Денешна дата
02/04/2020

Бизнис и политика во медиумите: Можни ли се реформи?

Кај повеќето водечки медиуми во државава како сопственици или ко-сопственици се јавуваат компании од земјите кои се познати како „даночен рај“ или „оф-шор“, како што се Белизе, Виргин Исландс, Сант Кент анд Невис, Дејлваре или Холандски Антили


ДОКУМЕНТАЦИЈА


 

 

Кога во пролетта на 1996-та излезе првиот број на независниот дневен весник “Дневник”, тогашната власт беше свесна дека доаѓа времето на медиуми кои нема да може да ги контролира. “Дневник” а потоа и приватната телевизија „А1“ набргу станаа влијателни медиуми, превземајќи ја моќта за креирање на јавното мислење од тогашните медиуми кои беа во државна сопственост – весниците “Нова Македонија”, “Вечер”, “Флака” и Македонската Радио-телевизија (МРТВ).

Засилувањето на позицијата на приватните-независни медиуми ги однесе во целосен банкрот медиумите кои неколку децении наназад беа формирани и контролирани од државата. Поради тоа, државата реши да ги продаде весниците кои беа во нејзина сопственост, додека МРТВ да ја трансформира од државен во јавен сервис.

Без темелни промени во политичкиот систем, малку нешто може да се промени во сферата на медиумите. Предлозите на посредникот Ванхоуте се издржани и даваат надеж за темелни реформи на медиумскиот систем во Македонија, сметаат експертите

По 20-години од тој момент, во Македонија има над 100 приватни медиуми, но повеќето се во директна или индиректна врска со политиката.

Економските и политичките центри на моќ, поради нивниот интерес за креирање на јавното мислење, скоро ја вратија сликата од пред 1996 кога државата ги финансираше и ги имаше под целосна контрола медиумите.

Реформата на медиумската сфера стана главна пречка за финализирање на Договорот од Пржино, со кој Македонија се обидува да и стави крај на едногодишната политичка криза предизвикана од објавувањето на прислушкувани разговори од страна на опозицијата.

trpevska snezana

„ Без темелни промени во политичкиот систем, малку нешто може да се промени во сферата на медиумите“, вели Снежана Трпевска од Институтот за комуникациски студии.

На преговарачката маса каде беа присутни претставници на четирите најрелеватни политички партии, со посредство на холандскиот дипломат Питер Ванхоуте, беа ставени неколку предлози. Решенијата кои ги нудеа власта и опозицијата се скоро во целост спротивставени.

„ Во последните години ние сме сведоци на постојана тенденција на партиска колонизација на сите сфери, односно системот постепено се движи кон авторитарен режим.  Фридом Хаус нé категоризира во т.н. хибридни резими, кои се наоѓаат меѓу демократија и авторитарен резим. Гледаме како оваа власт ги окупирала сите демократски институции, вклучувајќи ги и медиумите кои се нејзино главно средство за манипулација, извртување на вистината, индоктринација и пропаганда“, смета професорката Трпевска.

Реформа на регулаторните тела за да бидат сочинети од непартиски и независни експерти, регулирање на финасирањето на МРТВ за да се обезбеди нејзината независност, регулирање на начинот на поделба на владините реклами, на порталите и казните за новинарите, се главните точки за кои се водат преговорите.

 

НЕТРАНСПАРЕНТНА СОПСТВЕНИЧКА СТРУКТУРА

 

Додека се чека на реформите, еве каква е сопственичката структура во медиумите. Истражувањето на СКУП покажа дека повеќето од највлијателните медиуми во Македонија имаат нетранспарентна сопственичка структура. Споредено со состојбата од 2013 година, кога СКУП, исто така, ги истражуваше медиумите, сликата е скоро непроменета.

(текстот продолжува по графиката…)

Кај повеќето водечки медиуми во државава како сопственици или ко-сопственици се јавуваат компании од земјите кои се познати како „даночен рај“ или „оф-шоре“, како што се Белизе, Виргин Исландс, Сант Кент анд Невис, Дејлваре или Холандски Антили. Овие земји гарантираат дискретност на информациите, при што е тешко да се утврди кој е нивниот вистинскиот сопственик.

“Прва Република ДОЕЛ“ е компанијата која ги издава неделникот Република и порталот со истото име за сопственик ја има “Иресине Лимитед“ од Белизе.

