Денешна дата
21/09/2017

НОВИНАРИТЕ ПОД ПРИТИСОК: ДУШЕВНАТА БОЛКА ПОСИЛНА ОД ЧЕСТА

Даниела Трпчевсска, новинар уредник

Ангела Петровска, новинар репортер


ДОКУМЕНТАЦИЈА


  

Лутите ривали, лидерите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и првиот човек на опозициската СДСМ, Зоран Заев наскоро би можеле да се соочат на дуел во судница околу случајот „Македонска банка“.

Апелацискиот суд две години по донесувањето на пресудата со која Заев беше осуден на парична казна од 50 илјади евра за клевета и навреда на тогашниот премиер Груевски, реши да го врати случајот на повторно одлучување. За Апелацискиот суд нема дилема дека Груевски е наклеветен и во тој поглед, неговата одговорност е потврдена. Но, повисокиот суд бара да се повтори постапката за висината на изречената казна и повторно да се преиспита колку тежи душевната болка на поранешниот премиер.

Ова е еден од 500-те судски процеси кои што се водат во скопскиот граѓански суд по одлуката за декриминализација на навредата и клеветата во 2013 година. Попрецизно, станува збор за вкупно 497 предмети за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета и надомест на штета.

 

ТУЖБИТЕ ФОРМА ЗА ПРИТИСОК

 

Адвокатот Филип Медарски во повеќе наврати бил ангажиран во одбрана на новинарите и граѓанските активисти во судските процеси против нив. Вели дека тужбите се уште се користат како форма за реваншизам и притисок

За жал, сметам дека тужбите навистина се користат запритисок, за реваншизам, но и како средство за заплашување и за замолчување на критичката јавност не само на новинари од критички настроените медиуми, туку и кон целокупната критички настроена јавност претставува цел на заплашвање со поднесените тужби“, посочува Медарски за СКУП.

 

Иако судот во дел од пресудите водел сметка висината на паричниот надоместок (од 6.000 до 20.000 денари) да биде одреден согласно економската ситуација во земјава, сепак постојат и исклучоци каде оние што го изгубиле спорот за клевета и навреда

биле должни да платат и над 150 илјади денари.

Случајот на новинарот Томислав Кежаровски а најеклатантен пример за притисокот врз медиумските работници, тренд кој во последните пет години се зголемува. Тој во 2013 година беше осуден со казна затвор за откривање на идентитетот на заштитен сведок во текст објавен во 2008-ма година. Но, симптоматичен е фактот што целиот процес против него почна во моментот кога објави истражување за сообраќајната несреќа каде животот го загуби Никола Младенов, познатиот македонски новинар и сопственик на неделникот „Фокус“.    

„Во мојот случај не беше онаа борба еден на еден, ниту пак еден на двајца туку еден наспрема стотици коишто се условно вплеткани во разно разни криминални работи. Во оваа прилика сакам да споменам и дека притисоците никој пат не престанаа“, вели Кежаровски.

Според Тамара Чаусидис, претседателка на синдикатот на новинарите, случајот Кежаровски е највпечатливиот пример за притисок врз новинар преку судска постапка. „Тоа беше репрезентативен пример за тоа како се замолкнува новинар којшто објавува нешто што во моментот на владеачкиот естаблишмент не му одговара“, смета таа.

Но, Кежаровски не беше единствената жртва. Новинарот Владо Апостолов, посочува дека токму во тој период, во таа 2013 година, тогаш еден од најмоќните луѓе во државата, шефот на тајната полиција Сашо Мијалков ја поднесува тужбата против него и против главниот и одговорен уредник на весникот Јадранка Костова а поради два објавени текста кои се засновани врз изјави на поранешниот амбасадор во Република Чешка, Игор Илиевски.

Една година потоа судот донесе одлука згаснатиот дневен весник „Фокус“ да му плати околу 9.000 евра обесштетување на Мијалков за нарушување на неговата чест и углед.   Основниот суд Скопје 2 донесе пресуда со која Јадранка Костова,  е казнета со 5.000 евра, новинарот Владо Апостолов со 1.000 евра, а уредникот и новинарот требаше да ги надоместат и судските трошоци.

За тој период од една година новинарот Апостолов вели дека сакал или не, сепак работел во грч и неизвесност како ќе заврши процесот.

