Денешна дата
17/12/2017

ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА ГО ПОТРЕСЕ И БИЗНИСОТ – СТРАВ, ПОВЛЕКУВАЊА И ПРЕНОС НА КАПИТАЛ

Автор: Горазд Чомовски

 

Појавувањето на ТВ Нова на медиумскиот пазар во 2015 година предизвика големо внимание во јавноста. Во истата година, сопственикот на овој медиум, Сеад Кочан, преку неговата фирма „Трансмет“ имаше склучено договори за градежни работи со државни фирми во износ од 3,2 милиони евра.

Растот на неговите бизниси беше брз, успех кој експертите го препишуваа на неговата блискост до власта. Во една од прислушкуваните материјали, кои ги објави опозицијата, од страна на екс-премиерот Никола Груевски беше спомнато и неговото име. Во разговор со поранешниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, Груевски ургира да му се заврши работа на бизнисменот кого го именува како „тој што има Сеад Ибиза“.

Ова беше доволно за Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да покрене нов случај, кој го наслови како „Труст“, во кој Кочан како сопственик на „Трансмет“, заедно со овластениот потписник на „Силекс неметали“, Василије Авировиќ и управителот на фирмата „ВАТО“ од Скопје, Сафет Ватиќ, се осомничени дека со фалсификувани документи добиле тендер во износ од 17 милиони евра.

Истражувањето на СКУП покажаа дека фирмите на Кочан во изминатиот период добиле тендери во износ од околу 56 милиони евра.
(стави го курсорот на круговите за повеќе детали)

извор: Електронски систем за јавни набавки

Според податоците  на Централен регистар од  декември 2016 година, Кочан лани се јавува како  основач на компаниите „Трансмет“ и  „ТВ Нова“, како и на две други  фирми „БКС компанија ДОО експорт-импорт“ и „Друштво за промет и услуги Тибел-медиа ДОО Скопје“ каде годинава не може да се види како нивен основач што значи се повлекол оттаму. Иако Кочан се уште се јавува како основач на „Трансмет“ и „ТВ Нова“, сепак, промени во овие фирми имало. Според НОВАТВ, сопругата на Кочан, Асмира Кочан, се повлекла од менаџерската позиција во фирмата „Трансмет лаб ДООЕЛ“-фирма ќерка на „Трансмет ДОО“. Овие промени, според медиумот, се случиле неколку дена откако нејзиниот сопруг ја напуштил државата. Таа исто така се повлекла од директорската позиција во „ТВ Нова“, а, периодот коинцидира со предистражните дејствија за „Трансмет“ од страна на СЈО, тврди Нова ТВ.

Откако Кривичниот совет на Основиот суд Скопје 1 издаде наредба за приведување на Кочан, тој од 9-ти март е недостапен за органите на прогонот.

Но едно друго звучно име направи вистински потрес во јавноста. Најбогатиот човек во земјава (според Форбс), бизнисменот Јордан Камчев односно неговата фирма „Орка Холдинг“ во февруари годинава излезе од сопственичката структура на најголемиот медиумски магнат Медиа Принт Македонија само два дена пред истражителите на Специјалното јавно обвинителство да влезат во просториите на МПМ, фирма која ги издава трите најтиражни весници во земјава. Сето ова се случуваше во период кога вработените штрајкуваа за неисплатени плати и придонеси.

 

 

БИЗНИС ЗАВИСЕН ОД ПОЛИТИКАТА

 

Камчев, кој инаку важеше за близок до актуелната владејачка гарнитура минатата година беше на распит во СЈО, но ги одбегна новинарите за да каже во кое својство бил повикан. Во последните години тој го прошири својот бизнис. Освен што стана познат како ко-сопственик на болницата „Аџибадем Систина„ и по сопствеништвото над најтиражните весници, тој го прошири својот бизнис и во земјоделството, градежништвото преку фирмите „ЗИК Пелагонија Битола“ и „Бетон Штип“, фирмата која доби тендери за проектот „Скопје 2014“ во износ од најмалку 46 милиони евра, а за кој проект СЈО заплени дел од документацијата.

