Денешна дата
24/10/2017

Македонија најскапа во Европа за добивање документи

Македонија е на прво место по трошоците за добивање на дата базата на сите фирми во земјава. Ова го покажа двегодишното истражување “Не е твоја работа“ на невладината организација „Аксес Инфо Еуроп“ и на Проектот за организиран криминал и корупција, кој беше објавен деновиве, а во кое учествуваше и Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија.

Од вкупно 32 земји во Европа, во најголем број земји (24) за да се добие дата-базата на целиот регистар на компании за тоа мора да се плати. Трошоците за целиот регистар на компании се движи од 75000 евра во Холандија, 286.000 евра во Естонија па се до 380.355 евра во Македонија, каде трошоците според истражувањето се и најголеми.

Бесплатна дата-база за сите компании може да се симне од Данскиот регистар, но за тоа потребно е да имате дански лични документи, што значи дата-базата е недостапна за нерезиденти. Дата-базата е бесплатна и во Обединетото Кралство.

Сепак, Во 19 земји е можно да се добие поединечен податок за секоја фирма, а трошоците се движат од 0.03 евра во Холандија се до 767 евра во Русија. Додека пак во шест земји е можно тие податоци да се бараат на интернет, но само ако се знаат податоци за фирмите или сопствениците.

СКУП-Македонија во 2013 година користејќи го правото за слободен пристап до информации од јавен карактер побара од Централниот Регистар на РМ да ни достави информација за тоа колкав е бројот на фирмите за кои тие како институција водат евиденција. Нашето барање беше одбиено со образложение дека со тоа се „загрозуваат комерцијалните интереси“. Од нас беше побарано да платиме за целата база на регистри на фирми ако сакаме да ги добиеме. Потоа, барањето го упативме и до Управата за јавни приходи од каде добивме информација дека тие водат евиденција (во тоа време) за вкупно 76.707 фирми кои се даночни обврзници.

Според наодите во истражувањето, немањето пристап до регистрите на фирмите е една од пречките со кои се соочуваат новинарите кои ја истражуваат корупцијата и организираниот криминал.

Оставете коментар

Коментар(и)