Денешна дата
21/09/2017

Сточарите безпомошни: државата дозволи масакар врз кравите

Вознемирени се од појавата на болеста „Јазлеста кожа“, сточарите од Источна Македонија се молат нивните крави да останаат здрави. Од овие животни зависи и нивната екзистенција. Гневни се на институциите, за кои велат дека не реагирале навреме со обезбедување на потребните вакцини. Резултатот е страшен – животни им умираат секој ден.

Хаос, страв и паника владее кај сите сточари, кои екипата на СКУП ги сретна во неколку предели од Источна Македонија.

Во Пробиштип го сретнавме сточарот Васе во моментот кога се подготвуваше да ги затрупа угинатите животни. Низ солзи ја раскажа неговата приказна.

Додека слегувавме од ранчот на Васе, две возила марка „Југо“ со ветеринарни доктори се упатија кон стадото на Васе. Не за да ги вакцинираат говедата туку да му ги убијат, бидејќи е предоцна за вакцина. Ги замоливме да ни дадат изјава, но тие упорно избегнуваа да дадат било каков одговор.

Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство на 10 мај изјавуваа дека Македонија била единствена земја во регионот која ќе вршела целосна вакцинација, но сточарите потврдуваат дека никој досега не дошол да вакцинира кај нив.

 

Но Боре Петров, сточар од Злетово, вели дека ваквиот однос на Агенцијата за храна и ветеринарство е неодговорен и понижувачки.

Bore Petrov

„Оваа е масакар кој ни го прави државата. Наместо да набават вакцини, тие не оставаат да умираме. Умира стоката умираме и ние“, вели тој.

Гневен на институциите кои не реагираа навреме, Петров не верува во нивното образложение дека немало пари за вакцини. „Пред некој ден се полнеа автобуси да одат на митинзи да го бранат Владимир Талевски или Никола Груевски од затвор. За нив има пари да одат за Скопје и да ги бранат, а за да набават вакцини немаат пари“, вели тој.

Петров има 30-тина крави и досега болеста Јазлеста кожа му однесе едно говедо. Но, тој постојано живее под страв дека болеста може да му го однесе и целото стадо.

 

ПЦОВИСАНИ КРАВИ СЕ РАСПАЃААТ НА ОТВОРЕНО

 

Иако болеста е детектирана во месец април ова година, дури на 27 јуни пристигнаа потребните 250.000 вакцини против оваа болест. Ова доцнење ги чинеше сточарите стотици погинати крави, повеќето од кои се распаѓаат на отворено.

 

This slideshow requires JavaScript.

 

„Секој ден одам во Ветеринарната станица, но постојано ме лажат, де утре ќе биде, де друг ден. А стоката ми умира секој ден“, вели Сали од Штипско.

Побаравме изјава од директорот на Агенцијата за храна и ветерина, Зоран Поповски, но тој одби да одговори на нашите прашања.

Додека нас не одби, во меѓуврене за телевизија „Сител“ изјави дека во светот има само еден производител на вакцини за „Јазлеста кожа“, и дека сега скоро се појавил и втор производител.

Поповски изјави дека во Македонија болеста е регистрирана 5 дена после Бугарија, каде првиот случај е откриен на 13 април 2016 година.

Но, официјалните податоци велат дека Бугарија уште пред еден месец набави околу 700.000 вакцини, додека кај нас податоци за тоа колку говеда се вакцинирани нема.

Д-р Георги Чобанов, експерт вработен во Бугарската Агенција за безбедност на храната, два месеци пред изјавата на Поповски, посочи дека во светот постојат тројца производители на вакцини за јазлеста кожа. Вакцината таму чини 3 лева (90 денари) за теле и 5 лева (150 денари) за крава.

Експертот од истата Агенција, д-р Цветко Александров, вели дека минатата есен ветеринарни лекари од нашиот источен сосед беа испраќани во Изреал и во Турција за да се здобијат со искуства, како да се справат со болеста Јазлеста кожа.

Како превентивна мерка, Бугарија започна да ги вакцинира здравите животни уште пред еден месец. Кај нас иако болеста жари и пали во Источна Македонија, но Агенцијата за храна и ветеринарство доцнеше со вакцини, со што придонесе а говедата умираат по планините и да се распламтува болеста.

Ветеринарите велат дека државата требало да ја набави вакцината пред 6 месеци, а не сега.

 

ИНСПЕКТОРКА ЗАПАЛИЛА КРАВА СО ГУМИ ВРЗ ВОДОВОДОТ ВО ЗЛЕТОВО

 

„Ветеринарна инспекторка од Кратово и снаа на познат кратовски политичар, присуствувала на палење на на заболена крава на 150 метри од првите куќи во Злетово“, вели Боре Петров од Злетово. Останатите жители на Злетово потврдуваат дека е неподносливо да се живее во првите куќи од населбата.

 

 

Но ова не е врв на неодговорноста, непрофесионалноста и вандализмот што го прави ветеринарната инспекторка врз жителите на Злетово. Таа дозволила кравата да се запали со гуми, а ја палеле врз цевките што носат вода за населбата Злетово. 

Ова е надвор од сите правила и прописи за постапување на ветеринарните инспектори, вели ветеринарен доктор кој не смееше да зборува јавно.

Нештетното отстранување на специфичниот ризичен материјал треба да се врши со негово отстранување во посебни за таа намена јами гробници или со закопување на претходно одредени места за таа намена. Условите за транспорт и отстранување треба да се во согласност со прописите за нуспроизводи од животинско потекло“, е наведено во член 7 од правилникот за посебни технички услови за постапување и нештетно отстранување на специфичен ризичен материјал, донесен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Се обидовме да поразговараме со именуваната инспекторка, но таа не сакаше да ни каже зошто ја запалила кравата врз водоводот во Злетово. За изјава не упати на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Видно вознемирен, притисок врз нас вршеше и сточар од Злетово, кој учествувал во палењето на кравата. Тој не дозволуваше на наш соговорник да биде дел од оваа репортажа и му се закануваше по телефон.

 

И ВАКЦИНИ ПО ПАРТИСКА ЛИНИЈА!?

 

Мала доза на вакцини се појавила во Агенцијата за храна и ветерина што направи вистински хаос на теренот.

Во Пробиштип официјално вакцинација имало само на околу 300 говеда од 2.000 колку што се регистрирани.

„Во Пробиштип има 3 ветеринарни амбуланти. Две се блиски до владејачката партија и тие добија по 120 вакцини, додека третата ветеринарна станица која има најмногу говеда, за нејзе имало само 80 вакцини“, вели Боре Петров.

Тој вакцина чека веќе 3 месеци, но вакцина за Боре нема.

Хаосот во вакцинирањето што го направи Агенцијата за храна и ветеринарство резултираше со опасност од заразување на над 20.000 крави во земјава.

„Ова е масакар врз стоката и врз луѓето што живеат во селата. Не знам ниту една држава во светот што се однесува вака кон сопствените граѓани. Болеста во Турција се појави може пред една година, ама Турција е спремна држава и за неколку месеци ја извакцинира целата стока, кај нас е хаос“, вели Мехмед Емел од Плачковичко.

Тој додава дека негов братучед донел неколку дози од Турција и си ја спасил стоката. Вакцина добил и негов комшија од Лакавичкиот регион, но тој бил член на владејачката партија, па така му дале некоја вакцина, вели Емел.

(продолжува)

„Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.

civica_mobilitas_logo

„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.

Оставете коментар

Коментар(и)

lefkov@inbox7.mk