Денешна дата
24/10/2017

СПУКМ ги „испукаа“ парите: Се плаќале паушали за непостоечки функции

Милионски суми на сметката на СПУКМ, уште повеќе неправедности на сметката на студентите. Вака изгледа финансискиот извештај на Студентскиот парламент на Универзитетот „Cв.Кирил и Методиј“ за 2014/2015 година.
Избран во октомври 2012 година, со истечен мандат по две години, и до скоро на дискутабилна функција, ВД претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски, располагал со близу три милиони денари, а за дел од нив, никој не знае за што биле наменети и како биле трошени.

Од извештајот за работата на СПУКМ за 2014/2015 година се забележува дека најголем дел од парите биле наменети за надоместоци за раководството, односно, цели 132 илјади денари биле одвоени за платата на претседателот со истечен мандат. Дел од трошоците оделе за високите месечни телефонски сметки. Така, дури 67.000 денари, биле потрошени за една телефонска сметка. Исто така, за еден месец, биле исплаќани и паушали  за непостоечки функции, како што е заменик претседателот, функција, која што е не е евидентирана ниту во Статутот на парламентот.

 

Образложение за извештајот, од претставниците на претходната владеjачка гарнитура на СПУКМ, по сите напори, сепак не добивме. СКУП се обиде да го контактира поранешниот претседател Спироски, за кој беше јавно објавено дека работи во ЕЛЕМ, но оттаму негираа дека такво лице работи кај нив. Меѓутоа, неодамна, во изјава за Младинскиот образовен форум, поранешниот претседател на студентската организација во одбрана на организацијата, посочи дека се манипулира со бројките и дека финансиските извештаи се усвоени според прописите на универзитетот.

 

Финансирање на студентскиот парламент

 

Според Член 13 од Статутот на СПУКМ, парламентот се финансира од донации, државниот буџет, провизија од други органи и „на друг начин утврден со Статут и Правилник“.

clen-13

Истиот начин на финансирање важел и во мандатниот период 2007-2009 година, меѓутоа резултатите од реализацијата на средствата биле поцелисходни од сегашните. Тогашниот претседател, Самоил Малчески, најодговорно тврди дека средствата биле трошени строго наменски и согласно одобрените проекти и грантови:

„Во мандатниот период 2007-2009 година СПУКМ се финансираше од проекти и од грантови за институционална поддршка на организации. Средствата беа трошени строго наменски и согласно одобрените проекти и грантови. Ако ме прашувате дали  СПУКМ наплаќало чланарина, најодговорно ви тврдам дека во ниеден момент во периодот 2007-2009 година не било наплаќана членарина од студентите.“

Што се однесува до користењето на средства од фондот ИКСА (информатички, културни и спортски активности), Малчески вели дека истите ги користеле согласно доставените и одобрени проекти од надлежните комисии при УКИМ
Информатички, културни и спортски активности –платени, а недостапни
На сметката на СПУКМ легнуваат и 20 проценти од добропознатата ИКСА – информатички, културни и спортски активности, која студентите ја плаќаат на почетокот на секоја академска година, а не се обврзани за истата според Законот за здруженија и фондации. Односно во точка пет, член 19 од законот:

Член 19
(1) Членувањето во здружението е доброволно.


Овој закон важи бидејќи СПУКМ, во својот статут од 2009-та година се дефинирани како здружение. Односнo, според член 1 од статутот:

Член1:
Студентскиот Парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје е здружение на граѓани, формирано со слободно здружување независно од нивната национална, верска, полова припадност и заради остварување и вршење на активности со цел застапување на заеднички интереси пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Студентскиот интеруниверзитетски парламент и органите на Република Македонија, јавноста и јавното мислење.

Студентите се здружуваат во Студетскиот Парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје заради остварување на поширок општествен интерес.

