Денешна дата
18/02/2020

Работа за младите – пуста желба

Младите во Македонија секојдневно се соочуваат со ѕидови и пречки кои трката до работното место ја прават речиси невозможна мисија

Партиска книшка наместо професионални квалификации, бедни хонорари наместо пристоен месечен приход, експлоатација наместо работно време, теорија наместо пракса… Ова се само дел од коцките кои ја градат реалноста на младите кога ќе излезат од студентските амфитеатри и ќе тропнат на вратите на работодавачите.

Сакаме нови работни места и младите да престанат да ја напуштаат земјата,-  беше најчестиот одговор на граѓаните на речиси сите телевизиски анкети за време на првиот круг од претседателските избори, на прашањето „Што очекувате од новиот претседател“.

Иако претседателот нема директни надлежности во економијата и отварањето нови работни места, проблемот на граѓаните со невработеноста е толку голем, што тие без многу размислување го набројуваа вработувањето на младите и нивното останување во земјава  како најголема предизборна желба.

Зошто младите заминуваат

Во Република Македонија живеат речиси половина милион (483.448) млади луѓе на возраст од 15 до 29 години . Тие сочинуваат 23.4% од вкупното население во државата. Според истражувањето наорганизацијата Реактор од 2012 година, повеќе од половина (51%) не учествуваат на пазарот на труд . Ова се должи пред се на фактот што повеќето се се уште  во образовниот процес, но стапката на невработеност кај оние што активно бараат работа е 45,8 %.

Ова го потврдува и последната студија „Политиките на пазарот на труд и сиромашнијата во Македонија“, промовирана од левичарското здружение „Солидарност“. Таа покажува дека најнизок степен на учество во пазарот на  работната сила се забележува  токму кај младата популација, на возраст од 15 до 24 години.  Според анализата во која се користат податоци од Државниот завод за статистика стапката на активност на младите на пазарот на работа сила  во четвртиот квартал од 2013 изнесува 35,2% .

mladi slika

Солидарност: Младите најмалку учествуваат на пазарот на работна сила

За споредба, 58% од популацијата на возраст од 15 и 29 години во Европската унија била активна, според податоците на Еуростат од 2007 година.

Ваквите поразителни статистики во реалноста се пресликуваат како речиси инстиктивна решителност  кај младите за напуштање на земјата, или како што вели 23-годишниот дипломец на Машинскиот факултет, Стефан Алексиќ, „би си заминал при првата можна прилика“.

Можностите кои ми се нудат за работа или се прениско платени и третманот на работодавачот е неетички или бараат да земам партиска книшка “, вели Алексиќ.

Тој додава дека го иритира пристапот на фирмите кон младите луѓе и го оценува како – безобразен. Скоро и да не познава пријател кој не работел шест месеци пробно за без пари со продолжено работно време и нула бенифиции. Неговите другарки вели, без исклучок  на работно интервју се соочиле со непријатното прашање дали планираат да засноваат фамилија.

Не е фер, од една страна државата ме тера да останам и да имам голема фамилија, а од друга страна не ми дава заштита од работодавачот и скоро смешни бенефиции во однос на започнување на фамилија“ – вели тој.

Авторката на студијата „Политиките на пазарот на труд и сиромашнијата во Македонија“,  Марија Башевска вели дека како една од причините кои влијаат на нивната неактивност е обесхрабреноста, која се должи на малите можности за вработување, посебно на млади и неискусни работници.  Таа додава дека кај работодавачите не постои подготвеност да инвестираат во млади и неискусни работници.

Борјана Мојсовскa, која е дипломиран преведувач и има 27 години, вели дека иако била контактирана од неколку издавачки куќи за ангажман за превод, цели три години по завршувањето на факултетот не успеала да се договори за работа.

Сите ја имаа истата забелешка:’Тебе те препорача овој, оној, од факултет, но не можеме да аплицираме со тебе за грант за превод  затоа што немаш ниту еден објавен превод.’. А како да имам, на 22 години, штотуку излезена од факултет? – прашува Мојсовска.

Мерки има, но колку се ефективни?

Младиот Ристе Ѓорѓиевски кој се реши да започне свој бизнис, вели дека на хартија и на зборови сите македонски влади се залагаат за решавање на проблемот со миграцијата на младите од Македонија во странство, но реалноста е сосема поинаква.

Започнав сопствен бизнис иако климата за тоа е далеку од поволна, се уште се надевам дека би можел во оваа земја да имам достоинствен живот, но трпеливоста се повеќе се истенчува, па неретко пролетуваат мислите и за заминување,– додава тој.

Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски за Инбокс7 вели дека тие имаат заеднички план со министерството за труд и социјална политика со кој се преземаат повеќе мерки за намалување на младинската невработеност.

Имаме ослободување од социјални придонеси за фирмите кои ќе вработат млади до 29 години во период од една година, со што до 13 март се вработија 910 млади.Потоа имаме мерка за практикантство, со која младите работат 3 месеци во фирма која потоа може да ги задржи на работа. Го имаме проектот за самовработување, во кој околу 23% од оние кои се решиле да почнат свој бизнис се млади. Имаме и друга мерка за субвенционирање на вработување на млади лица со што шест месеци се покрива платата за младите која изнесува 13 илјади денари-, додава Поповски.

Од граѓанскиот сектор пак, сметаат дека ваквите мерки не се доволни за сериозно влијание врз намалување на невработеноста кај младите.

– Со 3.500 евра не може да се почне бизнис, а камо ли да се развива истиот – велиБојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование.

Тој  додава дека перспективите за младите се такви што тие бараат излез или во зачленување во партија за да дојдат до работно место во државна администрација  или во напуштање на земјата.

Домашните институции не објавуваат  колку граѓани на Македонија имаат регулиран престој во странските земји. Светската банка објави дека до 2010 година дури 447.000 македонски граѓани се иселиле од Македонија.

Уредник: Тамара Чаусидис