Денешна дата
02/12/2020

Политичките партии потпишаа Декларација за соработка со младите

Тринаесет политички партии ставија потпис на Декларацијата за соработка со младите која ја подготви Националниот младински совет на Македонија

Во пресрет на парламентарните избори со потпишувањето  на Декларацијата, политичките партии се заложија во Собранието да се залагаат за унапредување на позицијата на младите во земјата.

Декларацијата за соработка со младите е подготвена од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), чадор организација на 56 младински организации, организации за млади, сојузи и подмладоци на политички партии во Македонија.

Претседателката на НМСМ, Ивана Давидовска, истакна дека иницијативата е по повод предвремените парламентарни избори и има за цел да ги повика партиите да ја искажат својата поддршка за младите со своите претставници во законодавниот дом.

Декларацијата е документ со 14 заложби од различни теми и аспекти, почнувајќи од младинско учество, образование, евроинтеграции, учество на младите во процеси на одлуки и таа има за цел да ги застапува правата на младите и да овозможи поголема соработка со парламентарците и политичките партии, односно да ја истакне улогата на Националниот младински совет како тело кое ги застапува правата и интересите на младите“, рече Давидовска.

Симона Сарделиќ, претседателката на подмладокот на Демократската обнова на Македонија (ДОМ) вели дека нивната младинска организација ги поздравува сите иницијативи во кои се вклучуваат младите и партиските подмладоци.

Сметаме дека политичките подмладоците треба да имаат поинаков третман во нашето општество и да се слушне нивниот глас затоа што и младите во политичките подмладоци имаат многу што да кажат и да бидат вклучени во сите процеси на одлучување и стратегии кои се однесуваат на младите“, рече Сарделиќ.

Декларацијата за соработка со младите треба да биде мотив за унапредување на статусот на младите во македонското општество. Во неа се утврдуваат заложби за унапредување на позицијата на младите преку: отворено и партиципативно креирање на политиките за млади на сите нивоа водени според принципите на младинското учество и правата на младите, отворено и инклузивно креирање на документи за млади, подобрување на статусот и можностите на младинските организации, поддршка на здружувањето на младите на сите нивоа и соработка со претставничките младински тела.

Ние го имаме уште истиот став дека за овие клучни прашања кои ги тангираат и ги засегаат младите, не треба да се делиме по било која основа, особено не по партиска и затоа го поддржуваме основањето на НМС. СДММ ќе продолжи  конструктивно да функционира во рамки на НМС и во Собранието и во сите институции на државата да се залага и да ги брани и штити правата на младите“, рече Претседателот на Социјалдемократската младина на Македонија, Стефан Богоев.

Во декларацијата се наведени и заложби за подобрување на економскиот стандард преку намалување на невработеноста на младите во Македонија, унапредување на здравствените политики за млади, заштита на правата на младите и борба против дискриминацијата.

На европско ниво, декларацијата предвидува застапување за остварување на евроинтеграциските процеси и европските вредности како предуслов за подобрување на социо-економската и политичката ситуација на младите и поддршка на Националниот младински совет на Македонија да ги претставува интересите на младите пред европските структури и процеси.

Партии кои дадоа поддршка на овој документ се: Aлијанса за позитивна Македонија, ВМРО –  Народна партија (ВМРО-НП), Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Демократска партија на Албанците (ДПА), Демократска унија за интеграција (ДУИ), Либерално демократска партија (ЛДП), Народно движење за Македонија, Нова социјалдемократска партија (НСДП), Обединети за Македонија (ОМ), Партија за економски промени 21 (ПЕП 21), Социјалдемократски созујз на Македонија (СДСМ) и Социјалдемократска унија.