Денешна дата
04/04/2020

Наместо за граѓаните, општините функционираат само за платите на администрацијата

Платите „јадат“ околу половина општински буџети во Тетово, Лозово, Крива Паланка и Македонски Брод, Центар Жупа и Дебар. Најмалку заглавени се Кавадарци, Крушево, Струмица Конче и Аеродром. Трето продолжение од истражувањето за превработеноста во општинитена Центарот за истражувачко новинарство Скуп Македонија

Наместо власт поблиска до граѓаните, општините се повеќе стануваат институции кои функсионираат само за платите на администрацијата. Истражувањето на ЦИН СКУП Македонија покажа дека зголемувањето на бројот на вработени во локалната пред секој циклус на избори довела до ситуација повеќе општини да инкасираат даноци и остваруваат приходи само за платите на вработените. Многу малку средства им остануваат за асвалтирање улици, оддржување на паркови, за училиштата или пак за другите сфери значајни за граѓаните.

 

Платите ги „јадат“ парите за остварување на надлежностите

 

Неверојатни 71% од сопствениот буџет на Општина Долнени оди за плати на администрацијата. На платниот список во оваа мала Пелагониска општина се запишани 31 лице, од кои 27 на неопределено и 4 на определено време. За тоа како опстојува општината во вакви услови, се обидовме да стапиме во контакт со градоначалникот Боше Милошевски, но беше недостапен на мобилниот, а на фиксниот телефон во кабинетот не одговараше никој.

Следно на листата со најзаглавени општини е Лозово. Таму 50% од сопствениот буџет, општината троши на плати. Градоначалникот Орце Цветковски потенцира дека е тешко да се менаџира општина што како најголема ставка во буџетот и се платите.

orce cvetkovski

Орце Цветковски

„Буџетот кај нас е само за да поделиме плати и да изготвиме техничка документација за некој инфраструктурен објект. За реализација на тој објект немаме пари. Затоа ни помага Владата. Во мојата општина се асфалтираа две улички со должина до 1 километар во изминатиов период откако сум градоначалник. Сега добивме еден милион денари (околу 16.000 евра) за техничка документација“, вели Цветковски.

Тој додава дека, иако голема е ставката за плати сепак е добро што околу две и пол илјади жители од околните села имаат општинска администрација и не мора да одат дури во Свети Николе за да завршат некоја работа.

Сличен проблем како Цветковски има и градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски. Тој од 2009 година, кога дошол на власт бил принуден да го намали бројот на вработени за околу 20%.

arsenco

Арсенчо Алексовски

„Кога дојдов за градоначалник од околу 80 службеници, го намалив бројот за 18 луѓе вработувани од претходната власт. Но за да работи ефикасно општината морав да вработам уште неколку луѓе и сега општината има 64 вработени. Тешко се опстојува во општина каде половина од буџетот оди за плати“, вели Алексовски.

Тој додава дека среќна околност за Крива Паланка е што е погранична општина и користат пари од Европските фондови за соработка со партнери од Република Бугарија. Предност е и што земаат пари од концесијата од минерални суровини од рудникот Тораница.

Следен град на листата е Тетово каде околу 42% од буџетот оди за плати. Градоначалничката Тетута Арифи не одговори на нашето барање за изјава. Граѓаните на овој град се жалат дека поради превработеноста, општината не може да пружи услуги на граѓаните.

„Се што ќе соберат во буџетот се ќе потрошат за плати. Кој градоначалник ќе дојде само трупа луѓе во администрација. Улиците се многу лоши, зимава заврна снег цело Тетово и пошироко беше блокирано немаше пари да го исчистат градот“, вели 45-годишниот Јован од тетовско.

 

Државата ги преполни општините со администрација

 

Државата ги става во исти кош и големите миќни скопски општини и малите рурални општини од внатрешноста. Со секој закон им пропишува нови задолженија за исполнување и нови обврски за вработување се жали градоначалник од владеачката партија во Источна Македонија што сакаше да остане анонимен.

Македонија има погрешен систем на општини. Една скопска општина со 60.000 жители и мојата општина со 7-8.000 жители, пред законот сме еднакви. Ние треба да имаме комунален инспектор и тие во Скопје треба да имаат комунален инспектор, а друго прашање е колку тој комунален инспектор има работа во Скопје, а колку во мојата општина„, вели тој.

По закон,  тој вели дека како општина се принудени да имаат некои работни места иако реално нема доволен обем на работа за тој вработен.

„Типичен пример е работното место, раководител на внатрешна ревизија. Е сега за општина со буџет од 200-300.000 евра и општина со буџет од 2-3 милиони евра, обемот е различен, ама мора законски да вработиш некој таму. Во Македонија се гледа политичкиот дел за полнење на општинската администрација“ вели нашиот извор и додава дека со закон се претрупани со администрација иако нема потреба од нив.

На слични проблеми се жали и Аријан Ибраим градоначалник на Опшина Центар Жупа.

„Јас не би имал потреба од типичен сметководител што ќе книжи 1 извод во денот“, вели тој и додава дека „на таквото лице, незаконски е да му дадеш дополнителни обврски или да му дадеш дополнување на работното место“. „Типичен сметководител за еден извод со 5 вирмани во денот има 15 минути ефективно работно време. На овој сметководител мора да вработам и обвластен ревизор, па мора да има и даночно одделение со најмалку 2 вработени“, вели Ибраим.

Тој вели дека токму заради овие законски обврски на крај, кога ќе ги собереш тие вработени, само во финансии требат 7-8 луѓе, по систематизација.

Ибраим се жали дека е многу тешко да се управува со превработена општина кога нема приходи.

Најдов систематизација во една ваква општина со 65 вработувања. Човекот што ја правел оваа систематизација, сега е судија во Апелациски суд. Го прашав, по која основа си ја направил оваа систематизација? Тој беше правник и ми рече, дека по овој закон си принуден да вработиш, по друг закон си принуден да вработиш, по трет закон си принуден и така се собираат 65 луѓе. До 70% од работните места ги оправдуваше дека законски се предвидени. И затоа многу општини во земјава се заглавени и до гуша се во долгови“, вели Ибраим.

Слична е состојбата и во општина Кривогаштани.

 

„Од 70 места, колку што е предвидено во систематизацијата за општина Кривогаштани, ние имаме вработено само 30%. Вработуваме согласно нашите финансиски можности“, вели Тони Заткоски градоначалник на Кривогаштани.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

lefkov@yahoo.com