на демократските стандарди, е подготвена да се повлече во име на демократијата и доброто на Македонија.

Zdravko Saveski

Здравко Савески

Владата ќе проба да ги смири протестите и врз основа на сопствени ретерирања да си го поврати легитимитетот. Стратегијата на владата е да го стиши незадоволството во овој момент. Она што  се гледа е дека ова незадоволство не стивнува, иако покрај тоа што целосно ретерира пред барањата, како во случајот со студентите, и жртвува пониски функционери, како што е случајот со здавството. Значи, не би отпишал и сценарио и власта да посегне кон отворени средства на присила, на справување со граѓаните ако продолжи нивното незадоволство. Можно сценарио е и да во договор пребегнат од земјата. Можно е да се случи притисок од странскиот фактор и да се повлечат од власт. Многу сценарија се во игра, и не може воопшто со сигурност да се знае вистинското“, смета Савески.

За политичкиот аналитичар Ибрахим Мехмети ова е рана фаза, уште не сме стигнале до точката за да зборуваме за решение за кризата. За него најважно во овој момент е да се утврди одговорноста на прислушувањето, кој и за какви цели го организира. Во ред е да се дискутира за понатамошни чекори, техничка влада, избори, но, според него, слушајќи ги снимките што ги презентираше опозицијата, државата има сериозен проблем. Ако материјалите се оценат како легитимни, ако се точни, тогаш треба преиспитување на функционирањето на целиот систем. На судската, извршната власт, медиумите, на парламентот.

ibrahim mehmeti

Ибрахим Мехмети

Излегува дека сите процеси, одлуките и поделбата на власта се разнебитени. Имаме една мала група луѓе која одлучува за се. Ако е тоа така, доколку овие актери од судската, законодавната, па и извршната власт прифатиле да учествуваат во таква игра, во разгнебитување на основните принципи на едно демократско општество, тогаш се поставува прашањето за темелите на нашата држава. Пред да одиме понатаму, прво треба да видиме во каква состојба се институциите, каде и колку се оштетени. Граѓани немаат доверба во системот ако не се сигурни дека нивниот глас и волја ќе бидат спроведени, а истовремено да не бидат вовлечени во нови политички игри. Одговорноста да се лоцира, да се знае кој суди, кој донесува одлуки, кој пресудува, кои министри ги згазиле принципите на демократијата, кој прекршува закон“, вели Мехмети за „Инбокс7“.

Потсетува дека во минатото многупати е зборувано за корупција, местење на тендери, избори итн. Меѓутоа, решенијата бараат темелен пристап за ваквото систематско разнебитување, вклучување на сите релавантни политички фактори за излез од кризата. Вели, во одреден момент ќе мора да се направат чекори кон техничка влада или предвремени избори, но најпрво да се утврди „на што сме“.

СДСМ навестува нови „бомби“, власта ќе се брани од „странски служби“Спрегата „премиер-УБК-медиуми“ беше токму вчерашниот фокус и претставуваше четвртата политичка „бомба“ што ја претстави лидерот на СДСМ. Според првиот социјалдемократ, тајната полиција изготвувала и посебни извештаи од телефонски разговори на уредниците и новинарите, без соодветен налог од истражните органи. На вчерашната прес конференција беа презентирани шест телефонски снимки. На првата наводно се слушаат разговори меѓу министерката  Гордана Јанкуловска и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протоѓер, потоа меѓу министерката за култура Канчевска-Милевска и уредникот на „Сител“, Драган Павловиќ – Латас, меѓу потпаролот на МВР, Иво Котевски и Јанкуловска, првиот човек на УБК, Сашо Мијалков и Латас, но и снимка меѓу Мијалков и Јанкуловска. Последниот материјал беше резервиран за, како што рече Заев, разговорот меѓу Никола Груевски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Заев вели дека премиерот од министерот барал од сметката на АЕК да префрли половина милион евра за исплата за документарни филмови за „македонската борба за слобода и независност“. На останатите снимки гласовите се договараат за пласман на одредени вести, прилози, интервенции во уредувачката политика, „паѓаат“ и забрани за емитување непожелни содржини, а во спротивно „новинарот ќе лета од работа“. Заев обвини дека освен подготовка на информации за медиумите што се под контрола на Владата, власта прислушува и критички настроени новинари и врз база на тоа гради стратегија за дејствување. По конференцијата дел од присутните новинари си заминаа дома со папки со извештаи од разговори што наводно ги правела УБК. Низ јавноста се отвори дискусија за центрите на моќ и производството на нарачани вистини, а од СДСМ најавија нови „бомби“ со цел „сите криминали да излезат на виделина“. Реакцијата стигна од премиерот Никола Груевски, само половина час по објавените аудио-снимки. За прв пат Груевски потврди дека Заев со истражни Пим-мерки бил снимен во неговиот кабинет, каде, како што тврди, бил уценуван од социјалдемократот. Обвинителството допрва треба да каже како овие снимки веќе „искружија“ по интернет и медиумите, а беа тајни во функција на истрагата, со што нивното објавување е казниво. Груевски обвини дека Македонија била мета на прислушувања од странска разузнавачка служба, а шпионажата ја вршеле професионалци од висок калибар.