 

Така, според член 1 од правилникот на УКИМ, на сметката на СПУКМ легнуваат до 20% од ИКСА односно:

 

За неуспешната распределба на овие средства зборува незадоволноста на студентите коишто се неморално обврзани да плаќаат за истата.

tamara-jovanovska

„Во моето тригодишно студирање на Правниот факултет досега никогаш не сум имала никаква корист од парите што секоја година ги уплаќаме за ИКСА. Јас, како и најголем дел од студентите на УКИМ, не сум информирана каде навистина одат овие пари, меѓутоа и покрај мојот обид да запишам семестар без уплатницата за ИКСА бев вратена без образложение зошто истата задолжително мора да се плати. Можеби 750 денари годишно не изгледаат како голема сума, меѓутоа доколку размислиме дека всушност огромна бројка на студенти го плаќаат ова секоја година, ќе дојдеме до заклучок дека Универзитетот се богати со студентски пари за кои не дава ништо за возврат. Се додека постои злоупотреба на нашите пари сметам дека не треба да се плаќа ИКСА, меѓутоа на студентите им се потребни ваков вид на активности, па доколку во иднина се реши овој проблем, не би имала никаков проблем да плаќам за истите, се додека знам каде одат моите пари и дека не завршуваат во туѓ џеб.“- вели Тамара Јовановска, студент по новинарство, Правен факултет ,,Јустинијан Први” во Скопје

 

Приходите на организацијата се намалуваат, платите на студентските функционери се зголемуваат

Билансот на состојбата на студентскиот стандард во Македонија пак, укажува дека поради помалиот прилив на студенти приходите се намалуваат, а истовремено платите и хонорарите на студентското раководство се зголемуваат. Ова го потврдува извештајот за билансот на успех на оваа студентска организација депониран во Централниот регистар:

finansiski-rezultatipodatoci-za-vrabotenite
 

Нема контрола на финансиското работење

 

Потребата од целисходно регулирање на финансиските средства на оваа организација е повеќе од алармантна, неопходни се механизми коишто ќе ја овозможат разумната економска распределба на средствата.

Еден од механизмите како би се спровело тоа е СПУКМ да стане тело при УКИМ, при што Универзитетот ќе има увид во трошењето на финансиите и ќе се поставува како заштитник на студентите во однос на парите на самите студенти, вели Ѓорѓи Рајчиноски, студент при Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје:

gjorgji-rajcinoski

„Со досегашната поставеност на СПУКМ како невладина организација со ексклузивитет да ги претставува сите студенти во рамките на управувачките тела на Универзитетот и факултетите, нема никаква контрола како од студентите, така и од УКИМ. Проблемот со финансиите извира од друг проблем, тоа е легитимноста на студентските претставници. Иако уште во 2014 година требаше да има студентски избори, тие се случија во 2016 во потполно незаконска процедура и во нефер и недемократска атмосфера со сите можни изборни нерегуларности. Со тоа почнува финансискиот проблем“, изјави Рајчиноски. Тој смета дека од 2014 година студентските пари се трошат од лица кои не се легитимни претставници на студентите. Тој додава дека и покрај тоа што УКИМ го знае тоа, во моменталната ситуација нема механизам за заштита на студентите од телото што треба да го претставува, а де факто го искористува. „Нелегитимните претставници ги трошат студентските пари. Во изминатиов период бевме сведоци на финансиски извештај на СПУКМ кој говореше за плати и надоместоци на определени лица, телефонски сметки од над 1000 евра, патувања на светски дестинации и уште многу други ставки во извештајот кои укажуваат на расипничко трошење на парите на студентот, а ништо во насока на подобрување на образовниот процес и студентскиот стандард“, нагласува тој.

Полемиките околу трошењето на студентските пари не запираат. Студентската организација на УКИМ е поделена, и сè погласни се настојувањата, студентите на универзитетот, наместо формално правно, организирани како Здружение на граѓани, независни и неконтролирани од органите на универзитетот, целосно да се вратат во јатото на универзитетот каде што, заедно со професорите, ќе ја негуваат автономијата, но во исто време и пред студентите ќе бидат одговорни и контролирани за тоа како се трошат студентските пари.

Оставете коментар

Коментар(и)