Денешна дата
17/10/2018

За патни трошоци потрошени 7.4 милиони евра: пратеникот Наумовски наплатувал како со кола да доаѓа од Австралија во Македонија

Пратеникот во Македонското собрание од изборната единица Азија и Австралија, Васко Наумовски, е скоро непознат за домашната јавност. Ретко се појавува за излагање, за реплика или пак за да постави пратеничко прашање. Но, ако се суди според сумите кои ги наплатил за да патува низ државава, очигледно тој повеќе е активен надвор, на терен отколку во собраниското столче.

Vasko Naumovski

Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија, користејќи го законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, дојде до податоци кои говорат дека Наумовски успеал да наплати неверојатни 971.474 денари, или 15.800 евра, од Собраниската благајна од октомври 2014 до октомври 2015 година за користење на сопствено возило за службени потреби во Македонија.

Наумовски не беше достапен за да одговори на прашањата околу начинот како ги наплаќа овие пари. Експертите, пак, велат дека наплатата на патните трошоци од страна на Наумовски е дискутабилна затоа што испаѓа како да доаѓа со кола од Мелбурн до Скопје за да присуствува на собраниските седници.

Славко Лазевски, поранешен претседател на Центар за даночна политика и соработник на Никола Груевски во Министерството за финансии, смета дека овој начин на наплата на надоместоците е лош.

slavko lazevski

Славко Лазевски (фото Академик.мк)

„Вистински хаос и нејаснотија има во регулативата околу надоместоците за патни трошоци за користење на сопствено возило за службени потреби. Овој закон е донесен 1990 година во Поранешна Југославија. Тој е менуван 13 пати. Тој процент од 30% од цената на литар гориво за секој изминат километар, господ знае од кога е“, вели Лазевски.

Вкупно 577 илјади евра се потрошени од страна на 63 пратеници во текот на овој едногодишен период, или по 9 илјади поединечно, само по основ на „користење на сопствено возило за службени потреби“.  Во текот на една година, Собранието просечно има околу 150 работни денови. Под услов да не отсуствувале ниту еден ден, излегува дека пратениците наплаќале по 61 евра за секое доаѓање на работа со сопствено возило. На листата ги нема пратениците од опозицијата, бидејќи до септември 2015 година тие го бојкотираа работењето на Парламентот.

СКУП-Македонија на почетокот од годинава прв го отвори скандалот со енормните суми кои ги добиваат пратениците за патни трошоци, објавувајќи дека за само 11 месеци од 2014 година за патни трошоци на пратениците им се исплатени 1 милион евра. За овој период дел од пратениците зеле сума од над 20 илјади евра за да дојдат на работа.

 

Рекордерите за патни трошоци

 

Пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов е за промена на моделот за исплата на патните трошоци.

Pavle-Trajanov

„Секој за себе си одговара и тоа може многу лесно да се расчисти, а пратениците кои го правеле тоа треба да си сносат морална, политичка и секаков друг вид на одговорност. Не смее никој да прави криминални активности на штета на дигнитетот на Парламентот“, вели Трајанов.

Според него, во Собранието се зборува дека има одредени пратеници од внатрешноста кои имаат разработени шеми како да дојдат до фискални сметки од патарини, за да прикажат дека патувале на таа релација, иако физички тие не патувале.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Гевгелија, Драги Цуклев и годинава е рекордер по наплатени пари за користење на сопствено возило за службени потреби. СКУП и претходно истражуваше како Собранието го троши буџетот во текот на 2014 година, при што Цуклев и лани резултираше како најголем наплатувач на пари по ова ставка.   

На негово конто од октомври 2014 до октомври 2015 година пристигнале 1, 1 милион денари или околу 18.500 евра. Тој и минатата година наплати околу 25.000 евра и беше пратеникот со најмногу наплатени пари, од собраниската каса.

Листата од пратеници кои наплатиле најмногу патни трошоци за користење на сопствено возило за службени потреби, покрај Цуклев ја предводат Крсто Мукоски, Ромео Тренов, Сашо Василевски, Силвана Бонева, Момчило Аврамовски, Љуљана Златуроска и Рамиз Мерко.

Патни трошоци на пратениците (октомври 2014-октомври 2015)

кликни на градот или името на пратеникот за повеќе детали. Зумирај за да видиш повеќе пратеници од една општина

 

 

 

Ниту еден од овие пратеници не сакаше да говори на ова тема. Молк и во нивните матични партии.

Според податоците кои ги добивме од Собранието на РМ, последните исплатени патни трошоци се до август 2015 година. Во тој период пратениците од опозицијата не присуствуваа на седниците, не земаа патни трошоци за користење на сопствено возило за службени потреби, но редовно си ги подигнуваа платите, иако не учествуваа во неговата работа.

 

 

Законска регулатива зрела за ремонт

 

Формулата за пресметка на патните трошоци за користење на сопствено возило за службени потреби е 30% од цената на литар гориво за секој изминат километар. Еден пратеник од Гевгелија, за одење до Скопје и враќање назад, за делницата долга 155 километри наплаќа по 5.800 денари.

Според Славко Лазевски, оваа пресметка не е добра.

„Оваа формула не ја одразува сметководствената потреба за реално книговодствено претставување на настанот. Потребна е сосема нова регулатива за оваа материја. Таа треба да се промени, но не гледам желба кај пратениците за промена на ова законодавство“, вели Лазевски.