извор: Електронски систем за јавни набавки

Но, за разлика од лани, годинава Камчев го нема во сопственичката структура на млекарата „Здравје Радово“, каде беше ко-сопственик заедно со рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, како и со еден од основачите на „Пелистерка“, Цветан Панделески.

извор: Електронски систем за јавни набавки

Освен Камчев и Кочан, во последниве две години бизнисите главно ги добивале и „Гранит“ предводен од Страшо Милковски, „Силекс-Неметали“ чиј главен сопственик е Љубисав Иванов-Ѕинго и „Бетон Скопје“ каде доминира акционерството на Минчо Јорданов. Секој од нив бил пратеник или министер номиниран преку СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, а во случајот на Ѕинго и од двете опции.

Никола Поповски, ексминистер за финасии, вели ако еден бизнис се развил користејќи ги привилегиите од политиката, тогаш се нормални потресите кои ги предизвикува секоја промена на власта.

Кога фирмите своите економско-финансиски позиции ги јакнат и издигнуваат преку државен интервенционизам, блискоста со власта, користените повластици, наместени тендери и на тој начин се развивале брзо и нелогично, тогаш сосема е предвидлива  нивната реакција на внимателност и страв од промената на власта“, вели тој. „Штом бизнисот донел профит на незаконски начин и со непазарна фаворизација, таквите газди сакаат да се ослободат од сопствените фирми и набрзина ги продаваат.“

Во македонската транзиција секоја власт има свои тајкуни. Самата ги создава или ги презема, како ”сончогледи”, политички синоним и за претприемачите-шетачи од една до друга партиско-владина елита. За двете категории на фирми, во изминатава декада беше од исклучителна важност блискоста со власта, достапноста  до непазарни привилегии, тендер-бизниси, поделба на профитите или провизиите.

 

Според Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), за јавни набавки и тендери годишно се издвојуваат околу една милијарда евра од централниот и локалните буџети, како и за инвестициите од акционерските друштва во државна сопственост. Секоја петта фирма од 70-те илјади активни компании била вклучена во бизнисите од јавните набавки и тендери чиј годишен обрт е една третина од актуелниот буџет.

Работата на СЈО ги размрда бизнисите кои беа најголеми добитници на тендери и ја отвори темата за можната конфискација на имот и средства, во случај осомничените да не можат да докажат дека го стекнале на легален начин.

Татјана Ашталкоска Балоска, универзитетски професор, вели дека привремено замрзнување на имотот е дозволено со Закон за кривична постапка. „Тоа е начин да се реализира  конфискацијата како посебна казнено-правна мерка“, додава таа.

Проблемот, според Ашталкоска Балоска, е во делот на извршување на конфискацијата како мерка.  „Судот може во било која фаза на постапката да донесе одлука за замрзнување на имотот откако е започната кривична постпка. Сета корист која што е конфискувана и посредна и непосредна може да оди во буџетот. Префлањето на товарот на докажување не е врз обвинителот, туку врз лицето кое што има имотна корист. Осомничениот ќе треба да докаже дека таквата имотна корист ја стекнало на легален начин. Праксата покажа дека имаме проблем, прво со изнаоаѓање на имотната корист, второ утврдување на една каузална врска на таа имотна корист и конкретно кривично дело.“

Податоците покажуваат дека секој четврти јавен повик објавен од државните институции има само по еден понудувач. На државните тендери со години учествуваат и ги добиваат скоро исти фирми.

