Денешна дата
21/09/2017

ОДБЛИЗУ со студентите: хорор услови за надежта на земјата

Автори: Жарко Настоски, Горан Лефков, Љубиша Арсиќ

 

Длабоко во 21-от век, илјадници македонски студенти сè уште живеат во услови кои можат да се опишат како хорор-филм. Во скопските домови, кои се изградени уште пред 30 или 40 години, дотраени и неодржувани, живеат идните академски граѓани – надежта на оваа земја.  

zidovi dom

Еден од овие студенти е и Александар. Тоа не е неговото вистинско име – загрижен за последиците кои може да ги трпи тој или неговото семејство доколку јавно зборува за нечовечките услови во кои е принуден да живее, се согласи да се појави пред нашата камера, но без да го откриеме неговиот идентитет.

 

НЕХУМАНИ УСЛОВИ ЗА СТУДЕНТИТЕ

 

„Условите се на едно незавидно ниво, еве, чист пример – денес немаше топла вода, се бањав со ладна вода. Храната е исто под стандардот, доста лоша е, и од аспект на хигиена можам да се пожалам дека условите се очајни“, вели „Александар“, студент кој живее во домот „Гоце Делчев“. 

Соочени со сиромаштијата и високите трошоци на животот во Скопје, за многу студенти единствена достапна опција е да живеат во студентски дом, каде се плаќа околу 50 евра месечно.

ana

„Состојбата е ужасна, студентите живеат во навистина нехумани услови и недостоинствени, што е уште поважно. Моја опсервација е дека тоа е една симболична порака од Владата кон студентите: еве ние колку се грижиме за вас, еве ние што мислиме за вас и каде ви е на вас местото“, вели Ана Нешовска од Студентски пленум.

 

 

„Условите за живот, барем според мене, се минимални, значи, го имаме само тоа што е неопходно, нема ништо повеќе, дури и тоа некогаш е ограничено“, вели Кирил Манасиев, студент кој живее во домот „Стив Наумов“.

Студените соби во зимските месеци, недостигот од топла вода, нехигиената, поплавените ходници и соби кога врне, слабата и тешко достапна храна во мензите  – се само дел од секојдневието на станарите на студентските домови. Во женската зграда во домот „Стив Наумов“, на пример, има само еден тоалет и еден туш на секој спрат, со кои се служат по 50 студенти. Условите се под секое човечко достоинство.

„Имаме душек и покрив над главата, но еве, за ручек, за јадење сме доста скратени. Во мензите има многу малку храна, нема за сите студенти… на пример, стекови има 100, а овде има 1200 студенти“, нагласува студентот од „Стив“.

 

“ТОПЛИМЕ ШИШИЊА СО ВОДА НА РАДИЈАТОРИ ЗА ДА СЕ ИЗБАЊАМЕ“
„Секоја зима парното се пушта некаде овој период, ноември, кога веќе доста е ладно и доста е потребно. Иако ќе биде пуштено, не е доволно, затоа што прозорците се скршени, нема изолација… така што студентите се принудени да наоѓаат алтернативни начини за загревање. Лани имав искуство во зимата во која цел месец немаше топла вода во декември. Ние бевме приморани да топлиме шишиња со вода на радијатори за да се избањаме“, вели Александар.

wc

Не само Александар, туку и многумина негови колеги се чувствуваат изиграни од политичарите. Велат дека власта ги посетува и прави нешто за нив само кога се ближат избори.

Само во последните пет години, премиерот Никола Груевски и неговите министри за образование повеќепати ветуваа изградба на целосно нови студентски домови.

„Тука планираме да градиме два нови студентски домови. Едниот ќе биде во еден од постарите студентски домови, а за другиот ќе се бара нова локација“, вели Абдилаќим Адеми, министер за образование и наука.

Но, овие ветувања се покажаа како празни, а студентите и денеска во најголем дел живеат во истите руинирани објекти.

„Не веруваме на ветувањата веќе, поради тоа што во уште во 2002 е најавена изградба на нов студентски дом и реконструкција на „Гоце Делчев“. Сега сме 2015, скоро 2016 година, тоа се многу години чекање“, вели Нешовска од Студентски пленум.

„Морам да кажам дека сум резигниран. Очигледно е дека тие ветувања за изградба на студентски дом, претпоставувам, се само една мамка за студентите, најчесто во предизборен период, јас сум свесен за тоа дека нема ни трага ни глас од таквиот студентски дом“, вели Александар.

stek

Во ваквите најави не верува ниту Ненад Новковски, екс министер за образование.

„Очигледно е дека нема волја, затоа што поминаа веќе десет години, а не е реализиран некој таков поголем обем. Ако биле одобрени средства по тој план, можело досега да се реализира целосно“, вели тој.

 

СТАНДАРДОТ СЕ ПОВЕЌЕ СЕ ВЛОШУВА

 

Студентските домови се само показател за нивото на студентскиот стандард, кој наместо да се подобрува, постојано се влошува. Истражувањето на Центарот за истражувачко новинарство СКУП покажува дека македонските студенти живеат најлошо во споредба со нивните колеги од земјите во регионот. Износот на студентската стипендија е само 14% од просечната македонска плата,  а трошоците за исхрана и транспорт се многу повисоки отколку во Србија и во Бугарија, на пример.

Студентите велат дека привилегиите и попустите кои ги добиваат, како бесплатниот градски превоз само во еден ден од неделата, едноставно, се премалку.

„Таа картичка чини 200 денари и плус треба да се плати такса од 135 денари за да се добие, така што за четири дена бесплатно возење, условно кажано, во текот на месецот, студентот треба да плати 335 денари. Прашање е колку се исплати“, вели Нешовска.

