Денешна дата
11/12/2018

2004 година – превирања и поделби во ВМРО-ДПМНЕ

Младиот партиски лидер Никола Груевски во 2004 година, периодот за кој неговиот сегашен политички опонент Зоран Заев тврди дека нелегално земал милион и пол евра од контроверзниот бизнисмен Нини, имаше многу работа пред себе

Годината на загинувањето на Трајковски, односно 2004 година,како што тврди Заев, не е само клучна за трансакциите поврзани со Македонска банка. Таа година е клучна и за ВМРО ДПМНЕ,бидејќи Груевски ги доживува и најголемите внатрешнопартиски превирања

Со нешто повеќе партиски претседателски стаж од Заев, тогаш и ВМРО-ДПМНЕ е во лоша ситуација, слично како СДСМ периодов, а актуелниот премиер се справуваше со сериозни внатрешно-партиски проблеми. Ниту општата политичка слика не му одеше во полза на Груевски, бидејќи на јавната сцена дел од партиските претставници веќе имаа сериозна етикета на корумпираност и на нечесност.

Заев на неодамнешната прес-конференција на која ја објави аудио-снимката од разговорот на кој тврди дека се слушаат гласовите на Груевски, посредникот и на Нини, тврдеше и дека трансферите се случувале непосредно по смртта на Борис Трајковски.

Од телефонскиот разговор за кој СДСМ тврди дека е автентичен, а ВМРО-ДПМНЕ го нарече монтажа, може да се разбере дека се работи за продажба на Македонска банка за 900 илјади евра. За возврат, според аудио-снимката за која автентичноста допрва ќе се докажува, новиот сопственик на Македонска банка повеќе од милион евра би требало да ги исплати во кеш.Конкретно, во аудио-снимката неименуваниот соговорник вели дека веднаш по потпишувањето ќе се исплатат на две рати по 200 илјади евра, а десет месеци ќе се исплаќаат по 100 илјади евра.

Српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ – Нини, според информациите од Народна банка, Македонска банка ја купил во 2003 година.

Ако се следи објавата на лидерот на СДСМ дека трансферите на „црните пари“ се одвивале по смртта на Трајковски, тогаш се работи за периодот кон крајот на февруари или почетокот на март 2004 година, бидејќи Претседателот загина на 26 февруари.

Gruevski i Georgievski Vest 1

Во 2003 година во мај, на партискиот конгрес што се одржа во Охрид, Груевски беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и го наследи Љубчо Георгиевски, дотогашниот претседател на партијата од нејзиното основање. Зборувајќи пред делегатите и двајцата изразија незадоволство од тогашните раководни кадри и ја навестија потребата од нови луѓе во партијата.

На конгресот, Георгиевски, објаснувајќи го извештајот за работата на партијата, откри и дека има сериозни проблеми во тогашното партиско ткиво што му го препушти за раководење на Груевски.

„Осумдесет отсто од пратениците ги уценуваа партијата и Владата, тие имаа разни списоци на желби. Драстичен пример беше кога имавме тесно мнозинство и ни требаше уште еден глас за опстанок на нашата Влада, пратеникот М.С., без „перде“ побара 150.000 германски марки за да гласа за својата партија. Тоа е дел од нашиот пораз. Порачувам тоа во иднина да не се повтори“, нагласи тогаш Георгиевски.

Новиот лидер, пак, вети „нов лик“ на партијата.

gruevski izbor vest

„ВМРО-ДПМНЕ ако понуди нов лик во комбинација со нови идеи и поголема поддршка на нови луѓе, ќе ја преземе водечката улога“, порача Груевски пред десетина години.

И покрај ваквите позитивни ветувања на новиот лидер, „војводата“ Георгиевски беше оној што беше испратен со солзи од партиските делегати, а Груевски, пак, дочекан со доза на недоверба од дел од членството.

 

 

 

Случувањата во Панорама

Младиот наследник на дотогашната вмровска икона во 2004 година, кога Заев сега тврди дека се вршени трансферите на парите од продажбата на Македонска банка, беше принуден да се соочува со силни превирања, поделби и намалување на членството на партијата.

Имено, откако во април таа година, по загинувањето на Трајковски и предвремените претседателски избори, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Сашко Кедев ја загуби битката од Бранко Црвенковски, расколот во ВМРО-ДПМНЕ кулминира со случувањата во скопскиот хотел Панорама.

Неколку стотици вооружени членови на партијата и нивни блиски, еден месец по вонредните претседателски избори, односно во мај 2004 година, бараа да прекине седницата на Централниот комитет и раководството да си поднесе оставка.

„Пред паркингот на хотелот Панорама беа собрани приврзаници на Љубчо Георгиевски, Љубе Бошковски и стотина припадници на лавовите. Меѓу нив можеа да се видат екс-пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Горан Невеновски, Владо Сугаревски, против кои МВР има поднесено кривични пријави, десната рака на Бошковски, Зоран Крстевски, глумецот Тони Михајловски, како и лица од личното обезбедување на Георгиевски, кои го чекаа доаѓањето на лидерот Никола Груевски, потпретседателката Ганка Самоиловска – Цветанова и Сашко Кедев. Нивното доаѓање беше проследено со скандирањето на имињата на Љубчо и Љубе и барање оставка на раководството. Седницата се одржуваше под опсада од приврзаниците на Георгиевски“, ја опишуваше дневниот весник Вест зовриената атмосфера пред хотелот.