„Снимано било со тактичка опрема, откако Зоран Заев упати закани кон мене, МВР ангажираше странски експерт кој докажа дека непознат сторител во Скопје нелегално снима разговори. Локацијата на снимањето се менувала во радиус од околу 2 километри, но главно се одвивала низ Центар околу државните институции“, рече Груевски. Премиерот додаде дека опремата за прислушкување најчесто била приклучувана во периодот од 12 до 18 часот, посочувајќи дека истрагата околу ова се уште трае. Според него, кон средината на 2014 за прислушуваните материјали се заинтересирало и лицето Зоран Заев, кој најпрво со нив се обидело да изнуди техничка влада. Директните извршители се уапсени, а, како што додаде, за останатите ќе следи судска постапка. Ја отфрли можноста за техничка влада и предвремени избори. За објавените снимки на Заев рече дека „некои се точни, некои делумно точни, а некои неточни“. Потврдно одговори на новинарското прашање дали се чувствува загрозен.

 

ЗНМ бара оставка од Груевски за прислушувањето на новинари

Здружението на новинарите на Македонија изразува сериозна загриженост и најостро го осудува прислушувањето на новинари со што брутално е суспендиран правниот поредок на земјата и масовно се кршени основните човекови права и слободи.

Прегазено е правото на слобода на изразување, приватност на новинарите и правото на тајност на изворите на информации кои се предвиден во македонскиот Устав. Жртви на прислушувањето не се само новинарите, туку се сите граѓани затоа што целта на следењето било да се спречи објавувањето на битни информации во јавноста.

Ваквото насилство врз новинарите и врз слободата на медиумите во демократски општества не поминува неказнето. Го повикуваме Јавното обвинителство сериозно да ги разгледа објавените докази за прислушување на новинари и да покрене соодветни постапки.

Премиерот Никола Груевски, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и директорот на УБК Сашо Мијалков мора да дадат оставка, без разлика кој го нарачал прислушувањето. Тие се должни да спречат вакво масовно кршење на уставните права и слободи на граѓаните. Нивното заминување од функцијата ќе помогне да се расчисти целиот случај.

Од објавените разговори меѓу министри и владини функциониери со сопственици на медиуми и уредници, се потврдија ставовите на ЗНМ јавно соопштени во многу прилики во изминатите години дека медиумите во Македонија не се слободни и се заложници на интересите на власта и на сопствениците на медиумите.

Се откри една јавна тајна дека власта со јавни пари ги купува највлијателните медиуми за потребите на дневната партиска пропаганда. Повеќе нема сомнеж дека владините кампањи служат за промоција на општиот интерес, туку се средство кое на власта им овозможува да ги уредува вестите на телевизиите. Ваквата практика мора да престане веднаш. Владата треба да ги суспендира сите владини кампањи во медиумите се додека не се расчисти овој скандал.

Прислушувањето на новинари го компромитира медиумискиот систем во Македонија и го претстави во вистинско светло, како корумпиран и целосно зависен од политиката. Бевме сведоци дека највлијателните медиуми не информираат, туку се средство за манипулација со граѓаните. Ваквата злоупотреба мора да престане и да се санкционира.

Единствен излез од ваквата апсурдна состојба е воспоставување на нов медиумски систем и нови контролни механизми на политичкиот систем, кој ќе гарантира независност и слобода на медиумите и ќе спречи нивна злоупотреба во иднина од политиката и бизнисот.

Уредник: Стојанка Митреска

Оставете коментар

Коментар(и)