Денешна дата
20/11/2019

Партиските програми како (не)задолжителна литература

“Македонија” , ”граѓани”, “проекти”, “развој”, се неколку од најчесто споменуваните термини во партиските програми

Деновиве до рацете на речиси сите стигнаа партиските програми. Се делат насекаде, на митинзите, пазарчињата, во весници, по врати. Повеќето партии визијата за земјава ја нудат на десетици или пак стотици страници, но се поставува прашањето ги чита ли некој и за кого се наменети.

ВМРО-ДПМНЕ своите ветувања ги распосла во преку 2046 проекти на 380 страници. СДСМ пак програмата ја темели на основни пет столба, а ветувањата ги смести на околу 80 страници.

Анализата со помош на интернет-алатките кои ја пребројуваат фрекфенцијата на најчесто потребуваните зборови покажува дека ВМРО-ДПМНЕ во својата програма терминот “проекти” го споменува околу 400 пати, а “проект”  дури 2142 пати. Конкретно зборот “Македонија” се споменува повеќе од 600 пати , “граѓани” околу 250 пати, “развој” пак речиси 400 пати.

vmro programa

Нивниот политички опонент “Македонија” ја споменува околу 250 пати, но и терминот “граѓани” е доста застапен односно повеќе од сто пати. Меѓу почесто употребуваните термини се и “политика”, “производство”, “работа”, “развој”, “проекти”, “слобода”.

Но, покрај различните термини и честината на нивната употреба посериозна разлика меѓу програмите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ  има во начинот на кој се пишувани. Имено, владејачката партија не навлегува во поголема констатација или опис на состојбите,не дава многу свои вредносни судови, туку конкретно пишува за проекти кои и детално ги образложува. Опозиционерите пак поголемо внимание посветуваат на заклучоци за ситуацијата во која се наоѓа земјава. Па така во голем дел тие пишуваат за состојбата со демократија која како што наведуваат е влошена. Во оделно поглавје именувано како “Сакаме слобода” СДСМ  наведува неколку мерки што би ги преземале за како што тврдат да се подобри демократијата.

Притворот ќе се користи само кога е неопходен како превентивна мерка, а не како казна. Владата на СДСМ ќе иницира уставни измени и ќе побара поддршка за уставно ограничување на траењето на притворот”пишуваат опозиционерите.

Владејачката партија пак овој фаворизиран збор на опозицијата го споменува ретко и најчесто во контекст на безбедноста и економијата.sdsm programa

И понатаму ќе останеме доследни на нашата определба за поддршка на приватната иницијатива, безусловно почитување на економските слободи и на слободата на поединецот како креатор на својата благосостојба и напредокот во општеството”пишува ВМРО-ДПМНЕ.

Различна перцепција

И терминот “медиум“ опозицијата го користи далеку почесто од владејачката партија тврдејќи дека  во земјава се нарушени основните права и слободи на информирање. СДСМ ветува дека ако тие ја формирале идната влада ќе ги намалеле паричните казни од Законот за граѓанаска одговорност за клеветата и навреда.

 

Владејачката партија овој збор  го споменува доста помалку и само во контекст на ветувања дека ќе рекламираат одредени проекти во странски медиуми и домашни медиуми за популаризација на одредени теми.

Според политичкиот аналитичар Сашо Клековски сепак во основа во програмите на двете партии  доминираат доста заеднички содржини, а разликите произлегуваат од разликите во анализите на состојбите декларирани уште пред да бидат објавени програмите.

-СДСМ има критични позиции во однос на демократијата општо и во однос на слободата на медиумите како дел од неа. ВМРО ДПМНЕ пак ги избегуваат подрачјата каде што почесто се критикувани и се фокусираат на областите во кои се чувствуваат силни како што е економијата, проектите, вработувањата– вели Клековски.saso klekovski

Сепак во она што го ветуваат партиите има и сличности.Аналитичарите што ги консултиравме се согласни дека една од тие заеднички работи е ставот на двете партии во однос на спорот за разликите за името. Иако преставници на двете партии не престануваат со усни обвинувања за ова прашање, работите на хартија изгледаат многу појасни.