 

КОРУПЦИЈА ВО ПРИЈАТЕЛСКИТЕ БИЗНИС-ЗДЕЛКИ

 

Експертите велат дека таквите привилигирани бизнис статуси и зделки секогаш  започнуваат со корупција или поделба на пленот-профитот. При тоа се форсираат комбинирани модели. Еден од нив е финансиски контроли, затворање на бизнис каналите и потоа непријателско преземање на компаниите. Вториот начин за легализација на криминалните донации, провизии, пари од мито, е напад на берзата со откуп на малцински акции со право на глас, не повеќе од 4,99 насто, што гарантира анонимност на доносителот. За да се сокрие трагата на дел од капиталот зпочна процес на ситнење на формите, нивно ребрендирање или се регистрираа т.н сателит  човек-фирми, кои, по правило, беа поврзани со базичната “странска“, чие седиште е некаде на островските оф-шор компании.

Според екс-министерот за финансии, Никола Поповски, се формираа концентрични кругови на бизнис поврзување: вертикално Влада-фирми, потоа главен изведувач и многу ад-хок формирани фирми подизведувачи.

„За една деценија бележиме фирми-поединец или компании што беа формирани со 1о-15 вработени да вработуваат по 20 пати повеќе вработени. Благодарение на фаворизираните привилегии кај власта, со наместени тендери, дел од овие фирми вртоглаво го ширеа бизнисот и дисперзираа капитал во здравство, банки, земјоделие, медиуми, градежништво…“, вели Поповски.

Името на екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, често беше спомнат во контекст на релацијата влада-бизнис, а во неколку наврати и како сопственик на компании. Но, за бизнисменот Трифун Костовски, Мијалков не е бизнисмен. Каде е, во кои фирми е регистриран негов бизнис? Со што управува на пазарот, освен со моќта на Владата и институцијата со која до вчера раководеше?, прашува тој.

Странските инвеститори, вели тој, „како по правило, сакаат да бидат близу до власта, да се идентификуваат со владејачката гарнитура што ги генерира бизнис повластиците.“

„Г-ин Самсонеко, кој не го осудувам, само ги искористи бенифициите што досегашната Влада му ги додели. Тој самиот вели дека плаќањето комуналии за неговите објекти е заборавена обврска. Но Самсоненко е бизнисмен и логично е, по одреден период, да пресели дел од својот капитал. И Орце Камчев е стопанственик, но Сашо Мијалков, јас не знам дека е бизнисмен“, вели Костовски.

 

ПОВЛЕКУВАЊЕТО КАКО СПАС ОД ОДГОВОРНОСТ

 

Адвокатот Сузана Јошевска Анастасовска вели дека во други случаи, повлекувањето од управувачките места може да значи тргање на одговорноста за фирмата од себе.

„Слично нешто беше случајот на Крпач. Тој бил сменет кога почнувал да поставува прашања за работењето на фирмата која добива тендери, а нема ниту еден вработен, на која е тој директор, а основач е американска фирма со чии луѓе тој никогаш не се сретнал и видел“, додава Јошевска Анастасовска.

Според неа, имотот и имотната корист прибавени со извршувањето на кривичното дело се утврдуваат во кривична постапка.

„Јавниот обвинител е должен во текот на постапката да собира докази и да ги извидува околностите што се од важност за утврдување на имотот и имотната корист и да предлага мерки за нивно привремено одземање. Притоа, доколку се утврди дека определен имот е стекнат со кривично дело и понатаму на некаков начин е оттуѓен или пренесен, тоа не ја спречува конфискацијата и можноста обвинителот да бара да се „замрзне“ имотот во текот на постапката, а ако се утврди дека тоа е имот стекнат со кривично дело, понатаму и да се конфискува без оглед на тоа дека е пренесен на друго односно трето лице, секако почитувајќи ги специфични услови и рокови кои се определени во Законот за кривичната постапка“, вели Јошевска Анастасовска.

