Денешна дата
18/02/2020

Браната Калиманци е полупразна

Над 2.000 производители на ориз во неизвесност. ВПОЗ Брегалница ги намали површините за наводнување

Намалување на површините, доцнење на планот за наводнување и неизвесност до крајот на наводнителната сезона,ги демне земјоделците од Источна Македонија кои чекаат вода од хидросистемот Брегалница.

Сане Јованов, производител на ориз од кочанското село Чешиново, вели дека доцното донесување на планот за наводнување и задоцнетото пуштање на водата може да има сериозни последици врз квалитетот на оризот.

„Минатата година, поради доцнењето на наводнителната сезона, оризовите површини беа зафатени со слана, што го намали квалитетот на оризот. Рандаманот беше 15%, а кога сè е навреме, сме имале и рандаман до 50%, па и до 60%“, се жали Јованов.

Тој потенцира дека од ВПОЗ Брегалница им ветиле дека ќе пуштат вода на 7 април, но до скоро и планот за наводнување не беше донесен, ниту водата е пуштена на 7 април.

Доцнењето на наводнителната сезона може да биде една од причините за лоша жетва, вели агрономот Александар Донев кој е и претседател на Кластерот за ориз.

Aleksandar Donev

Александар Донев

„Оризот има вегетација од 150 дена. Задоцнувањето на сеидбата ќе ја одложи и жетвата во октомври. Доколку во октомври има врнежи или падне слана, тогаш тоа може да влијае на квалитетот на оризот“, вели Донев.

Тој додава дека годинава и лошата хидролошка состојба влијаеше врз почетокот на наводнителната сезона, а ако заврши сеидбата до 20 мај и ако земјоделците ги послужи среќа, може колку толку да има некои резултати.

Малите врнежи и малата количина на акумулирана вода се главната причина за доцнењето на наводнителната сезона и редукциите на површините. Директорот на ова претпријатие, Зоран Беличев, вели дека во браната Калиманци има само половина од планираните количини на акумулирана вода.

„Површините за наводнување во целокупниот хидросистем Брегалница се редуцирани од 7.200 хектари, кои се наводнуваа минатата година, на 5.800 хектари. Додека површините под ориз се намалени од над 4.000 хектари во 2013 година на 2.800 хектари годинава“, вели Беличев.

Хидросистемот Брегалница има капацитет за акумулација на 120 милиони метри кубни вода, а досега се акумулирани само 70 милиони. Од овие 70 милиони, од 10 до 15 милиони метри кубни се вода која не може да се користи.

Zoran Belicev

Зоран Беличев

Овој систем за наводнување е изграден во 1968 година со цел наводнување на околу 30.000 хектари обработлива површина во регионите на Кочани, Штип и на Овчеполието.

Водата од ХС Брегалница е од големо значење за над 15.000 жители во Источна Македонија.

Лектор: Елена Цуцулоска

lefkov@yahoo.com