Тој смета дека целокупната законска регулатива во делот на надоместоците на плата е зрела за еден целосен ремонт.

Во преслушкуваните разговори за власта, кои ги објави опозицијата или таканаречените „бомби“ во разговор, наводно, меѓу министерот за финансии, Зоран Ставревски и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, тој најави дека ќе ја укине ова регулатива:

„Ова со пратенициве што е надоместокот за патни трошоци тие 30%, ќе го менувам. Ќе иницирам промена, со сите ќе се запукам таму“, се наводните зборови на Ставревски во една од „бомбите“.

 

Потрошени пари за реконструкција на 7 болници

 

Според бројките до кои дојде СКУП-Македонија по Законот за слободен пристап, Собранието на Република Македонија исплатило 7,4 милиони евра за патни трошоци за користење на сопствено возило за службени потреби на пратениците во изминативе 10 години. Со овие пари можеше да се изградат 5 нови училишта со капацитет од 2.600 деца или 30 градинки со капацитет да згрижат околу 3.000 деца. Исто така, можеше да се реконструираат 7 општи болници низ републикава кои се во очајна состојба.

 

Патни трошоци за користење на сопствено возило за службени потреби

Година  во денари  во евра
2006                         25,263,145.00                       410,115.99
2007                         73,335,695.00                    1,190,514.53
2008                         45,971,770.00                       746,294.97
2009                         19,545,393.00                       317,295.34
2010                         27,779,389.00                       450,964.11
2011                         52,399,684.00                       850,644.22
2012                         51,855,920.00                       841,816.88
2013                         60,372,462.00                       980,072.44
2014                         55,538,186.00                       901,593.93
2015* до август                         47,249,648.00                       767,039.74
Вкупно   459,311,292.00   7,456,352.14

 

Дека се потрошени премногу пари потврдуваат и експертите. Според Славко Лазевски, со тие пари ќе се изградеа 80 стана во Скопје.

„Со овој модел, Собранието на РМ во сопственост ќе има станови во вредност од 4 милиони и во наредните 40 или 50 години ќе ги сместува парламентарците. Во свој посед ќе има и автомобилски парк од 80 возила и вредност од 2 милиони евра“, вели Лазевски.

Со ваквата одлука се согласуваат и дел од пратениците.

„На овој начин ќе имаме заштитени пратеници со дигнитет и со одлични услови за работа. Според сегашниот модел имаме пратеници кои чекаат фискална сметка од патарина за да можат да наплатат патни трошоци за користење на сопствено возило за службени потреби “, вели Тито Петковски, лидер на НСДП.

Околу 85 пратеници во Собранието на Република Македонија се од внатрешноста и од дијаспората. За да им обезбеди сместување во Скопје, државата може да им изгради станови во Скопје кои ќе чинат помалку од тоа што таа им исплатила за патни трошоци.

Доколку одреди државата локација и местото биде ослободено од комуналии, градежните компании кои ги консултираше СКУП-Македонија се подготвени да изградат станови по цена од 300 до 450 евра по квадрат или за стан од 100 квадрати околу 40.000 до 50.000 евра. За 85 стана државата ќе треба да издвои од 3 до 4 милиони евра.

 

Од европско решение до криминален модел

 

Петковски смета дека таа формула за пресметување на патните трошоци се граничи со криминал.

“Многу пратеници со цел да заработат што повеќе се подготвени да вршат и криминал со тие трошоци“, вели Петковски. „Јас бев претседател на Собранието од 1996 до 1998 година, и донесовме одлука да се купуваат станови за службен престој. Сите пратеници од тој период користеа службени станови. После смената на власта во 1998 година, кога ВМРО дојде на власт, некои ја злоупотребија оваа одлука и почнаа да си ги купуваат становите. Таа идеја беше налик на многу европски земји. ВМРО кога дојде на власт ја укина таа одлука, а на Тодор Петров и редица други како него им ги продадоа становите по евтини цени и таа работа се растури“.

Тој додава дека тој модел е многу поевтин од сегашниот.

На слична идеја е и пратеникот Павле Трајанов.

„Барав да има хотел за пратеници во Скопје, но не добив согласност и за тоа. Со ова, многу ќе се заштедеше и ефикасноста на Парламентот како институција ќе се зголемеше. Таков модел порано имаше во Западна Германија“, вели Трајанов.

Тој не беше согласен за идејата да им се даваат државни станови на пратениците, туку нивното сместување во Скопје да биде во некој комплекс, каде би имале хотелска соба за сместување и придружни простории како библиотека, менза, сала за состаноци и слично, каде пратениците непречено ќе се подготвуваат за собраниските седници.

 

 

Милошоски годинава без патни трошоци

antonio milososki

Потпретседателот на Собранието на РМ од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски изминатава година не наплатил ниту денар за користење на сопствено возило за службени потреби. Претходно тој наплати околу 7.000 евра по овој основ, иако според закон му следува службено возило и службен возач.

Меѓутоа на контото на Милошоски, годинава се легнати 1.600 евра за други трошоци и надоместоци. Го побаравме за изјава да ни објасни за што се овие трошоци, но одговор не добивме.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

Коментар(и)

lefkov@inbox7.mk