Со други зборови, појаснува таа, „доколку обвинител утврди принос од кривично дело и понатаму пренос на тој принос на друго лице и сето ова успее да го докаже, теоретски гледано, сепак тој имот може да се бара да се „замрзне“ и понатаму, конфискува, без оглед што е оттуѓен и гласи на трето лице. Ова нормално во голема мера ја комплицира постапката, но теоретски е возможно.“

 

БЕСА АРИФИ: СЕ ПЛАШАТ ОНИЕ КОИ РАБОТЕЛЕ НЕЗАКОНСКИ  

СКУП Македонија : Како го толкувате повлекувањето на бизнисмените од  сопственичката структура  на компанијата и директориските позиции?

 

Беса Арифи: Мислам дека е тоа задоцнет акт. Без разлика на тоа дека сега не фигурираат како основачи на фирми во врска со кои постојат индиции за извршување на тешки кривични дела од областа на корупцијата, сепак тоа не ја брише нивната улога во основањето на тие фирми како и одговорноста во врска со нивото работење. Ситуацијата е иста на пример со оставката на Груевски или Јанакиевски или Јанкуловска. Фактот што тие не се повеќе владини функционери не ја исклучува нивната одговорност за наводите за тешки кривични дела сторени во времето кога ги извршувале своите функции.

 

СКУП Македонија : Дали треба да им се замрзне имотот, а потоа и да се конфискува на сите бизнисмени и политичари за кои постојат индиции за противзаконско работење?

 

Беса Арифи: Во членот 202 на ЗКП е предвидена можноста за Привремено одземање на имот или предмети заради обезбедување, со што може да се спречи користењето, отуѓувањето или располагањето со тој имот или предмети. По таквото барање на јавниот обвинител судот е должен веднаш да одлучи а најдоцна во рок од 12 часа, што кажува многу за итноста на оваа мерка. Мислам дека е многу важна мерка која треба да се употребува за двојна цел: го отежнува оддалечувањето на осомниченото лице од земјата, а истовремено привремено го замрзнува имотот со цел истиот да се обезбеди во случај на конфискација. Бидејќи, без таа мерка, може да се случи да не постои имот кој треба да се конфискува. Меѓутоа, за да се зборува за овие мерки кои во нормални земји се обични чекори во гонењето на кривичните дела, треба да постои систем на владеење на правото во кој судот соработува со обвинителството во борбата против криминалот, а не како во нашата земја каде судот јавно и намерно ја попречува работата на СЈО со тоа што ги одбива најголемиот дел од нивните барања за притвор, мерки на претпазливост па дури и барањата за претрес.

 

СКУП Македонија : Како ја оценувате досегашната работа на СЈО и динамиката со која се процесурираат предметите и зошто одредени политички и бизнис моќници се плашат од тимот на Катица Јанева ако се сигурни дека работеле согласно законот?  

 

Беса Арифи: Мислам дека е тоа прва реакција на паника на лица кои знаат дека направиле нешто што не треба да го прават. Човек кој знае дека постапувал според законот и дека работел според предвидените правила нема причина да се плаши, а дотолку помалку од една независна институција како што е СЈО. Да не заборавиме, СЈО ужива најголема доверба од страна на граѓаните и претставува институција формирана за да го гони криминалот независно и непристрасно откако се утврди дека регуларното Јавно обвинителство истото не е во можност да го прави. Затоа, тие што се плашат од СЈО, сигурно знаат добро што направиле во минатото и се свесни со што ќе се соочуваат во иднина и затоа се во паника. Во врска со динамиката на работењето на СЈО, мислам дека направиле одлична работа до сега во однос на условите во кои работеа, услови на целосно саботирање на нивната работа од страна на државните институции а особено од страна на Основниот суд Скопје 1. Доколку постоеше една поголема соработка, наместо опструкциите со кои СЈО се соочуваше, сигурна сум дека тие ќе беа уште поефикасни во нивната работа.

Годишниот план за работа е поддржан од Цивика мобилитас“.

civica_mobilitas_logo

„Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на СКУП Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат“.

 

Оставете коментар

Коментар(и)