На Груевски му се спротивстави и тогашниот генерален секретар на партијата Ден Дончев. Тој тврдеше дека седницата на централниот комитет е вон статутарна.

„Секретарот на партијата го организира подготвувањето на седниците на ЦК, Извршниот комитет, Годишното собрание и други седници на партијата. Иако децидно тоа е наброено во статутот, јас не учествував“, наведе Ден Дончев во тогашното соопштение од позиција на партиски генерален секретар.

Потоа Дончев замина од партијата и стана член на новата ВМРО-Народна партија, која во јули истата година ја формираше Георгиевски.

Партиската врска во Македонска банка

Во новата партија на Георгиевски тогаш заминуваат и Војо Михајловски и Ламбе Арнаудов. Двајцата заедно со шоферот на Михајловски се сметаат за вмровската врска во Македонска банка. Ламбе Арнаудов како директор на ЕСМ и Михајловски како генерален секретар на партијата и прв човек на Фондот за здравство, откупија дел од акциите на банката во 2001 година. Од медиумите беа нарекувани триото главни актери во вмровската игра за преземање на финансиската институција.

„Триото акционери на 27 проценти акции во Македонска банка, Ламбе Арнаудов, Војо Михајловски и неговиот возач Маријанчо Конески, вчера се собрале на доручек во Фондот за здравство. Како што дознава Вест, тројцата главни актери на вмровската игра со Македонска банка, во претпладневните часови, многу убаво расположени, пристигнале во Фондот со службената сребрена ланчиа на Војо Михајловски. Веднаш потоа Михајловски ги откажал сите договорени состаноци и ја заклучил вратата на Фондот, буквално за сите странки“, објави весникот Вест во 2001 година.

gruevski i georgievski dnevnik

Српскиот бизнисмен, пак, стана сопственик на Македонска банка кон крајот на 2003 година.

„Нини стана сопственик на Македонска банка откако на берза ги откупи акциите од поединци и фирми од ДПМНЕ. За контролниот пакет-акции, вкупно плати 900 илјади евра. Главната работа за оваа трансакција ја завршил со Ламбе Арнаудов и со Војо Михајловски. Средствата за откупот на акциите ги уплатил на нерезидентни сметки во Македонска банка, тврдат наши извори од банкарството“, пишуваше неделникот Глобус во 2009 година.

И во телефонскиот разговор што го објави Заев, лице кое се претставува како бизнисменот Нини изразува задоволство од соработката со партијата.

„Јас имам видено многу добро од таа партија, од тие луѓе и од сите вас, значи комплетно како тим, според тоа нема тука сакам – не сакам, можам не – можам“, се слуша на аудио-снимката.

Инаку Михајловски и Арнаудов беа изложени на најголем удар во јавноста за корумпираност и сомнителни партиски зделки. Но, во нивна јавна одбрана во тој период најгласно застана Георгиевски. На изборниот конгрес во Охрид дојде и Михајловски, кој беше пуштен од затвор за да присуствува на партискиот избор. Георгиевски за него и за Арнаудов рече дека се реформатори и инвеститори, квалификации кои беа дочекани од присутните со аплауз.

Ламбе Арнаудов остана близок со Георгиевски. Тој е втор на листата на ВМРО-НП за избор на пратеници во третата изборна единица на овие избори.

ВМРО-ДПМНЕ низ годините

14 јуни 2001 година: Михајловски и Арнаудов купија дел од акциите во Македонска банка.

24 и 25 мај 2003 година: изборен конгрес во Охрид, Груевски избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

2003 година: Јовица Стефановиќ – Нини влезе во Македонска банка.

14 и 28 април 2004 година: Сашко Кедев ја изгуби трката за претседател од Бранко Црвенковски.

14 мај 2004 година: Случувањата во и пред хотелот Панорама.

4 јули 2004 година: Љубчо Георгиевски ја основа ВМРО-Народна партија.

 

Некогаш моќниот Михајловски, пак, последно во партиски контекст беше споменат во 2012 година и тоа во реакција со која партијата на Георгиевски, ВМРО-Народна партија, од него се дистанцира.

Сакаме да ја информираме јавноста и медиумите дека Војо Михајловски одамна е член на ВМРО-ДПМНЕ.Тој замина со групата на Весна Јаневска, Љупчо Јакимовски, Жарко Караџовски, Спиро Ристевски, Александар Георгиев, Паско Кузман и други“, сооштија од партијата на Георгиевски.

Партиските функционери што ги споменува ВМРО-НП во соопштението не се единствените кои по партиските поделби одлучија повторно да му се вратат на Груевски. Во годините на поделби, на вмровското ткиво се формираа неколку партии со тој предзнак во името, но поголемиот дел од нив решија повторно да се вратат во ВМРО-ДПМНЕ.

Лектор: Елена Цуцулоска

dimeska@inbox7.mk