Денешна дата
21/09/2017

СКРОМНИ ЛИДЕРИ ИЛИ МАСКИРАНИ МИЛИОНЕРИ: КОЛКУ ТЕЖАТ ГРУЕВСКИ, ЗАЕВ, АХМЕТИ И ТАЧИ?

Груевски, Ахмети, Заев, Тачи… Ова се лидерите на четирите најголеми политички партии кои носат одлуки во името на сите нас, граѓаните. Нивните ставови секојдневно ги слушаме, но многу малку знаеме што се крие зад „фенси“ оделата и луксузните автомобили во кои се возат.

Ако се суди според изгледот, заедничко за четворицата лидери на најголемите партии е што им годи политиката – имаат по неколку килограми плус откако се на врвот. Но, и многу побогати во однос на нивните гласачи. Дали политиката била добитна комбинација за Груевски, Заев, Ахмети и Тачи- лидерската четворка која во раце ја има судбината на државата?

Gruevski grafikon

Милион денари – толку премиерот Никола Груевски заработува годишно. Ако хипотетички се пресмета колку можел да заштеди ако ништо не потрошил, тогаш Груевски за овие неполни 10 години можел да заштеди 10 милиони денари или околу 150 илјади евра. Лидерот на опозицијата Заев со плата од 60 илјади денари како градоначалник на Струмица, по истата математика можел да заштеди седум до осум милиони денари или 100-тина илјади евра за последните 10 години. Пратениците Ахмети и Тачи, воедно и лидери на ДУИ и на ДПА преку парламентот заработиле по 900 илјади денари годишно или за последните 10 години околу 130 илјади евра.

 

ИЗБЕГНУВАЊЕТО НА ЗАКОНИТЕ КАКО НАЦИОНАЛЕН СПОРТ

 

Антокорупционерите се сомневаат дека нивното богатство е спечалено од нивните плати.

Некако станавме шампиони и тоа како да е национален спортво државата- да се избегнуваат законите или да се наоѓаат можности да се избегнат обврските од законите“, вели Слаѓана Тасева од Транспарентност Македонија (ТИ).

И поранешни соработници на лидерите анализираат дека нивните месечни примања не се вклопуваат во актуелното богатство кое го поседуваат.

jove kekenovski

„Кај нас доаѓаат сиромашки во политиката,  да не речам голтари, кои немаат ништо сработено во животот, но преку ноќ, со завршувње на политичката кариера,  стануваа, не средни,  туку големи бизнисмени со милионски суми на сметките“, вели Јове Кекеновски, бивш член на партијата на Груевски.

„Државните функционери отидоа над уставот, над законите и институциите“, вели Зулфи Адили, доскорешен близок соработниик на Ахмети.

Алајдин Демири, некогашен соработник на Тачи, потенцира: „Ако анализираме што имаат на товар четворицата лидери тогаш ќе добиеме ужасна состојба“.

Кај нас лидерите обично стануваат премиери и тоа е веќе друг тип на корупција“, смета Гордан Георгиев, поранешен потпретседател на СДСМ.

 

ГРУЕВСКИ ПОБОГАТ ЗА 170 ИЛЈАДИ ЕВРА

 

Од 2007-мата кога Груевски за прв пат како премиер пријавил што поседува во Антикорупциската комисија до денес, до последната пријава, имотот му се зголемил седум пати. Во моментов, според официјалните податоци, тој има 200 илјади евра. Карактеристично е што тој не поседува недвижен имот и затоа останува непознато на чие име е станот на улицата „Павел Шатев“ во Скопје во кој живее. Тоа е оваа зграда која не смее да се снима од околината затоа што обезбедувањето постојано внимава кој се приближува до објектот.

„Членовите на Државната комисија за спреување на корупција да го преиспитаат тој- едноставно да видат од каде се додјени тие пари и како одеднаш доаѓаат“, вели професорот Кекеновски.