„Тоа беше еден чувствителен период кога го уапсија Томче Кежаровски, кога се случи целата приказна „Шпиун“. Но тогаш загина и Никола Младенов. Многу чувствителни информации за високи функционери не се објавуваа во медиумите, токму поради тоа што колегите се плашеа да не им се случи истото што ми се случи мене“, се присетува Апостолов.

 

 

 

НАЈВИСОКАТА ПРЕСУДА ПАДНА НА СУД

 

Граѓанскиот суд во Скопје во 2014 година доби врел костен во рацете, кога требаше да ја донесе пресуда дали Заев го наклеветил Груевски со обвинувањата за сторен криминал при продажбата на „Македонска банка“. Груевски тврдеше дека со клеветата му е нанесена тешка душевна болка и дека му е нарушен неговиот и угледот на семејството. Тој уште истакна дека интензитетот од нападите на неговата личност бил толкав што тој, иако е човек со висок праг на толеранција, одлучил да поднесе тужба против лидерот на СДСМ.

Заев, пак, тврдеше дека постапувал според законите. Адвокатот на премиерот Груевски го намали побарувањето од Зоран Заев од 500.000 на 50.000 евра, со објаснување дека парите не се мотив за поднесување на тужбата, туку да се докаже чесноста на премиерот. Токму оваа пресуда сега е укината од страна на Апелацискиот суд поради висината на изречениот надоместок на штета. Останува да видиме како во повторената постапка ќе се позиционира првостепениот суд. Очекуваме одлука во тој случај“, вели Медарски, кој го застапува лидерот на СДСМ на суд.

Но, ова не е единствениот случај на високо изречена казна во спор меѓу двајца

политичари. Десет илјади евра е казната која што му беше изречена на лидерот на НСДП, Тито Петковски, кој што беше тужен од страна на тогашниот премиер Никола Груевски. Судот во јули 2013 година донесе пресуда со која Петковски беше осуден за клевета на Груевски. Тужбата беше поднесена поради изјава на Петковски за неделникот Фокус дека Груевски се согласил за промена на името, за што тој побара 15. 000 евра поради нанесена „душевна болка“.

 

СКОПЈАНИ РЕКОРДЕРИ ПО ТУЖБИ ЗА НАВРЕДА И КЛЕВЕТА

 

Политичарите и функционерите во Македонија сакаат да тужат за навреда и клевета и притоа тужат други лица, но се тужат и меѓусебно. Тоа го потврдуваат податоците добиени од 22 судови во земјава кои ги побара СКУП Македонија по Законот за слободен пристап до информации. Во периодот од 2011 до 2016 година поднесени се над 1.800 тужби во судовите во земјава. Од нив околу 1.000 се покренати во 2011 и 2012 година, пред декриминализацијата на навредата и клеветата, по што бројката на тужби опаѓа.

Основен суд / Град Година Број на тужби Казни
Охрид 2011 20 87.000 денари
2012 12
2013 12
2014 11
2015 14
2016 8
Крива Паланка 2011 15 7000 денари до 150.000 денари
2012 13
2013 4
2014 2
2015 4
2016 2
Куманово 2011 60 Од 10.000 до 900.000 денари
2012 53
2013 Од 2013 до 2016 имало 45 тужби
2014
2015
2016
Битола 2011 59
2012 40
2013 8
2014
2015
2016
Ресен 2011 3
2012 4
2013 ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА
2014
2015
2016
Делчево 2011 13 Во законскиот минимум
2012 28
2013 ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА
2014
2015
2016
СКОПЈЕ 1 2011 210
2012 157
2013
2014
2015
2016
Дебар 2011 2
2012
2013
2014
2016 1
Виница 2011 10
2012 10
2013 3
2014 3
2015 2
2016 0
Кочани 2011 20
2012 18
2013
2014
2015
2016
Кратово 2011 11
2012 7
2013
2014
2015
2016
Радовиш 2011 36
2012 17
2013 0
2014 4
2015 1
2016 2
Тетово 2011 9
2012 5
2013 1
2014
2015
2016
СКОПЈЕ 2 2011 /
2012 /
2013 497 предмети
2014
2015
2016
Струмица 2011 56
2012 34
2013 30
2014 20
2015 20
2016 23
Струга 2011 10
2012
2013
2014 6
2015 9
2016 2
Штип 2011 45
2012 19
2013 27
2014 9
2015 6
2016 4
Прилеп 2011
2012 38
2013
2014 19
Берово 2011 12
2012 12
2013 /
2014 1
2015 1
2016 1
Неготино 2011 11
2012 3
2013 6
2014 3
2015 1
2016 2
Крушево 2011 1
2012 2
2013 2
2014 1
2015 1
2016 1
Кичево 2011 1
2012 4
2013 /
2014 2
2015 7
2016 9