Самоил Малчевски, бивш претседател на Студентската организација, вели дека сите бројки укажуваат на влошување на студентскиот стандард.

„Во учебната 2008/2009 стипендиите се покачија за 10 отсто и оттогаш, иако животните трошоци се покачени за 25 отсто, ние немаме воопшто покачување на износот на стипендиите“, вели тој.

Во атмосфера на страв и политички притисоци, на студентите повеќе од кога и да е досега, им е потребно организирање и борба за подобрување на условите во кои живеат. Но, тие тоа не го добиваат од официјалните студентски здруженија. Студентскиот парламент, чие раководство се бира на избори токму за да се бори за интересите на студентите, не ја извршува својата функција.

„Организациите кои треба нас да не штитат и да ни дадат поддршка овде, за сите студенти да се борат, го прават токму спротивното, ги нема никаде, нема на кого да се пожалиме и сами треба да се бориме за нашите потреби“, вели Манасиев од „Стив Наумов“.

„Она што сега се случува – СПУКМ е премногу сервилна спрема надлежните институции и во последните неколку години е претворена во крпа со која си го бришат подот сите“, смета Малчевски.

Сандра Живковиќ од Младински образовен форум (МОФ) вели дека ваквата ситуација се должи и на слабото преставување на студентите од нивните организации.

„Апсолутно би рекла дека во ниту еден мандат на досегашните претседатели на Студентскиот парламент на УКИМ не се видени некои значителни промени во високото образование. Верувам дека има некои многу мали и тривијални заложби на овие тела, меѓутоа, некаква голема промена, некаква вистинска помош на поголемиот број студенти СПУКМ досега не е увидено дека дал или дека зазел некој став во насока на одбрана на ставот на поголемиот број студенти што се на УКИМ“, смета Живковиќ.

 

НАДЕЖТА ВО СТУДЕНТСКИОТ ПЛЕНУМ

 

Овој недостиг од достојно претставување на студентите наспроти властите, се обидува да го пополни Студентскиот пленум – иницијатива која од лани мобилизира илјадници студенти во борба против, како што велат, „лошите образовни реформи“. Нивните активности сега се свртуваат во борба за подобар живот на студентите.

„Потребно е да се вложи време, енергија и студентите да сфатат дека можат да променат нешто и дека имаат сила да го направат тоа, само треба да станат и да го изразат“, вели Ана Нешовска од Студентски пленум.

Всушност, ако се погледне наназад низ годините и децениите, се гледа дека политичарите и официјалните студентски претставници никогаш не се грижеле доволно за студентскиот стандард. Кога се во прашање властите,  овој потценувачкиот однос е најмногу видлив во последните години, во кои власта трошеше огромни суми државни пари на изградба на споменици, украсни мостови, барокни фасади и нови згради за администрацијата.

Државата  годишно издвојува по околу 10 милиони евра за студентскиот стандард – сума која е далеку од доволна за да се променат состојбите,  а нејзиниот износ во државниот буџет се намалува, наместо да се зголемува.  За споредба, од 2010 година наваму, за спомениците и градбите од проектот „Скопје 2014“ се потрошени над  600 милиони евра – десетпати повеќе отколку за студентскиот стандард.
Со овие пари, Владата можела да изгради 100 нови студентски домови, од кои секој би можел да прими по 1000 студенти.

„Многу е симболично тоа што панорамското тркало што сега треба да се гради чини 11 пати повеќе од реновирањето на новиот блок кој што би требало да се отвори на 17 ноември и од кој што се прави фама“, вели Нешовска.

„Тоа се гледа по средствата, дека не постои желба да се подобри, затоа што во споредба со времето пред 15 години, кога од државниот буџет биле доделувани за студентски стандард 375 милиони денари, сега се доделуваат 423 милиони. Сметајќи со инфлацијата, што е веќе 100 проценти оттогаш досега, тоа значи дека средствата се намалени, во реален износ дури и намалени за една третина од тогашниот. А, ако се има предвид дека има многу поголем број на студенти во денешно време,  тоа значи дека навистина се оскудни за современите потреби“, вели екс министерот Новковски.

Неодамна беше реновиран еден блок од студентскиот дом „Гоце Делчев“. Владата ова го претстави како голем чекор за подобрување на студентскиот стандард, но студентите велат дека тоа не е доволно, затоа што во реновираниот блок ќе се сместат само мал дел од студентите.  Тие велат и дека начинот на кој се одредува кои студенти ќе живеат таму, е сомнителен.

„Јас би одела до таму да кажам дека тоа е еден популистички чин за да се добие внимание, да се добијат гласачи затоа што нели, избори се ближат“, вели Нешовска.

„Официјалната изјава е дека студентите од блокот А ќе бидат преместени во блокот Б, за да се отпочне реновирањето на блокот А. Е сега, постојат сомнежи дека можно е преместувањето да се одвива и по други канали, така што некои луѓе кои заслужиле место да ги изгубат своите места, на сметка на некои кои имаат поинакви врски“, вели Александар.

За помалку од шест месеци во Македонија повторно ќе се одржат избори. Студентите кои живеат во скопските домови очекуваат ветувањата да се засилат, како и секогаш досега, кога политичарите го користеле студентскиот стандард само како материјал за пропаганда.

Дури и утре да се промени политичката волја и Владата да почне вистински да се грижи за студентите, на Александар му е јасно дека тој ќе замине од домот додека да стигнат почовечките услови за живот во него. Затоа, му останува само надежта дека барем следните генерации студенти ќе живеат подобро.

Оставете коментар

Коментар(и)