Груевски влезе во политиката во 1999-тата како министер за економија. Остава впечаток дека најголема доверба има во банките па затоа целиот имот му е на  30-тина денарски и девизни депозити, штедни книшки и картички. Претходно, во 2007-та имал само 12. Тогаш вкупната вредност му изнесувала околу 40 илјади евра, а имотот на неговата сопруга, исто така на кредитни картички, изнесувал осум илјади евра. Приближна вредност, или девет илајди евра се уметничките слики пријавени во Антикорупциска. Како што минувале годините Груевски пријавувал се повеќе пари во банка, но никогаш недвижен имот.

Во моментов има пријавено осум милиони и 300 илјади денари, 50-тина илјади евра, пет илјади долари, 2 300 швајцарски франци и 800 фунти или вкупно околу 200 илјади евра. Но, за дел од овие средства, поточно за 36.500 евра не го пријавил потеклото на парите.

Практично, имотот на Груевски се зголемил од 40-тина илјади евра на 200 илјади или станал побогат од прилика за 170 илјади евра- сума приближна на таа која претходно пресметавме дека можел да ја заштеди од премиерската плата за 10 години . Но, тоа значи дека не смеел ништо да потроши од тие пари. Соседите го доживуваат како најмоќен и најбогат.

Центарот за истражувачко новинарство „Скуп“ направи проверки и во Катастарот на недвижности каде податоците потврдуваат дека Груевски нема недвижен имот. Дополнителни проверки направивме и во Централниот регистар каде името на Груевски не е поврзано со ниту една компанија.

Но, наспроти ваквите официјални податоци, опозицискиот СДСМ во 2011-та откри дека на името на мајката на премиерот Надежда Груевска има четири стана.

Сепак, остана непознато како пензионерката, претходно медицинска сестра може да плаќа за кредити чија месечна рата, наводно, изнесува седум илјади евра. Тука дискусијата заврши, а тогашниот состав на Антикорупциската комисија немаше начин како да истражува затоа што Груевски престанал да живее во заедница со родителот и со тоа автоматски немал обврска да ги пријави становите на мајка му.

„Очигледен пример за такво сокривање или ставање нешто на туѓо име- тоа  е наједноставен метод на перење пари и наједносавниот метод за прикривање на поврзаноста со имотот“, вели Слаѓана Тасева од ТИ.

Во објавените аудио материјали од нелегалното прислушување, според тврдењето на опозицијата Груевски наводно, сакал на Водно да купи имот вреден 17 милиони евра со што се отвори дилемата од каде премиерот има толку пари и зошто тоа не го прави во свое име?

 

Груевски: Тоа ми е многу итно да знаеш. Дури и поитно од ова.

Јанакиевски: Добро.

Груевски: Тоа е многу поголемо, тоа го начекав за џабалак, ти кажав.

Јанакиевски: Знам, знам.

 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вели дека во тврдењето на Груевски каде вели „за моите парцели, џабалак ги купив“ има описно, наративно објаснување во тие тонски разговори каде што се потврдува кои се тие парцели.

Zaev

„Само кога ќе го побарате имотниот лист и извадокот од планот ќе утврдите дека тоа е тоа. Со сопственоста гледате дека се работи за имот кој што во разгвороите Груевски го кажува за негов имот а се води на Сирах Иншенеринг, оф шор компанија, регистрирана во Белизе“, подвлекува тој.

 

ЗАЕВ НАЈБОГАТ МЕЃУ ЛИДЕРИТЕ

 

Фронтот против Груевски го отвори токму лидерот на опозицијата Зоран Заев. Претендира од градоначалничката да се премести во премиерската фотелја. Таму платата е повисока, но и одговорноста е далеку поголема. Само Заев се одзва на барањето на „Одблизу“ да говори за неговото богатство, иако официјални покани испративме до сите лидери.

