Денешна дата
26/06/2017

Талибанци, индијанци и мерценари

Талибанците во Авганистан во долината Бамијан ги уривале познатите џиновски статуи стари над две илјади години, некои повисоки од 50 метри (внесени во УНЕСКО како светско културно богатство). Од таков чин не можеле да ги одвратат ниту силните апели од цел свет дека тоа е скоро како да ги уривате пирамидите во Египет. Потоа им забранија на девојчињата да посетуваат училишта, но и ги затворија во бурки. Уништија цела историја, важни артефакти и културни споменици, илјадници години стари и воспоставија сурова диктатура. А талибанскиот спиритуален водач Мулах Омар ги претвори сите државни институции во свој личени сервис.

Многу слично, дури и покриминално постапува режимот на Груевски. Со помош на приватни институции (парламент, влада, судство), урива се живо. Од инвестиции до човечки судбини. Газеле по човечки животи, рекетирале, киднапирале, окупирале и на тоа садистички се смееле уживајќи во туѓи несреќи создадени од нив самите. Рекламирале писменост со партиски неписмени! Саделе дрвја по шуми, а сечеле по паркови! Ветија добробитие, а остварија пустош! Институциите им ги доверија на тие кои или немаат ниедно лице или ги имаат повеќе од две. Направија џунгла, а во џунглата главната улога ја имаат грабливците. Да беше поинаку, парламентот немаше да допушти ваква диктатура и небески криминал. Ќе ја разрешеше таквата влада. Не можат да сфатат дека конгломерат на национализам, сталинизам и талибанизам завршува во џихадизам од кој и ние нема да бидеме поштедени. Ваквата власт кај луѓето посадила свест дека штетно е да се биде чесен, праведен и морален. Дури целиот свет се напаѓаше оти не можеле да не разберат за потребата од нечесност што ја имаме! А што можете друго да очекувате од структура која пратениците ги принуди на измеќарлук. Ги понижи до дереџе што ако треба би гласале и за сопственото бесење.

Другиот столб на талибанската власт е нивниот коалиционен партнер наречен – Индијанци. Тие функционираат со помош на култот на главатарот и немаат потреба од знаење и учење. Дури Талибанците морале сами да им пишуваат закони за потоа еден мандат да бидат раат. Племето била неспособно да се користи со ниту една паметна идеја, а било способно да ја угаси секоја идеја што доаѓала од попаметни од нив. Кај Индијанците, тие што знаеле нешто за ништо не се прашувале, ама тие кои се прашувале за нешто не знаеле ништо. Племето со години имал проблем да разбере дека – додека во нивните срца го има Груевски, не е можно да има место и за Господ. Па полесно им било да бидат бледа имитација на Талибанци.

Третиот столб од ваква несреќа од владеење се правосудството и медиумите поддржувачи на талибанското владеење. Овие можеме да ги наречеме – мерценари. Нивните компоненти на ептен директен начин се вклучија во проектот – уништување на секој микрон од правда и вистина. Тоа доведе до целосен колапс на тоа што значи елементарна правна држава. Наместо да ги штитат институциите, јавниот имот и луѓето – тие го штитат организираниот криминал. Истото го прават и сега кога на режимот му се гледа крајот. Тие ќе мора да одговараат за директно помагање во инсталирањето на фашизмот и злосторничко – криминалното здружување во државата предводено од злогласната фамилија. Ќе мора да одговараат зошто го заташкале “Актор“!? Зошто кај “Македонска банка“ за чесен сведок го повикаа токму главниот крадец!? Ќе мора да кажат зошто молчат за документите од општина Центар за “Скопје 2014“ дадени пред година дена!? Треба да кажат зошто толку експресно постапуваат со Заев, а молчат за мегакриминалите на Груевски и Мијалков!? И за многу, многу други прашања. И медиумските мегафони ќе мора да одговарат за хаотичната состојба за која многу помагаат. Со години лажеа како вештерката ти била принцеза. Но, што и да лажете, човечкиот стомак никогаш не можете да го излажете. Па ќе мора да завршите како гадафските мерценари во Мисурат.

Наскоро режимот на талибанците, индијанците и мерценарите ќе се урне како кула од карти. Луѓе ептен богати, а во слобода ќе треба да завршат во затвор како сиромашни. Секоја чест на “странските служби“ што ни ги отворија очите за да видиме што сите овие години ни правеле домашните служби. Се поставува прашањето како ќе заврши ваквата власт. Залудна е помислата дека таа ќе си поднесе оставка, најмалку дека од морални причини ќе го направи тоа. Тоа не им се случува на тие кои не знаат што е тоа морал. Да имаше грам морал во нивната совест немаше да се направи ваквото историско чудо од несреќно владеење. Дури таквото нивно завршување не е ни пожелно. Тие треба да се урнат со силни и континуирани протести за потоа да не бидат фактор во преодната влада која ќе треба се да изнесе на површина. Тука не е можна рационализација, исто како што е апсурдно да се преговара со сериски убиец. Тоа ќе беше поволно и за самата партија ВМРО-ДПМНЕ која вака е доведена до смрт. Треба да се помогне и таму да се развие ново ткиво, ама здраво. Сега слушам власта формира своја УЧК за да проба пак да излаже. Но, таква расипана и смрдлива стока веќе никој не купува.

Онлајн магазинот Инбокс7 не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Одговорноста за изнесените мислења се исклучиво на авторот

Оставете коментар

Коментар(и)

bilali@inbox7.mk