Денешна дата
20/11/2019

Џабир Дерала: Во Избирачкиот список има хаос

Трицифрена бројка на луѓе се пријавени дека не постојат, претпоставките се дека се работи за илјадници

Инбокс7: Г-не Дерала, вашата невладина организација ЦИВИЛ учествуваше со околу 150 набљудувачи на овие избори. Може ли да ни кажете со какви нерегуларности се соочија вашите набљудувачи на терен?

(Линк до видео)

Дерала: -Имаше голем број нерегуларности. Пред се, ако ми дозволите јас би почнал со една од најголемите нерегуларности која се однесува на системот, а тоа е Избирачкиот список. Од него произлегоа многу други нерегуларности како што се сомневањата, а и во неколку случаи очигледни показатели дека има луѓе со повеќе лични карти кои гласаат повеќе пати. Видовме нерегуларности кои зборуваат за тоа дека има повеќе влезови, повеќе станови во еден влез, па дури и измислени згради. Во врска со тоа забележавме и низа други недоследности, слабости, па би рекол и нерегуларности поради тоа што благодарение на хаосот кој владее во Избирачкиот список многу луѓе не го искористија своето право на глас, односно тоа право им беше ускратено поради тоа што  избирачките места беа разместени во многу случаи. Членови на семејство кои со години, децении гласаат на едно избирачко место, сопружници кои живеат заедно дваесет и повеќе години во еден стан, одеднаш на овие избори се случува да одат да ги бараат своите избирачки места одвоено. Тоа се се работи кои неверојатно многу влијаат на квалитетот на денот на гласањето односно на целиот изборен процес. Самиот ден на изборите протече со низа нерегуларности, иако би рекол дека помина релативно мирно, односно немаше физичко или вооружено насилство или немаше премногу. Од друга страна, би рекле дека на овие избори имаше физичко насилство ако имаме предвид дека имаше напад на една висока претставничка на опозициска партија од страна на висок претставник на владината коалиција и тоа во избирачко место што е стравично по демократскиот карактер на едни избори.

Имаше низа други недоследности, како кршење на изборниот молк, поткуп, корупција на гласашко тело, притисоци, уцени, ветувања за работа и други бенефиции кои следуваат откако не само што ќе гласате за одредена партија туку ќе бидете ангажирани да донесете уште повеќе гласачи. Значи не добивате нешто за себе само ако Вие гласате, туку добивате само ако донесете што е можно повеќе луѓе околу себе, своето семејство, своите пријатели, своите соседи.

Инбокс7: Може ли да ги посочите општините каде се случија овие нерегуларности?

Дерала: Може да кажеме дека дури и во општините каде што имаше ниска излезност, а тоа се општините каде живее претежно албанско население, и таму забележавме нерегуларности бидејќи партијата која повика на бојкот вршеше своевиден притисок врз гласачкото тело меѓу Албанците да не излезат на гласање. Инаку, во сите скопски општини, особено урбаните градски општини забележавме низа нерегуларности, повеќето од нив се навистина сериозни. Нерегураности забележавме во  Велес, Куманово, Струмица, Делчево, Штип, Битола, Охрид, Крива Паланка, Неготино, Прилеп…Би рекол практично сите. Имаше нерегуларности забележано и во руралните општини. Повеќето нерегуларности ги гледаме како растечки тренд во урбаните средини, барем за првиот круг претседателски избори. Препотставувам дека оваа бројка ќе се зголеми. Лепезата на нерегуларности, притисоци во изборен контекст ќе расте како што се приближува денот на изборите, кога се поклопуваат парламентарните со претседателските избори. Препоставуваме како што тргна, насилството ќе расте и понатаму за да се дивертира вниманието во други насоки, односно да се изврши притисок врз целокупното гласачко тело.

Инбокс7:  Досега, според неправилностите кои сте ги утврдиле, имате ли некакви калкулации колку состојбата на терен одговара на Избирачкиот список. Зборувам како генерална цифра од повеќе општини..

Дерала: Тоа е малку тешко да го утврди една невладина организација. Ние можеби изгледаме големо, но сме релативно мала организација. Тоа не можеме да го направиме и затоа што немаме инструменти при рака, значи ги немаме институциите при рака. Тоа мора да го направи една посериозна институција меѓутоа доколку се реши да работи професионално, а не во партиски спреги. Меѓутоа, во крајна линија ние можеме да направиме некакви проценки. Тоа секако ќе го направиме, но во моментов се уште траат анализи. Наша проценка е дека бројката е огромна.

