Денешна дата
21/08/2017

Шверцерите со бегалци заработија милијарда евра

Балканската рута на шверц повторно има „роба“ за шверцување. Овој пат тоа се луѓето од Сирија. За ветената Германија, сириските бегалци, само од почетокот на годината, на турските шверцери им имаат платено од половина до една милијарда евра. Ахмед Келани, учител од Сирија за трансферот на неговото семејство преку Турција платил по 700 долари по човек.

„Платив 5.600 евра за моето семејство од 6 членови, од кои и две мали деца“, вели Келани.

Нешто поефтино поминал неговиот пријател Мустафа. Тој платил на шверцерите по 600 долари за човек.

„Платив 3.000 долари за да го префрлат моето семејство од турскиот град Бодрум до грчкиот остров Кос. Во семејството со мене имам 5 члена“, вели 60-годишниот адвокат од Кобане.

Од јануари до јули годинава Во Грција официјално влегле 130.000 луѓе, а се проценува дека само во август се влезени повеќе од 50.000. значи во првите 8 месеци годинава Грција примила околу 200.000 луѓе. Кога на ова ќе се додаде по 700 евра по човек, значи само турските шверцери на мигрантите заработиле околу 150 милиони евра од почетокот на годината досега.

Неофицијално некои луѓе ни рекоа дека шверцерите им земале од 3.000 до 5.000 евра по човек да ги пренесат од Сирија до Унгарија, преку т.н. Источно медитеранска и Западнобалканска шверцерска рута. По овие пресметки шверцерите заработиле милијарда евра од почетокот на 2015 година досега

 

Во Македонија, од бегалците печалат само препродавачите

 

Цените кај препродавачите беа неколкукратно повисоки од реалното. Две банани се продаваа по евро и пол. Кутија цигари кај препродавачите беше поскапа и од Лондон, ја продаваа по 4 па и 5 евра за Марлборо, а околу 6 евра беа две кутии Родео. Литро и пол вода се продаваше за едно до две евра. Честопати водата на Железничката станица во Гевгелија не беше пакувана, туку имаше случаи кога препродавачите полнеа шишиња вода од дома и овде ги продаваа како флаширана.

Поголем ред имаше кај таксистите. Тие не смееја да ги носат мигрантите без документи.

„Ги носиме од Гевгелија до Табановце за 100 евра по кола. Толку ни е по таксиметар, толку им наплаќаме. При тоа услов е да имаат легални документи за престој во Македонија. Ако немаат документи не смееме да ги носиме“, вели гевгелиски таксист кој ни се претстави како Џоко.

Храна кога има Црвениот крст им дели од сопствените резерви, а по таа рута по која што одат мигрантите, скоро и да нема од каде да купат во Македонија. Единствено има една трафика во близина на Железничката станица во градот и од нејзе купуваат некои основни намирници.

Кога ќе заминат во Куманово, после граничната линија ги пречекуваат локалните препродавачи.

Stationen 22

Економски бенефит од прифаќањето на бегалците

 

Хуманата димензија на бегалската криза го обиколи цел свет. За Зоран Тодоров,познавач на меѓународните односи кој завршил на Универзитетот во Нови Сад, оваа е голема игра.

„Германија има најскапа работна сила од големите светски сили. Кина, Индија, Бразил, САД и Јужна Африка, имаат многу поефтина работна сила. Мора и Германија да го следи нивниот пример доколку сака да остане светска сила“, вели Тодоров.

Тој смета дека Македонија и не може нешто повеќе да направи за да задржи некој од тие бегалци затоа што никој и не сака да остане овде.

„Најдоброто што направи Македонија е што ги транспортира бегалците поскоро од земјава, така да не бидат на товар на социјалните фондови“, додава Тодоров.

На слично мислење е и економскиот аналитичар Стојче Самарџиски.

„Германија со децении увезува работна сила. Во 60-тите години тоа беа југословенските дисиденти. Во 70-тите веќе стотици илјади наши работници заминаа на Запад. Во 80-тите години недостатокот на работници се надополнуваше од Турција, 90-тите од Југославија, но и Чешка и Словачка и Полска. Во претходното десетлетие беа Пољаците, Романците и Бугарите“, вели Самарџиски.

Тој додава дека Германските институции имаат точни пресметки од каде можат да внесат работници. Со примањето на бегалците покрај хуманата обврска што ја исполнуваат тие ја обезбедуваат и иднината на нивната нација.

„Во Германија има над 40 милиони работници. Ако овој милион бегалци што го најавуваат да замине за Германија успее да ја намали работната саатница за едно евро, користа за германската економија ќе биде голема. Ќе настрадаат само тамошните вработени, затоа и започнаа со протести во Источна Германија“, вели Самарџиски.

Сепак, кризата со бегалците се гледа со голема претпазливост од земјите на Европскиот континент. Коридорот Сирија-Европа, кој функсионира последните години, го зголемува стравот кај надлежните од можно инфилтрирање на членови од терористичките организации кои учествуваат во борбите во Сирија.

Според податоците на УНХЦР, 2.2 милиони бегалци се регистрирани во Египет, Ирак, Јордан и Либан, 1.8 милиони се згрижени во Турција додека 24 илјади во Јужна Африка.

Оставете коментар

Коментар(и)

lefkov@inbox7.mk