Денешна дата
21/09/2017

Изборите носат нови административци: граѓаните годишно плаќаат по 25 милиони евра за партиските вработувања

Автори: Жарко Настоски, Горан Лефков, Љубиша Арсиќ

 

 

„Катастрофа, никој ништо не работи“.

„Се шетаат како пауни, а никаква работа не вршат. Нишај врата земај плата“

Ова е само еден од негативните атрибути со кои граѓаните знаат да ја опишат  македонската општинска администрација. Причините за ваквиот тренд во локалните самоуправи граѓаните ги гледаат во партизацијата на вработувањата.

„Критериум, треба да имаш добар пријател или книшка од ВМРО и тоа е. Таму ќе бидеш примена, а другите што немаат, нема да ги примат. На мојата снаа и викаат, донеси таква книшка да те примиме“, вели граѓанка на Скопје.

„Ако гласаш, на пример Стевче пак да го бираат за градоначалник ќе те вработи, ако не ништо“, вели граѓанин на Скопје.

anketa

„Кој се бави со политика, кој навива за Мендух Тачи или Али Ахмети, а поготово тие што се до Груевски ќе биде на работа. Тие што се близу Груевски се вработени, инаку ти ако имаш диплома а не се интересираш за партии за тебе нема работа“, вели граѓанин од Тетово.

На слично мислење се и експертите. Тие сметаат дека се е ставено во функција на тесно партиските интереси.

bedzeti

„Не знам дали има други вработувања, освен партиски вработувања. Мислам дека тие повеќе се вработени како партиски милитанти по нивните штабови и се на повик секогаш на нив, и ако нешто може да се каже дека сработуваат тоа е за партијата се разбира“, вели академик Абдулменаф Беџети.

Александра Максимовска, професор на Правен факултет, смета дека скоро сите вработувања одат преку политичките партии. 

„Јас мислам дека во Македонија денеска има политика во сите вработувања“, вели таа.

Во последните десет години, бројот на вработени во општините пораснал за два и пол пати, покажуваат податоците на Центарот за истражувачко новинарство Скуп Македонија и на истражувачкиот тим на Одблизу. Според законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме податоци за сите општини, а добивме одговор од 50 локални самоуправи.

Во општините што ги обработивме живеат милион и 200 илјади граѓани.

Во 2005 година во овие општини работеле 1524 вработени, во 2008 година, бројот расте на 1900, за да во 2009 порасне на 2.400. Во 2012 расте на 3.200 и во 2014 се искачува на 3500.

grafika

Од друга страна, граѓаните велат дека со зголемувањето на бројот на вработени, услугите на општинската администрацијата воопшто не се подобрени.

„Не е ништо подобрено. Во Наше време со помала администрација во Социјализмот, подобро се решаваа работите. Превработеноста не дава плод, односно позитивни резултати“, вели граѓанин од Скопје.  
Општините Теарце, Долнени и Ранковце во изминатите десет години го зголемиле бројот на вработени за пет или шест пати.

Од поголемите општини и градовите, Тетово и Аеродром и Штип се локалните самоуправи во кои во се примени најмногу нови вработени.

grafika 2

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, одби да се произнесе за овој проблем, но затоа, за состојбите во општината со нас отворено разговараа тетовчани:

„Не сум толку задоволен јас лично. Колку што јас сум имал работа таму, многу тешко оди. Има бирократија“.

„Ќе завршиш работа, ама малку  потешко. Ќе чекаш малку, ќе чекаш позади вратата, ќе дојде 3 саатот ќе ти речат, утре дојди“.

„Кога одам таму ми велат ти не си барал, зарем јас стар човек, ќе ги лажам. Бев 2 часа на нозе во општината да ги предадам документите“.

Од 50-те општини што ги анализиравме, најмногу вработени, според бројот на жители, има општина Македонски Брод. На секои 102-ца жители, седи по еден административец во општината. Новаци на секој 122 жители има по еден административец, Ранковце на 133, а Карпош 138 жители на 1 вработен.

grafika naslovna

Граѓаните на Македонски Брод признаваат дека е голема превработеноста:

„Овие 70 луѓе се вработени во последните 3-4 години. За последните 3-4 години двојно е примено. Премногу е тоа? Како не е премногу? Во едно министерство имаш по 5-6 луѓе вработени“.

