Денешна дата
21/09/2017

Министерски примања: Половина милион евра само за плати


 

ДОКУМЕНТАЦИЈА


 

Стотриесет и три илјади денари или нешто повеќе од 2000 евра е платата со која екс-премиерот Никола Груевски го напушти премиерското столче на Илинденска бб. Иако, ова не е највисоката сума споредено со другите функции во државата, што не ја прави исклучително ексклузивна, уникатно е тоа што единствено кај нас е вистински подвиг да се дојде до една ваква навидум обична информација која во соседните земји може да ја дознаете со два клика.

Секаде во регионов платите на министрите и воопшто функционерите се јавни информации кои можат да се најдат на сајтовите на тамошните Агенции за борба против корупцијата или комисиите за спречување конфликт на интереси. Тука, кај нас, нам ни беа потребни два месеци за да го докажуваме јавниот интерес пред институциите и преку жалби да дојдеме до основната информација-колку нé чинат министрите?

Највисока плата во доскорешната Влада на еск-премиерот Никола Груевски имал екс-министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, со бруто плата од 141.958 денари. По него следува екс-премиерот Груевски со 133.039 денари, кој има малку помала плата за разлика од онаа на шефот на државава, Ѓорѓе Иванов, кој секој месец зема 139.060 денари.

(плати во бруто износ)

Веднаш по Груевски, следува министерот за финансии, Зоран Ставрески, а по него вицепремиерот Владимир Пешевски, Зоран Јолевски, Михаил Цветков, како и вицепремиерот задолжен за евроинтеграциите, Фатмир Бесими. Со најмали примања во Владата е министерот без ресор, Горан Мицковски, кој за разлика од другите е скоро непознат за јавноста.

 

Два месеца чекање на информација за платите

 

Но, за да се дојде до овие бројки граѓаните треба да поминат низ вистинска голгота. Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија чекаше цели два месеци обидувајќи се да ги презентира на јавноста основните информации за личните примања на функционерите во извршната власт кои се платени од граѓаните.

Dokumenti za Zalba broj 3_Page_4

На нашите поставени прашања според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер за платата на сегашниот и поранешниот шеф на државава, како и за секој од актуелните министри во Владата, Службата за општи и заеднички работи ни одговори дека откривањето на нивните примања „би значело повреда на заштита на личните податоци“.

„Бараниот податок колку е бруто и нето платата на претседателот на Република Македонија, на поранешниот претседател и на секој од актуелните министри во Владата на Република Македонија, подразбира да се изврши увид и контрола во месечните исплатни листи за да се дојде до месечните износи (нето и бруто), што навлегува во приватноста и во личните податоци за секој од наведените функционери“, се вели во одговорот од Службата за општи и заеднички работи на нашето Барање поднесено според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

За загрозување на приватноста, во СОЗР гледаат и на нашето барање за трошоците за мобилната телефонија и за патните трошоци кои министрите заедно со актуелниот и поранешниот шеф на државата ги направиле во претходните пет години.

Според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Владата се наоѓа на листата на иматели на информации и според тоа нејзиното работење треба да е на увид на јавноста. Ова го укажуваат и експертите.

 

Експерти: Владата не смее да ги крие платите

 

slagana-taseva-intervju-za-top

„Платата на министрите и воопшто на носителите на јавни функции е јавна информација, односно е јавна работа. Тоа не треба да биде информација која ќе биде недостапна или тешко достапна за јавноста. Напротив, таа информација треба да биде објавена од самите институции, дали од Министерството за информатичко општество кое е задолжено за таа работа или Владата. Најдобро е централизирано да се објавуваат од страна на една институција се она што значи плата која се исплаќа од буџетот. Не треба тие информации да ги бараме дури ниту преку имотно-анктетните листови или пријави за имотната состојба кои се доставуваат до Државната комисија за спречување на корупцијата затоа што тоа се сосема други информации, кои опфаќат и други имоти, а не само платата“, вели претседателката на невладината „Транспаренси Интернешнл“ Македонија, Слаѓана Тасева. Според неа, треба да се знаат платите на сите кои се исплаќаат од буџетот, без разлика на професијата, како што е примерот со Англија и Норвешка.

Вакви примери има и во регионот. Во Косово, на пример, на сајтот на Државната комисија за спречување корупција (http://www.akk-ks.org/en/deklarimet) може да се провери платата на министрите која е изразена во евра. Увид во министерските плати има и на сајтот на српската Агенција за борба против корупција (http://www.acas.rs/pretraga-registra/), како и на сајтот на Хрватската Комисија за одлучување за судир на интереси (https://www.sukobinteresa.hr/).

Во Босна и Херцеговина министерските и воопшто функционерските плати не се достапни на интернет, туку се добиваат од Министерството за финансии на барање на новинарите и се доставуваат уште истиот ден кога е упатено барањето.

 

 

 

 

Министрите и шефот на државата со поголема плата од 2014

 

На тоа дека и министрите знаат да бидат дарежливи кон себе укажува податокот дека во октомври 2014 година, нивниот бод (коефициент) според кој им се одредува платата е зголемен за 4 отсто. За исто толкав процент истата година и месец е зголемена и платата на шефот на државата, Ѓорѓе Иванов.

Во изминатите пет години постојано има промени во платите на министрите и на шефот на државава, кои биле и намалени, а пред две години се зголемиле.

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

Оставете коментар

Коментар(и)