Инбокс7:  Досега колку отстапуваат бројот на лицата што се регистрирани во Избирачкиот список и оние на терен?

Дерала:  Ако ви кажам дека има троцифрена бројка на случаи на пријави од граѓани, но и уште една трицифрена бројка која ја читаме во извештаите на нашите набљудувачи можам да ви кажам дека илјадници се досега во прашање. Меѓутоа, таа бројка препоставуваме, односно тоа е моја лична претпоставка, дека таа бројка е многу поголема.

Инбокс7: Мислите дека ваква состојба ќе се рефлектира во вториот круг?

Дерала: Апсолутно ќе се рефлектира, како што се рефлектираше и на првот круг, како што се рефлектираше и на изборите во минатото во 2013 и во 2011 година. Ние сме инволвирани во избирачките процеси од 2008 година наваму. Оваа година можеби најдрастично од сите години досега ќе биде очигледно дека Избирачкиот список е сериозно лош и дека ќе влијае сериозно на целиот изборен процес, а претпоставувам дека ќе влијае на демократскиот процес потоа.

Инбокс7:   На еден од сајтовите ве окарактеризираа како главната тупаница на СДСМ во предизборниот мониторинг. Како ги коментирате овие напади?

Дерала: Јас напишав и на Фејсбук дека „Курир“ практикува космодиск новинарство, дека изгледа шашаво, ама функционира. Мене ми е смешно, иако ефектите или последиците од таквото новинарство се погубни за една демократија. Таквите новинари се учесници во една многу сериозна криминална практика во нешто што барем мене долго време, а и денес ми било светост-еднаш новинар-секогаш новинар. Навистина е тажно што прават новинарите со новинарството, еден дел се разбира. Навистина е храбро и големо тоа што прават голем број новинари, но во помал број медиуми. Сакам да знаат дека ја имаат мојата почит и поддршка во секое време.

Инбокс7: По што се разликуваат овие од претходните претседателски избори?

Дерала: Една битна разлика е тоа што на минатите претседателски избори барем видовме некаква дебата меѓу претседателските кандидати. Таа дебата оваа година изостана со исклучок на една релативно бледа дебата во еден сетинг кој е непријателски за каква било содржина, новинарска, камоли за квалитетна претседателска дебата, со сета почит кон луѓето кои што работат таму. Зборувам за сетингот, за поставеноста на целата инстутуција, која не пружа квалитетен дебатерски момент, односно можности. Освен тоа, разликата е во тоа што нерегуларностите се издигнати на едно повисоко системско ниво.

Значи структурното насилство, ако тоа на минатите претседателски избори беше присутно, но не беше пресудно, овде имаме едно структурно насилство, структурен настап кон се, еден организиран настап кон било кој сегмент на политичкиот процес наречен избори.  Разликата е во тоа што имаме многу поквалитетни нерегуларности.

Инбокс7:  Очекувате ли инциденти во вториот круг претседателски избори?

Дерала:  Се надевам дека ќе нема инциденти. Се надевам дека институциите ќе најдат сила барем во овие преостанати неколку дена да направат што е можно повеќе да имаме подостоинствени избори, иако се сомневам во тоа. Што се однесува до инцидентите мислам дека ќе ги има за жал. Без оглед на тоа колку тоа нам ни изгледа како спонтано насилство, тоа не е спонатно насилство.

Инбокс7: Кои места, според Вас, ќе бидат најкритични на денот на изборите?

Дерала:   Урбаните средини се на некој начин поподатливи за нерегуларности, но од друга страна, руралните средини се прегазени. Тие се уште сега, додека сте во мојата канцеларија, завршени. Нерегуларностите таму се случиле уште одамна. На денот на изборите ќе се егзекутираат финалните делчиња од планот. Тоа што може да биде експлозивно е на меѓуетнички план. И мојата организација ќе работи превентивно на тоа. Можно е да дојде до сериозни деструкции на избирачкиот процес во приквечерните часови. Се надевам дека по завршувањето на денот на гласање тие што ќе бидат на власт нема да манифестираат моќ онака како што тоа го манифестираа во изминатите изборни процеси. Не е битно дали се работи за несреќен случај или не, сепак заврши со една фаталност, а во други случаи заврши со спектакуларни апсења на припадници на опозицијата.

Денот на вториот круг претседателски, односно парламентарни избори ќе биде многу тензичен. Тоа знаеме. Можам да кажам дека во поголемите градови можат да се случат посериозни нерегуларности бидејќи таму има повеќе жители.

zafirova.zafirova@gmail.com