 

Во судот во Кичево лани е евидентирано зголемување на бројот на тужби за навреда и за клевета. Овој суд во 2011 година работел на само еден случај и тоа за клевета. Статистика на на овој суд покажува дека во 2013 година немал ниту еден предмет од оваа област но за веќе во 2015 година да започне трендот на поднесување на се поголем број тужби. Така од 2 тужби во 2014-та да достигне  16 за последните две години.

Скопјани се рекордери по тужбите за навреда и клевета. Скопските судови се преплавени со „навредени и наклеветени“ клиенти. Па така на пример, само во скопскиот кривичен суд во 2011 и 2012 година биле поднесени 367 тужби. Овој тренд продолжува и подоцна, по донесувањето на Законот за декриминализација, по што споровите преоѓаат во рацете на прекршочниот суд.

Во Основниот суд Скопје 2 во периодот од 2013 до 2016 година евидентирани се вкупно 497 предмети. Се тужеле и политичари и бизнимени, но од притисокот не куртулиле ниту новинарите. Тие се јавуваат во својство на странки во постапките во 173 предмети. Новинарите се тужени во дури 117 предмети, се одлучиле да тужат во 17 предмети, а меѓусебно се тужат во дури 39 предмети.

Жителите на Дебар пак, се ослободени од ваквиот стрес – само еден нивен сограѓанин годинава се одлучил душевната болка да ја „залечи“ на суд.

„Рекордери“ по тужби се и струмичкиот, кумановскиот и битолскиот суд. Ако во Струмица во 2011 година имало вкупно 56 тужби за навреда и клевета, во 2016 бројот на спорови е намален на 23. Слично е и во останатите судови. На пример во Куманово во 2011 година имало дури 60 тужби за клевета и навреда, за по декриминализацијата да бидат поднесени 45 предмети – но за период од четири години. Најдрастично опаѓање на бројот на предмети кои се водат за навреда и клевета пред и по декриминализацијата се чини има во битолскиот суд – таму ако во 2011 година се воделе 59 предмети, во 2013 – се свеле само на осум тужби.

Новинарката на БИРН, Мери Јордановска, во моментив се соочува со две тужби. Едната е поднесена од страна на главниот уредник на Сител, Драган Павловиќ Латас и втората е од уредничката во Вечер, Ивона Талевска.

„Судските процеси траат многу долго, судовите се крајно пристрасни кон новинарите кои работат во медиумите блиски до власта и на тој начин се стекнува впечаток дека сакаат да извршат константен притисок и страв дека моќе да ви биде поднесена нова тужба“, раскажува Јордановска.

 

ЗА ДУШЕВНАТА БОЛКА

„Моето чувство и уверување, а од лично искуство, е дека многу често, најчесто, единствена цел кога се поднесуваат тужбите под изговор за „навреда“ и за „клевета“ е да се изврши притисок и во тој временски период додека трае тужбата, а богами и после тоа, новинарот да не се осмели повторно да напише што било против моќникот за кого пишува. Да се заплаши и да му се прати порака дека за кој било збор што натаму би го кажал, што повторно би го напишал, ќе биде под закана за нова тужба и за ново судско малтретирање.

Јас тоа го почувствував“, – Мери Јордановска, новинарка

 

КОЈ ОДГОВАРА ЗА НАВРЕДА

 

Интензитетот со кој политичарите и државните функционери го користат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, претставува исклучително важен индикатор за нивниот однос кон слободата на изразување и кон јавната дебата воопшто. Во Извештајот на Прибе, јасно е наведено дека: „Дејствијата на клевета не треба да се користат како средство за задушување на дебатата или пречка за јавните личности да се повикаат на отчетност. Постои особено загриженост кога политичарите тужат новинари за клевета, но и кога тужат и други политички личности, наместо да ги решаваат нивните разлики преку други средства како јавна дебата.“

Границата на новинарскиот израз се дефинирани во Кодексот на новинарите на Македонија. Клучно е новинарите да ги проверат нивните информации пред да ги објават, најмалку од два независни извори, а тогаш кога тоа е неможно мора да наведе дека се работи за непотврдени информации или шпекулации.