Седиштето, пак, на компанијата „Репро оне лимитед“, која индиректно е сопственик на дневниот весник „Нова Македонија“ води до Британските Девствени Острови, каде е регистрирана. Оваа компанија е евидентирана во тамошните институции од 25 октомври 1999 година, додека во Македонија се јавува како основач на компанијата регистрирана во Скопје под името „Нова принт ДООЕЛ“, која пак е сопственик на „Ник Нова Принт ДООЕЛ“, која е издавач на весникот „Нова Македонија“.

Фирмата со ист матичен број како и „Репро Оне Лимитед“, регистрирана исто на Британските Девствени острови, но со слично име „ Репро Оне Лимитед АД Тортола“, се јавува како еден од сопствениците и на неделникот „Капитал“, преку фирма која во Скопје е регистрирана како „Капитал медиа гроуп доо“.

Според Централниот депотизар на хартии од вредност, фирмата „Репро Оне Лимитед“ се појавува како акционер во повеќе фирми. Па така, оваа фирма има 97, 23 % од акциите во Друштво за проектирање производство и монтажа на челична конструкција и опрема и услуги Увоз-Извоз Факом АД, потоа поседува 76, 49 % од акциите во Рудници и Железарница „Институт“ акционерско друштво Скопје, како и 80,96 % од акциите во Рудници и Железарница КПОР АД за кадровски, правни и други неспоменати деловни услуги, а поседува и 22,21 % од акциите во градежната фирма „Бетон“ Скопје, добитник на повеќе тендери во рамките на проектот „Скопје 2014“.

Според Централниот депозитар, до 1 јануари 2009 „Репро оне лимитед“ се појавува како акционер и во „Макстил“ со 19.38 проценти, фирма поврзана со бизнисменот Минчо Јорданов, каде тој е неизвршен член на Одборот на директори. Од 2009, наместо оваа компанија како акционер во „Макстил“ стои „Минјорк оверсис инц“, додека во најновата состојба може да се видат две фирми како акционери: Дуферко СКОП Инвестмент Лимитед и Дуферко СКОП ЛТД.

Според Википедиа, Јорданов од 1992 година е ангажиран во „Дуферко“ СА од Лугано.

Инаку, според Форбс тој е прогласен за еден од најбогатите луѓе во регионот. Заедно со Љупчо Зиков, еден од сопствениците на „Капитал“ преку фирмата „Камбурис и Барба“, членуваат заедно во Здружението Алијанса за позитивна Македонија, каде, исто така, членува и Владо Бучковски.

Сопственичката структура на Тв „Алфа“ е поврзана со Холандските Антили. Сопственик на телевизијата е компанијата „Алфа скоп доо“ од Скопје која, според документите од Централниот регистар, има иста адреса со самата телевизија. Ова фирма, пак, има четири сопственици: Макошпед АД Скопје, Технометал Вардар, Ад Европа и „ЦХС Инвест Гроуп“, која има мнозински капитал во фирмата. Од 25 март 2013 година, во Службениот весник на Република Србија, стои дека компанијата „Комтраде холдинг Н.В.-Куракао“ од Холандските Антили е стопроцентен сопственик на компанијата „ЦХС ДОО“ од Белград, која е основач на истоимената компанија во Македонија.

AprDoc(slika)

Како сопственик на „Комтраде“ се јавува српскиот тајкун Веселин Јевросимовиќ, кој преку македонската компанија „ЦТ компутерс МК“ го доби проектот „Компјутер за секое дете“.    

 

Кон крајот на 2012 година, македонските медиуми известија дека Јевросимовиќ станал газда на ТВ Алфа, каде го купил мнозинскиот удел. По ова, Советот за радиодифузија најави дека ќе ја испита новата сопственичка структура на телевизијата, но подоцна не откри концентрација. Објаснувањето кое тогаш му беше дадено на СКУП е дека „Јевросимовиќ доставил изјава заверена во Прв Основен суд во Белград дека не ги прекршува одредбите од Глава III од ЗРД и дека не се создава недозволена медиумска концентрација“.

Инаку, како управител на фирмата Алфа Скоп ДОО која е еден од сопствениците на ТВ Алфа се јавува Симонида Кажиќ, која е управител на „ЦХС Инвест Груп ДООЕЛ Скопје“, чиј сопственик „ЦХС ДОО во Белград е регистриран на истата адреса Савски Насип бр. 7 во Белград како и „Интернет Гроуп ДОО“ од Белград, сопственик на „Интернет Груп Инвестмент ДООЕЛ“ од Скопје, која се јавува како еден од сопствениците на „Графички Центар“, издавач на „Вест“, „Дневник“ и „Утрински весник“.