Ова е семејната куќа на Заев. Тој живее со сопругата и децата, но и со родителите. Затоа, за разлика од Груевски тој морал да го пријави целиот имот на семејството. Пред да стапи на функцијата претседател на СДСМ за него се зборуваше дека политиката му е луксуз оти отсекогаш имал пари. Иако во јавните настапи сака да остави впечаток дека припаѓа на средната класа, сепак имотот на неговите родители и поширокото семејство, проценет на неколку милиони евра го прават богат.

Нашиот имот е достапен, лесно се прави увид во имотнтие лситови, и мои и секако тие на фирмите, сопственоста, но и кредитите кои ги имаат повлечено“, вели Заев.

Според увидот во анкетниот лист на Заев произлегува дека тој тежи 750 илјади евра. Ја пријавил оваа куќа во Струмица која во моментов ја реновира одвнатре и која чини 300 илјади евра. Има и стан од 30 илјади, но и земјиште вредно 40 илјади евра. Освен ова, Заев пријавил дека поседува и деловен простор во вредност од 60.000 евра. Во документот набројани се и акциите од 200 илајди евра, еден заем, неколку девизни депозити.

СКУП-Македонија истражуваше и во Централниот регистар. Неговото име не се појавува во сопственичката структура на ниту една фирма или невладина организација. Според Агенцијата за катастар на недвижности Заев не поседува никаков имот.

Јас не знам колку пари претходно имал Заев и колку пари има сега, но ви тврдам имајќи предвид колку се затворени сите чекмеџиња на опозицијата, во ваков тврд амбиент, ви тврдам дека, станувајчи претседател на СДСМ, сигурен сум дека повеќе изгубил финансиски од некои бизниси, отколку што добил“, вели Георгиев, кој беше потпретседател на партијата пред Заев да биде избран за претседател.

Соседите на Заев кои ги сретнавме на неговата улица не можат неговото богатство да го поврзат со неговиот политички ангажман.

Заев беше мета на медиумски напади дека има вила во Грција, за која се утврди дека е во сопственост на негов братучед. Остана запаметен и по тоа дека во 2008-та беше помилуван од тогашниот претседател Бранко Црвенковски за сомнежите за финансиски малверзации околу објектот „Глобал“ во Струмица. Тогаш информациите открија дека наводно Заев заработил осум милиони евра преку приватизација на објектот, а извршен од СИМ Инженеринг и ДЕ ЛУКС инженеринг, фирми со кои беше поврзуван во јавноста.

Во моментов против него освен досието „Пуч“ поврзано со прислушувањето се води процес и за поткуп од 200 илајди евра кои тој, наводно, ги побарал од негов познаник за да му го заврши процесот на приватизација на државно земјиште.

 

„АХМЕТИ КАКО АЗИЛАНТ НЕМАШЕ НИ 100 ФРАНЦИ ВО ЏЕБ…“

 

Иако при објавувањето на бомбите опозицијата беше повнимателна кон лидерите на Албанците во споредба со функционерите на ВМРО ДПМНЕ, сепак, во една од нив, опозицијата го посочи лидерот на ДУИ, Ахмети.

„Дали на Ахмети му требаше ова? Апсолутно не. Ахмети беше еден чесен и добар политичар“, вели Зулфи Адили . „И како почна неговата политичка кариера, со кои луѓе ја почна неговата политичка кариера и до каде стигна?„

Ја го знам Ахмети како азилант, немаше ни 100 евра во џеб, ни 100 франка во џеб и сега јас денеска не можам да тврдам колку он има, но по зборувањето има многу. И во Зајас, и во Тетово и во Скопје“, вели Алајдин Демири.  

Зајас. Родното село на Ахмети. На влезот е изграден меморијалниот споменик за жртвите Албанци од Балканските војни. Селаните го сметаат за негова заслуга. Од панорамскиот поглед на почетокот на селото џамијата ја покрива семејната куќа на Ахмети. Пред куќата има неколку автомобили, некои покриени кои најверојатно не се користат често.

