Денешна дата
17/12/2017

Реакција на пратеникот Крсто Мукоски на објавен текст на Инбокс7

Почитувани,

Во врска со вашиот натпис од 1 Mарт 2016 година под наслов “Државно земјиште поделено на функционери”  како лице спомнато во текстот би сакал да Ви предочам неколку факти и аргументи во врска со наведената тема со кои пред јавноста ќе ја предочиме вистината за целиот случај.

Во атарот на општина Вевчани има околу 60 хектари  државно земјоделско земјиште  од IV, V и VI категорија  кое што  пред повеќе од дваесетина години го користеше и обработуваше вевчанското претпријатие “ОГП Дримкол – Вевчани ”  во кое што работеa преку 1200 луѓе. За жал, после неуспешната транзиција, претпријатието пропадна, имотот се раскрчми и распродаде, а во целиот процес голем удел имаше лицето Митре Алулоски кој што на незаконски начин преку повеќе негови фирми се наметна како правен наследник на споменатото  претпријатие. Како имотот на “Дримкол” така и земјоделското земјиште ја доживува истата судбина, лицето Митре Алулоски на незаконски и нелегален начин преку класична узорпација (на диво) без никаков договор со Министерството за земјоделие почнува да го користи споменатото земјиште. На дел од земјиштето на околу 20 хектари  постојат лозови насади, додека на останатите 40 хектари немаше засадено никаква земјоделска култура. Ова фактичка ситуација опстојува до пред неколку години кога Министерството за земјоделие распиша оглас за запишување на земјоделско земјиште на кое што постојат повеќегодишни насади. И тогаш почнува целата приказна. Посоченото лице М.А. преку повеќе фирми заведени на име негови деца, роднини и пријатели лажно се претставува како корисник на земјиштето и лажно пријавува дека на истото постојат повеќегодишни насади. Истиот аплицира до Министерството за земјоделие за запишување на целиот имот од 60 хектари  на негово име. Првично, од Министерството за земјоделие е подготвен Договор за запишување на земјоделското земјиште, но по направената конторола од страна на Инспекторатот за земјоделие, утврдено е дека на преку 40 хектари  не постојат никакви повеќе годишни насади со што  Договор не е потпишан и истиот е беспредметен, а против лицето М.А. е поднесена соодветна кривична постапка за узурпација на земјоделско земјиште. После целата оваа постапка Министерството за земјоделие распишува нов оглас за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп на приватни и правни лица во атарот на општина Вевчани и на дел од општина Струга каде што во минатото “ОГП Дримкол” бил  корисник на истото, при што во самиот оглас е наведено дека предност имаат локалните фирми и приватни лица. Целото земјиште е поделено на неколку блокови од 5  до 10 хектари земјиште и истото е огласено од страна на Министерството за земјоделие. Додека трае целиот овој процес споменатото лице М.А. продолжува со нелегално користење на истото земјиште, преку  засадување на лешникови насади, поставување на систем капка по капка и незаконско давање на подзакуп на трети лица да го засадуваат и обработуваат земјиштето со земјоделски култури.  На објавениот оглас од Министерството се пријавуваат повеќе фирми и приватни лица од Вевчани и околината и по спроведената јавна постапка три фирми од Вевчани и две фирми со седиште надвор од Вевчани добиваат дел од земјиштето кое беше лицитирано. Правните субјекти (“ВИА Винарија”, “АТРИУМ” и “АГРО Лашко”) кои што  добија дел од земјиштето во атарот на Општина Вевчани беа повикани во Министерството за земјоделие за да потпишат Договори за користење на земјоделското земјиште, но никогаш земјиштето не беше ставено во нивно владение бидејќи споменатото лице М.А. покренува судски спор против ресорното министерство.

Денес ситуацијата е иста, субјектите кои што го добиле земјиштето на јавниот оглас на секои три месеци плаќаат  гаранции, но сеуште не се воведени во владение и неможат да го користат земјиштето.

За жал, имотот на “ОГП Дримкол” којшто покрај земјоделското земјиште поседуваше и многу значајни објекти во Вевчани, како и низ целата територија на Р. Македонија, па дури и во Р. Србија ( деловни простории и магацини), бетонска база, циглана и рудник за јаглен  во изминатите години во поголемиот дел беа на сомнителен начин превземани и продавани токму од фирмите на споменатото лице М.А. коишто се јавуваат како правни наследници на споменатот претпријатието.

За какво лице станува збор доволно е да се провери казнената евиденција на споменатиот М.А.( доказ одлука за помилување на осудени лица) .

pomiluvanje

Вевчани и неговите граѓани се уште очекуваат дека надлежните органи ќе поведат истрага за случајот ” ОГП Дримкол – Вевчани ” , а започнатите судски процеси во врска со земјоделското земјиште ќе добијат правна разрешница со што конечно  правдата и вистината  ќе бидат задоволени.

На крајот сакам да истакнам дека се обидов фактогравски да го објаснам целиот случај за темата земјоделско државно земјиште во Општина Вевчани која што беше експлотирана во изминатиот период од повеќе медиуми и би сакал да истакнам дека во врска со оваа тема нема повеќе да се јавувам со дополнителни коментари во јавноста.

 

 

Со почит,

ПРАТЕНИК

Крсто Мукоски

Оставете коментар

Коментар(и)