Кој стои зад фирмата Финзи ДОО, која е регистирана во САД, а е сопственик на агенцијата „Нетпрес“, исто така, не може да се открие.

 

Промени во медиумите: старо-нови сопственици?

 

Во медиумите проструи веста дека долгогодишниот извршен директор на групацијата МПМ, чиј сопственик е „Графички центар“, кој ги издава најголемите весници „Вест“, „Дневник“ и „Утрински“, Срѓан Керим се пензионира од оваа функција. Но, иако се кандидира за генерален секретар на ООН, сепак тој не се откажал од сопственоста во весниците. Според документите од Централниот регистар, неговата фирма „Мирекс Плус Дооел“ се уште има ист удел во сопственичката структура на „Графички центар“, исто како и „Орка Холдинг“ и „Интернет Груп Инвестмент Дооел“. Со таа разлика што сега, споредено со 2013 година ја нема веќе фирмата „МОНТ ДОО“, која пред три години се јави како сопственик на „Орка Холдинг“ и обратно. Сега, во графата Сопственици кај „Орка Холдинг“ стои дека направените промени се регистрираат во Централниот депозитар за хартии од вредност. А таму, не ги објавуваат сите акционери во акционерските друштва доколку нивните акции не котираат на берза. Единствено стои дека овластено лице е Јордан Камчев.

“Орка холдинг” се јавува како основач и акционер на неколку компании и фондации, меѓу кои: “Бетон Штип”, “Даун Таун”, “Пенинсула”, “Пелагонија-Полог”, “Ацибаден Систна Медикал Компани”, “Архи ДОО”, “Бет Ком Трејдинг”, “Фондација Илија Камцев”, “Ибис Хотел Скопје”, “О.К. Хотел Скопје” и други. Во некои од овие фирми се појавува фирмата “Ексико ДООЕЛ”, регистрирана во Македонија. Нејзин основач е Т & МЈ ИНВЕСТМЕНТ СА, со седиште во Лугано, Швајцарија. Од документите кои ги добивме од бизнис-регистрите на Швајцарија(да се приложи документ), како сопственик фигурираат сто акционери кои поседуваат по еден процент. На документот се гледа честото менување на членовите со право на потпис, од кои тројца биле и претседатели на компанијата.

Кај ТВ „Алсат“ ја нема веќе американската „Интернатионал Енерги Енгинеринг & Петролеум Консталтинг“, туку останува само Веве груп.

Промени има и во сопственичката структура на агенцијата “Макфакс“, која пред три години беше во сопственост на Сеавус груп со седиште во Холандија. Сега, наместо тоа, сопственици на Макфакс се Нова Медиа Гроуп Дооел, чиј, пак, сопственик е Игор Лештар, извршен директор во Сивус групацијата.

 

Нови телевизии-кој стои зад нив?

 

На пазарот изминатава година се појавија три нови телевизии-ТВ Нова, ТВ 21 и ТВ Шења. Но, најмногу прашина се крена околу појавувањето на ТВ Нова, која е во сопственост на бизнисменот Сеад Кочан, познат во јавноста по неговата фирма „Трансмет“, добитник на голем број тендери за градежни работи. Само во 2015 година фирмата на Кочан, „Трансмет“ има склучено договори за градежни работи со државни фирми во износ од 3,2 милиони евра.

Кочан се јавува и како сопственик во уште две други градежни фирми.

На медиумскиот пазар се појавија и уште две билингвални телевизии. Една од нив, ТВ 21, во сопственост на Компани 21 ДОО, регистрирана во Приштина, а зад која стои семејството Сарачини.

Зад новата ТВ Шења, пак, стои Друштво за трговија и услуги „Медиа Ворлд Њус ДООЕЛ Скопје, чиј сопственик е Фондацијата за култура и образование Култ Визиони. Таа, пак е во сопственост на Таџудин Шабани.

Според извештаите од невладините организации, приходите во радиодифузниот сектор во 2014 година од владините реклами изнесува околу 26 милиони евра, не сметајќи ги печатените медиуми. Експертите велат дека рекламите се една од најсилните алатки за контрола врз приватните медиуми.

НЕОПХОДНИ РЕФОРМИ

 

Во ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ цврсто опстојуваат во нивните предлози, новинарите најдоа сојузник кај посредникот Питер Ванхауте. Неговиот предлог е прифатлив и за експертите од областа на медиумите.

sefer

„ Во услови во кои се наоѓа медиумскиот систем, каде поголем дел од медиумите се дел од гебелсовата пропаганда на власта, кога новинарството во голем дел од медиумите е заменето со пропаганда, предлозите на посредникот Ванхоуте се издржани и даваат надеж за темелни реформи на медиумскиот систем во Македонија“, вели Сефер Тахири, универзитетски професор по комуникациски науки.

