Денешна дата
21/08/2017

Директорке Софијанова, што демантирате?

Саше Димовски, новинар, автор на истражувањетоБЕБИЊА УМИРААТ ПОРАДИ БИРОКРАТСКИ ПРЕЧКИ

 

Директорке Софијанова, неколку пати го прочитав Вашиот „демант“ испратен под закрилата „Детска Клиника“ обидувајќи се да сфатам што сакате да демантирате во истражувањето спроведено и потпишано од мене. За жал, не успеав да разберам што сакате да кажете. Освен, судејќи по смс пораките со кои ме „бомбардиравте“ во текот на вчерашниот ден, дека главниот проблем во сторијата било тоа што Вие сте биле прикажани во негативно светло. Простете, но јас не сум од од тие,  кои пишувајќи за 9 илјади починати бебиња во периодот опфатен во истражувањето, ќе пишува „розово“ и за директорката на Детската Клиника. Ако сте имале такви очекувања од мене, жалам што сум ве разочарал.

Но, да се задржиме само на фактите: велите дека на Детската Клиника НИКОГАШ не и биле испратени прашања! Почитувана директорке, вака стојат работите: по претходни телефонски јавувања кај Вашите соработници на клиниката, прашањата по меил кај надлежното лице (ќе ги поштедиме луѓето од јавно жигосување) беа испратени на 14 април 2015 година. Од нивна страна бев контактиран на 15 април и известен дека Вие цела недела ќе сте службено отсутни, но прашањата ви се препратени на емаил и се надеваат дека ќе ги видите. За истиот ден, 15 април, од страна на Вашите соработници ми беше организирана средба со докторката која го водела случајот со детето за кое се говори во сторијата и со надлежен кардиохирург. Средбата, помеѓу мене, вашите соработници и докторката од детската клиника со која разговаравме и за тоа што не виделе во приватната клиника и кои се причините за малформации и за транспорт на децата во странство се случуваше во вашата како што ја велат стара канцеларија на Одделот за интензивна нега, на приземјето на Клиниката, во која и натаму стојат ваши семејни и лични фотографии. Времето на средбата беше 11.30 часот претпладне. Во текот на средбата, Вашиот соработник ме извести дека Вие сте ги одговориле прашањата што ви беа упатени по меил и лично, добив копија од нив на рака.

Сите одговори, ама буквално сите, се искористени во сторијата, почнувајќи од Вашиот одговор дека е зголемен бројот на прегледи на деца на годишно ниво, до тоа како се носат децата во странство, до бројот на пациенти содржани и во демантот и во текстот за испратени во Лондон, со каков транспорт и слично. Како е можно, почитувана Софијанова, да не сте добиле прашања, а одговорите во текстот (бројки и податоци) да соодветствуваат со содржината во „демантот“.

По средбата со докторите (организирана од вашите соработници за што им благодарам и добиените одговори од Ваша страна) мојата работа и истражување од Детската Клиника се насочи кон другите субјекти, Клиниката во Бугарија, приватната клиника во Скопје, Фондот за здравство, средба со родители чии деца починале, со лекари од различни области, статистиката за починати бебиња и други извори важни за сторијата.

Затоа, да тврдите дека не сте добиле прашања, не само што е лудост, туку многу лошо говори за карактерот на човекот пред се, независно од неговата функција и професија. Среќа, за се постои емаил и телефонска комуникација, средби во живо, па од таму, нема дилеми на чија страна е вистината.

Пред десетина дена се сретнавме со вас и на еден прием, на кој ме прашавте дали сум ги добил и податоците од ФЗОМ, за кој, како што рековте, сте се организирале заедно за да ги добијам. Секако и за ова ви благодарам, бидејќи од нив се гледа што презела државата за оваа категорија на деца (бебиња до една година кои беа предмет на наше интересирање).

Како на долгогодишен лекар, би ви советувал, прашањата кои наводно не биле наш „интерес“ во сторијата а според Вас требало да ги истражиме, да ги отворите во вашите стручни кругови и да ги повикате новинарите, па на такви средби, да разговарате дали (за што се говори и во сторијата) причините за смртност се генетски, не едукација на родители, пропусти на гинеколози, на државна неинтервенција во бирократските процедури или други фактори. Не очекувајте новинарите да пишуваат за сите аспекти за кои Вие сметате дека влијаат за смртност на бебињата и можат да се сместат во еден новинарски текст.

Вие одговарате дека само на Вашата клиника годишно се прегледуваат до 4 илјади деца од кои срцевите аномалии се зголемени.

Затоа, да не ја заморуваме нашата читателска публика, со прашања кои треба да се во ваш домен на работа или прашања за некое наше следно истражување, ќе ви порачам само едно, јас, како автор на истражувањето, со 20 години новинарска работа зад себе, никогаш нема да си дозволам да објавам податоци или работи без да ги проверам или истражам. Жал ми е, што не можам да ви дозволам Вие да одредувате кој соговорник е „релевантен“ а кој не за темата. Детските животи за мене немаат цена и затоа, секој родител, кој имал било каков бирократски проблем за своето дете и тоа како е релевантен.

И вас и мене ми е јасно дека детето немало да стигне за 7 дена во Бугарија да не се вмешале во случајов од  „портир до министер“.

Го ценам и вашиот одговор што го дадовте дека се залагате да се поедностави бирократската процедура. Се надевам дека нема да демантирате дека сте го одговориле и ова?

Во смс пораките упатени до мене, велите: „И за Тамара ти беше прв што максимално ме напаѓаше, а не ме ни познаваш“. Почитувана директорке Софијанова, јас нема потреба да ве познавам, а искрено, и да сакам, не би можел да ве познавам, зашто ве гледав во политичка кампања во секое село и град, ве гледам како делегат на конгресот на ВМРО ДПМНЕ, па нема време ни кога да ве запознае некој. Кога бев на Клиниката ве немаше исто така, сте биле како што ми рековте сама, во Ерусалим да се причестите. Но, независно што мислам јас приватно за Вас или Вие за мене, кажете ми, се уште ли мислите дека за смртта на Тамара требаше да ве фалиме и заштитуваме?

Во интерес на правилно информирање, само да споменам дека бев „замолен“ да не пишувам за оваа тема поради некакви интереси. Кај мене нема компромиси, и немав дилема дали треба да продолжам да истражувам.

Поддршката за сторијата што ја добив од колегите кои со години пишуваат за здравство и многу добро Ве познаваат Вас ми потврди дека сум на вистинскиот пат.

 

Без компромис кога станува збор за вистината колку и да е болна.

 

Оставете коментар

Коментар(и)