Не е својствено за еден професионален новинар да користи вулгарен јазик во комуникација со јавноста. Тој има обврска како новинар да ја негува културата на говорот и етиката затоа што мора да води сметка за угледот и достоинството на новинарството како професија“, вели првиот човек на ЗНМ, Насер Селмани.

 

СУДИИТЕ СО ДВОЈНИ АРШИНИ

 

НВО Инфоцентарот во соработка со Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) во 2015 година подготви извештај за судските случаи за навреда и клевета во кои се вклучени политичари и државни функционери, а за кои е надлежен Основниот суд Скопје 2 . Во периодот од три години, политичарите се јавуваат како странки во дури 43 судски случаи за навреда и клевета. Во 58% (25) од постапките, политичарите се јавуваат како тужители, а во една петина од судските случаи – 20% (9) – политичарите се тужат меѓусебно. Според Основниот суд Скопје 2, во текот на 2015 година, во сите 9 нови случаи за навреда и клевета во кои како странки се јавуваат политичари – тие се тужат меѓусебно.

„Душевна болка“ е најголемата злоупотреба на психијатријата

Психијаторот Георги Чадловски за оваа сторија ја толкува појавата „душевна болка“: „Покрај материјален апспект, односно финансиите каде што станува збор за штета од една до 50 илјади евра, притисокот има има влијание и од аспект на личните интереси и на самиот психијатар како мотив за негово натамошно унапредување во кариерата. Но човек кој има претрпено „душевна болка“, наместо да се појавува во Собрание и да држи говори како ништо да не се случило, потребно му е, најмалку од два до три месеци, да престојува или да посетува специјализирана установа каде што ќе се лекува. Во психијатријата не се мери квантитетот на болката туку само се одредува временскиот период кој е потребен да се лекува растројството“.

НЕМА НАПРЕДОК ВО ТОЛКУВАЊЕТО НА ПОИМОТ „ СЛОБОДА НА ИЗРАЗУВАЊЕ“

Поранешната министерка за правда Мери Младеновска се присетува на периодот пред декриминализацијата на клевета и навредата и причините кои доведоа до тоа.

„Ако се вратиме години наназад, секогаш постоеле различни критики во однос на постапките кои се воделе против новинарите за порано кривичните навреда и клевета, па еве сега за да дојдеме од една ситуација кога има декриминализација. Меѓутоа, можеме да констатираме дека нема напредок во однос на прашањето што значи слобода на изразување. Токму заради кривичната одговорност и казните коишто беа предвидени во Кривичниот законик за делата клевета и навреда во еден период се направи напредок со цел да се оневозможи казнување, да се укине казната затвор за овие кривични дела. Но, тоа не беше доволно“, вели Младеновска.

Според неа, со донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета во 2012 година направен е само напор. Меѓутоа, она што го гледаме во пракса апсолутно не одговара на интересите на новинарите, но и општо на слободата на говор, слободата на изразување.

„Во предметите што се водат во судовите може да забележиме дека најчесто се поднесуваат тужби и против новинари коишто пишуваат против власта или пак тужби коишто ги поднесуваат новинари блиски до власта до  нивни неистомисленици. Секако на удар се и политички личности, носители на функции, партиски и политички од опозицијата и тоа воопшто сметам дека не значи развој на демократијата преку слобода на изразувањето, туку директно загрозување и ограничување на слободата на говорот. Казните коишто се изрекуваат против новинарите коишто се „огрешиле“ против политичките функции се навистина огромни. Понекогаш достигнуваат до петоцифрени бројки во евра, па, оттука се поставува пршањето: дали можеби претходно ,кога имаше Закана за казна затвор, дали таа алтернатива, беше подобра од сегашнава состојба“, констатира и се прашува Младеновска.

 

Проширена верзија на оваа статија можете да прочитате на овој линк.


Оваа истражувачка сторија е изготвена во склоп на проектот „Истражувачко новинарство чувар на демократијата и човековите права“, финансиран од Европската Унија и Британската амбасада во Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада во Скопје.

Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „Заштита на правата преку истражувачко новинарство”, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.

 

 

 

 

 

Оставете коментар

Коментар(и)