-Надвор од дневната политика имам впечаток дека има општ консензус и заради тоа во програмите ова прашање не се третира премногу туку повеќе тоа се адресира во црните кампањи-вели Клековски.

Партијата на Груевски пишува дека се подготвени да го продолжат грчко-македонскиот политички дијалог, врз основа на веќе утврдената стратегија и принципи.

“ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот, со цел промена на уставното име на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот народ и македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик и култура” пишува во програмата именувана Проверено.

Понатаму тие тврдат дека нема да дозволаткое било решение за спорот да биде прифатено без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а при тоа мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на референдумот да се согласни со можното решение.

Исти за името

И СДСМ од предвремените парламентарни избори што се одржаа во 2011 година има идентичен став околу изјаснувањето на граѓаните за евентуалното решение.

 

 

ismet ramadani

Имам впечаток дека партиите пооскудно го споменуваат проблемот за името бидејќи тие всушност повторно одлуката ќе им ја префрлат на граѓаните, но сепак не треба да заборават дека и да се оди на референдум на крајот и тие мора да го искажаат својот став– вели аналитичарот Исмет Рамадани.

 

 

СДСМ велат дека нема да дозволат на меѓународен план на кој било граѓанин на Република Македонија да му се оспорува неговата етничка, културна, јазична, религиозна, полова или друга определба.

Поаѓајќи од Уставот на Република Македонија, за прашањата од највисок државен и национален интерес, идната влада на СДСМ активно ќе гради консензус на сите релевантни чинители во државата. Таа реално ќе се ангажира за надминување на наметнатиот спор од страна на Грција, но нема да прифати никаков разговор за идентитетски прашања. За можните решенија остануваме на определбата за референдумско изјаснување на граѓаните”пишува во програмата на СДСМ

Чуму толкави програми?

Обемните партиски програми станаа тренд во последните изборни циклуси. Трендот го почна ВМРО-ДПМНЕ во изборниот циклус во 2006 година. Тогаш ја престави исто така обемната програма именувана како “Преродба”, во 2008 година на граѓаните им ја понудија “Преродбата наградена и проширена”, во 2011 го преставија “Манифестот за развој и реформи” а сега ја подготвија програмата наречена “Проверено”.

Во изминатиов период тие постојано јавно ја обвинуваа опозицијата дека нема програма, или дека таа е несериозно подготвена. Во еден изборен циклус  и преку сатирична кампања се обидуваа да покажат дека програмата на опозицијата не е вредна. СДСМ последниве години тргна по стапките на политичките противници и почна да нуди подетални програми, а слично се однесуваат и партиите на Албанците.

Аналитичарите со кои раговаравме  се на ставот дека ваквиот тренд на обемни партиски програми всушност и не наидува на големо воодушевување кај граѓаните бидејќи ретко кој ги чита.

-Затоа всушност партиите подоцна во рекламните кампањи вадат конкретни работи од програмите кои ги таргетираат групите за кои се наменети–  Клековски.

Рамадани пак забележува дека ваквиот тип на обраќања до граѓаните е непотребен.

od programa na SDSM

Мислам дека партиите особено владејачката премногу мафтаат со напишаните програми. Но имам впечаток дека граѓаните очекуваат нешто поедноставно и поостварливо. Впрочем од набројувањето на толку многу проекти граѓаните се заморуваат. Според мене нема потреба од толку обемни програми– вели Рамадани.

Сепак тие и натаму се делат по куќи, се оставаат во поштенски сандачиња, ги има на интернет порталите, достапни се речиси секаде.  Сандачето за стара хартија во една зграда во центарот на Скопје беше речиси исполнето со фрлени партиски програми. Но тоа не ги расколебува партиите за секои следни избори да нудат се повеќе  зборови, реченици и страници.

Уредник: Тамара Чаусидис

dimeska@inbox7.mk