Официјално Ахмети пријавил имот од 140 илјади евра и тоа недвижен имот од 120, подвижен од само седум и банкарски депозит од 12 илјади евра. Има земјоделско земјиште во Албанија вредно 30 илјади американски долари, но и куќа во Кичево од 100 илјади долари.

За разлика од 2013 година, Ахмети е пократок за над 300 илјади евра. Во најновиот анкетен лист на Ахмети ја нема куќата во Скопје, со површина од 800 метри квадратни, чија вредност била 150 илјади евра, како и земјоделското земјиште во Кичево која било вреднувано со 153 илјади евра.

Овие бројки, според жителите на Зајас, не го прават Ахмети кој знае колку богат, но го сметаат за влијателен.

Според извештај од Државниот завод за ревизија од 2006 година, братот на Ахмети, наводно, склучил договор со „ЈП Пасишта“ во износ од 120 илјади евра (средства на Министерството за земјоделство) за изградба на четири бачила, а за кои медиумите пишуваа дека станува збор за луксузни вили. За секое бачило, по основ на “модернизирање“ од касата на „ЈП Пасишта“, како што стои во извештајот на заводот, биле исплатени по околу 30 илјади евра.

Документите кои СКУП-Македонија ги обезбеди од Агенцијата за Катастар на недвижности на РМ, велат дека Ахмети не фигурира како “носител на право на недвижностите“, а тој не се врзува ниту со правни субјекти во Централниот регистар.

 

БОГАТСТВОТО НА ТАЧИ

 

Ахмети е долго на власт, неговата партија на терен е доминантна. Лесно му е да го победува противникот Тачи чија харизма и популарност беа брилијантни пред десетина години

„Се појави една состојба каде што бегалците дојдоа од Косово и тука стана еден огомен извор на бизнис и тоа е супер положба за да се направи некакво дејствије кое во суштина и го направија. И тука функционираа само челниците на ДПА, не можеше да функционира никој друг“, вели Демири.

Од профит во бегалската криза за името на Тачи се врзува и приватизацијата на компанијата Интерпромет во Тетово од 99-тата година кога ДПА беше на власт со ВМРО ДПМНЕ. Судските процеси се уште траат.

ДУИ обвинуваше дека Тачи е скриен сопственик и наплаќа по 200 илјади евра за кирија, но партијата на Ахмети никогаш не ја поднесе најавената кривична пријава.

Наследникот на покојниот лидер на ДПА, Арбен Џафери од кого ја презеде партиската неприкосновеност, според официјалните податоци е малку посиромашен од Заев, но предничи пред Груевски и Ахмети. Тој две децении е активен политичар. Поседува имот од 613 илјади евра или две куќи на негово лично име од кои едната е голема и има повеќе од 1000 квадрати. Едната ја наследил, а другата ја купил. Тачи го возат во БМВ од 50 илјади евра, а сопругата пријавила Пежо, но од скромни седум илјади евра. Во банка има 197 илјади евра за кои нема наведено потекло.

Семејниот имот каде живее е сместен во една тесна улица без тротоари. Иако малку запуштено маало, сепак е во околината на центарот на Тетово. Голем процент од луѓето кои живеат овде се издржуваат од социјална помош или од пратките од роднините од странство.

Од друга страна, според документот кој СКУП-Македонија го доби од Агенцијата за катастар на недвижности на РМ, Тачи “е запишан во катастарот на недвижностите“ и тоа во осум имотни листа, сите во Тетово.

„Тачи бил невработен и никогаш не работел освен во политиката. Меѓутоа денеска не знам колку има, но сигурно има многу спроед кажувањата“, вели Демири.

Во Македонија е јасно – ако си во врвот на политиката постојат многу начини и можности за брзо богатење, чии траги лесно можат да се скријат. Така и ќе остане се додека не профункционира системот.

Оставете коментар

Коментар(и)