„Во оваа криза за работни места не е штета ако има млади вработени“.

„Убаво е да се вработуваат луѓето, поготово младите“.

Milosim Vojneski

Градоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески, со свое објаснување за состојбата со вработувањето во општината. Вели дека ова општина опслужува со администрација 6 други единици на локалната самоуправа.

„Во локалната самоуправа има вработено, локални патари, градинари. Во другите општини, тоа е решено преку јавни претпријатија, меѓутоа кај нас се вработени во локалната самоуправа. Општина Македонски Брод со својата администрација опслужува уште 6 локални самоуправи“, вели Војнески.

Изборната карта на Македонија покажува дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ менаџираат со 71 од вкупно 80 општини. Зголемувањето на вработените во општините за партиски цели од 2006 до 2015 година ги чинат граѓаните, поточно околу 2 милиони евра месечно или околу 25 милиони евра годишно.

Според економистите, трошоците за ваквите непотребни вработувања се уште поголеми.

„Има една мала заблуда дека секогаш се сметаат само платите и обично градоначалниците излегуваат со изговор, дека платите и не се така високи. Меѓутоа, на тој вработен треба да му се обезбеди простор. Квадратурата чини многу повеќе од платите. 6 месеци треба да го грееме тој вработен, па 6 месеци треба да го ладиме, па да му вариме кафе. Па на некој од нив да се платат патни трошоци. Не живеат во таа општина, ама партиски се вработени во таа општина. Ниту се експерти, ниту се незаменливи“, вели Зоран Витанов, економист и поранешен заменик министер за економија.

Во последниот извештај за напредокот на Република Македонија кој беше неодамна објавен се нотира дека продолжува да биде нарушено вработувањето врз основа на заслуги и дека дополнително е намалена довербата на јавноста во функционирањето на институциите.  

Граѓаните велат дека тие се оние кои го платат цехот на превработеноста:

„Големи пари кои ги дава народот“.

„Од народот се чека во секој смисол, а дали има секој да ги одвои тие пари е прашање за размислување. Со 10.000 денари да одвоиш 1.000 денари и струја, вода и други трошоци, прехрана, тоа сепак е многу“.

„Се тоа е на наш грб. Целата администрација е на грбот на граѓаните“

Експертите се јасни – последиците од ваквите политики штетно се однесуваат на развојот на општините.

Jane Vrteski

„Поголемиот број на единиците на локалната самоуправа ќе резултира со намалени можности за развој, намалени можности за капитални инвестиции во општината, бидејќи дел од буџетот се намалува за капиталните инвестиции. Иновативноста е на пониско ниво во таа единица на локална самоуправа и е ограничена“, вели Јане Вртески, консултант за локален развој.

Александра Максимовска, професор на Правен факултет, вели дека во некои општини има голема превработеност а се покажа дека кога има потреба за заштита на животната околина, за превземање на проекти за аплицирање во европски фондови, таму каде требаше да се покаже дека имаат сретства ги немаа, зашто отидоа на плати.

„Кога некого ќе го вработите вие морате платата да му ја исплаќате. И кому е лошата услука направена, на граѓаните, а најмногу на општината. Најмногу губат тие што не се вработени во општината, а чекаат стоки и услуги од нејзе. Тие немаат вработен во општината, а нема кој да ги заштити од поплави, нема кој да ги заштити од затнати улици или да им даде информација кога ќе се јават на телефон, бидејќи нема сретства. Ако го потрошите буџетот за плати, автоматски ви снемува пари за развојни проекти“, вели Максимова.

Ниту една политичка партија во изминативе 25 години не се ни обиде да ги извлече канџите од општините. На сите избори се ветува брза и ефикасна општинска администрација, но наместо тоа добиваме нови и прекубројни вработувања. Општините се претворија во партиски дувла. До кога?

Оставете коментар

Коментар(и)