Тој смета дека е сосема на место предлогот на Ванхоуте за членовите на Агенцијата за медиуми да се избираат со јавен конкурс, со двотретинско мнозинство во Собранието. „Ова ја спречува можната мајоризација на опозицијата, но и го зајакнува гласот на јавното мислење во ова тело.

И дополнителниот услов кој ги обврзува кандидатите да земаат одобрение од Здружението на новинари и други медиумски организации, е рационален“.

Значителен придонес во хаосот кој е создаден во медиумскиот простор, и универзитетската професорка Трпевска го гледа кај Агенцијата за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

„Ова Агенција со закон е задолжена да ја следи сопственичата структура во аудиовизуелната област. За жал, ова досега само формално се врши, т.е. Агенцијата одобрува промени на сопственичката структура и тогаш кога има индикации дека зад лицето кое фигурира се крие некој политички субјект или друг моќник“, вели таа.

Поради ова, Трпевска е убедена дека реформата не е можна доколку претходно не се направи промена во самиот регулатор во смисла на негова департизација. „И повеќе од јасно е дека овој состав на регулаторното тело е партизиран и затоа и регулаторната политика и одлуките се такви какви сто се“.

Тахири го поддржува и предлогот на Ванхоуте МРТВ да се трансформира во јавен радиодифузен сервис, од причина што во моментот е „сервис на владините партии“.

“Регулација е потребна и во делот на владините реклами, со тоа што истите треба во целост да престанат од причина што претставуваат еден вид на корупција“, смета Тахири.

Конечната реформа на медиумскиот простор, според Трпевска, е многу комплексна операција заради тоа што е поврзано со сите теми сто се дебатираа во контекст на политичите преговори. „Прво, без темелни промени во политицкиот систем, малку нешто може да се промени во сферата на медиумите. Второ, откако ке се промени власта, треба да се зајакне независноста на медиумските институции – овде мислам на регулаторното тело и на јавниот сервис. Трето, на новинарската професија и е потребна автономија и нова професионална култура. Четврто, да продолжи развивањето на саморегулацијата – Советот за етика, кој одлично се етаблира и успешно ги прави своите чекори како бранител на јавноста и на граѓаните“.

 

ПРЕДЛОЗИ ЗА РЕФОРМИ ВО МЕДИУМСКАТА СФЕРА

 

СДСМ sdsm

 

  • Гарантирано буџетско финансирање на јавниот сервис
  • Реформи во Агенцијата за медиуми
  • Бесплатни владини реклами
  • Реконструкција на МТВ во наредните пет години
  • Намалување на даноците за медиуми од 18% на 5%
  • Казни согласно големината на медиумот

 

 

ВМРО-ДПМНЕvmro

 

  • Медиумскиот простор партиите да го делат пропорционално според резултатите од последните избори,
  • Јавниот радиодифузен сервис да продолжи да се финансира од буџетот и од радиодифузната такса
  • 100 дена пред изборите информативната програма да ја водат двајца уредници, еден до власта и еден од опозицијата
  • намалување на казните за медиумите што би било усогласено со Законот за прекршоци
  • сите медиуми да се регистрираат како трговски друштва вклучувајќи ги и порталите.

 

 

ПИТЕР ВАНХАУТЕpiter vanhojte

 

 

  • Членовите на советот на Агенцијата за медиуми да се бираат преку јавен повик и да ги бира Собранието со двотретинско мнозинство

  • Кандидатите за Агенцијата за медиуми да добијат поддршка од невладини организации, новинарските организации и образовни институции од сферата на медиумите

  • Директорот на Агенцијата за медиуми да има само извршна функција, а одлуките да ги носи Советот

  • Советот прво да опоменува, а како крајна мерка да се користат казни кои ќе зависат од големината на медиумот

  • МРТВ да има поголема независност со тоа што ќе се обезбедат средства во висина од 1 % од државниот буџет

  • Владата да може бесплатно да се рекламира на јавниот сервис и комерцијалните медиуми доколку се работи за кампањи од јавен интерес

(„Сторијата е поддржана од ЦИН СКУП Македонија во рамките на НЕД проектот “Подигнување на јавната свест против корупција преку истражувачко новинарство”.)

 

Во следното продолжение читајте: Kој се “клучните” играчи во медиумскиот бизнис