Денешна дата
23/09/2021

Изборна берза (3): (САМО)ЦЕНЗУРА

Опозицијата го извлече предизборниот адут. Со покажување документи, со транскрипт од телефонски дијалог меѓу двајца соговорници, социјалдемократите се обидуваат да ја детронизираат владејачката „фамилија“. Само ТВ Телма, 24 вести, Алсат, Утрински, неколку портали и интернет-страници, се одважија да го спречат колективното новинарско гилотирање. Од преку 100 телевизии, осум весници и над 100 портали, одвај 10 проценти објавија извештај од прес-конференцијата на лидерот на СДСМ. Блокадата беше целосна, кај најтиражните и најгледаните, кај олихарските сопственици и уредничките тајкуни.

Молк.

Медиумски и институционален.

Премиерот ги игнорира прозивките, обвинителот вапца јајца пред Велигден.

Воскресна најбескрупулозната (само)цензура во владините медиуми. Нема ни основна вест, ниту збор, интерпретација, анализа, дури ни скромни алиби анализи што ја забошотуваат основната информација да се тргне во потрага и автономно презентирање на нејзината проверена веродостојност. Нема дури ниту очекувана дискредитација на актерите, ако тие тенденциозно и злонамерно, без аргументи, ја отвораат аферата. Барем за тоа се извештени новинарските „спин доктори“. Медиумското лицемерие е уште поголемо кога во еден провладин портал ќе прочитате само еден интерпретиран коментар од претплатниот експерт, адвокат на власта, за НИШТО. Вест нема КОЈ, КОГА, КАКО, КАДЕ, ШТО…

Занемеа уредниците што ја имаа целосната слобода во пишувањето и ТВ настапите во неделникот Фокус, Време, во А1… Тие лицемерно молчат, како последен епитаф на новинарската професија што се обидуваат да ја банализираат, да ја дискредитираат, да ја обескостат.

Кога збревтала руската инвазија врз Чешкословачка, по шесте месеци демократска пролет навестена од Дубчек, главниот уредник на комунистичка Правда во Москва му засвонил на Михаил Суслов. Дијалогот бил кус.

– На која страница да објавам за почеток на операцијата?, прашал главниот уредник на весникот со милионски тираж.

– Зарем веќе не го отпечати весникот?, кусо одговорил високо образованиот комунистички иделог Суслов, основоположникот на Теоријата за ограничен суверенитет, што ја активира Брежњев.

Македонскиот Суслов конечно се легитимира.

(Само)цензурата и во Македонија е комплетна.

„Споната“ на ВМРО-ДПМНЕ со Македонска банка, во изминативе 15 години е перманентна, партиска и лична, од нејзиното бескрупулозно преземање, до пренос на сопственичкиот пакет, продажба и ликвидација. Валканици во неа имаше и со формирањето на акционерскиот капитал на директорскиот тандем Трпевски и Тозија, во време на 1994 – 1998 година и владата на Црвенковски, па сè до обидот за спојување со Алмако банка и вмешувањето на сега осудените Нини во Србија и Смиленски во Македонија, од периодот на Георгиевски и Груевски.

Откривањето на криминалот околу и во банката, со прозивки за (не)чесниот Груевски, како што го детектира пропагандистичката машинерија на Заев и Шеќеринска, доаѓа во шпицот на кампањата. Блокадата што ја направија медиумите под контрола на центарот од „Илинденска“, можеше да се претпостави. Тешко е да се очекува спектакуларен пресврт во изборната математика на СДСМ, со (не)навремено отворање на криминалот на овие владејачки елити. Овој предизборен ПРинженеринг може да има ефект на долгорочни идеолошки стази. Но далеку сме од нова социјалдемократска матрица за поодмерена социјална прераспределба на капиталот и на богатството, модели или идеи за ревизија на некои од криминалните приватизации, најновите распродажби на земјиштата, злоупотребите со субвенциите, лукративното трошење на буџетите… вреднување на живиот труд како дел од профитот, социјална држава сега, а не изборна демагогија со државните пари. Вештачењето на снимката има правна смисла, но голото око го гледа тоа што и не мора да се снима. Сега се тестира (не)зависноста на обвинителството, финансиската полиција, Агенцијата за разузнавање, кои се комплетно маргинализирани со одземен личен и професионален идентитет.

Македонија нема да ја одмине бранот на посттранзициските пресметки околу сомнежите за „митоманството“ кај премиерите во регионот. Измамата на словенечкиот Јанез Јанша ја открија странците. Медиумите во Љубљана не ја цензурираа. По аферата „Патриа“, со набавката на оклопни возила во 2006 година, тој заврши со две години затворска казна. Прво Јанша, првоборецот кој беше на браниците на самостојна Словенија во битка со ЈНА, потоа хрватскиот Санадер е во затвор со 10-годишна казна (види каква коинциденција), поради провизија од 480 илјади евра што во 1994 година, како заменик-министер за надворешни работи, ги зел од австриската Хипо банка.

Кога се во прашања коруптивни, партиско-патриотски трансакции, казната или изолацијата ги следи дури и големите европски политичари. Хелмут Кол, по 16 години Канцелар, обединителот на Германија, иницијаторот на европската монетарна унија, ја плати цената на политичко-медиумската дискредитација поради сомнителната партиска донација од еден германски бизнисмен.

Македонските уредници и креаторите на мислење, здружно и без цензура пишуваа за соседството. Во дворот никако да погледнат.

Лектор: Елена Цуцулоска

comovski@inbox7.mk Фото: Кире Гелевски (Глобус)